Економија
Сачи&Сачи Македонија со две Гран при награди и три злата на фестивалот Голден Драм
На 23-тиот Голден Драм, најпрестижниот адвертајзинг фестивал во Европа, кој се одржа од 18-21 октомври во Љубљана, Сачи&Сачи Македонија дел од Publicis One за кампањата Sea Hero Quest освои две Гранд При награди (во категориите Mobile и Activation programme) и три злата (во категориите: Digital, Branded Content и New or innovative ).
Кампањата “Sea Hero Quest“ која годинава нанижa награди на сите фестивали низ светот каде што се појави, доминираше и во Љубљана, каде беше прогласена за најдобрата кампања во 2016 година. Василије Ќорлука од Publicis One се закити со престижното признание Golden Watch award како креативен директор на најдобрата кампања во 2016 година. “Идејата за оваа игра за мобилен телефон, која ја разви Дојче Телеком се роди токму во нашата агенција. Тоа е доказ дека и една мала агенција од мала земја како Македонија, може да креира идеи која ќе имаат интернационален успех. Играта досега е превземена повеќе од 2.4 милиони пати, помагајќи ги истражувањата за борба против деменција. Горди сме на овој наш успех, среќни сме и искрено се надеваме дека “Sea Hero Quest“ ќе помогне на многу луѓе во светот кои имаат проблем со оваа болест., изјави Василиjе Ќорлука. “Кога имате креативен и инспириран тим не постојат никакви лимити, тогаш можете да креирате идеи, концепти кои ги надминуваат локалните граници, и се применливи насекаде. Но истовремено сакам да истакнам дека секој наш успех е пред сѐ резултат на довербата која што нашите клиенти ни ја даваат. Му благодариме на Македонски Телеком што ни овозможи да бидеме дел од овој успех. Sea Hero Quest е спој на креативнота и општествената одговорност, потврда на исклучителната работа и посветеност на вработените во Publicis One” изјави Александра Дилевска Симова, извршен директор на Publicis One. Агенцијата Publicis Романија/ Publicis One доби признание Golden Rose Award за најуспешна агенција во изминатата година, додека агенцијата McCann Worldgroup за најуспешна агенција на фестивалот.Истовремено во Off Drum натпреварот Ljubljana Poster Award младите креативци од Publicis One освоија второ и трето место. Дијана Димитриевска, Деница Бојаровска и Нино Илиевски второ место за постерот “BeTheBeat”, додека Дијана Димитриевска трето место за постерот под наслов “Ние сме еден”. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

