Економија
Саудиска Арабија ги издаде првите меѓународни обврзници
Саудиска Арабија првпат на меѓународните пазари издаде обврзници во вкупен износ од 17,5 милијарди долари, привлекувајќи ја побарувачката чијашто вкупна вредност била четири пати поголема од бараниот износ, објавија во четвртокот претпладнето официјалните медиуми.
„Вкупниот износ од првата емисија беше 17,5 милијарди долари. Вкупниот износ на претплатите на обврзниците беше 67 милијарди долари (251,3 милијарди саудиски ријали)“, објави саудиската новинска агенција SPA.
Упатени извори за AFP во средата потврдиле дека „условите се објавени“, напомнувајќи дека Саудиска Арабија го поделила вкупниот износ на три транши со рок на доспевање од пет, 10 и 30 години, скроени специјално за американскиот пазар. Интерес покажале и многу купувачи надвор од САД, додал изворот.
Саудиската емисија ги надминала очекувањата на многу аналитичари, но и износите на сите обврзници кои досега ги издадоа економиите во формирања, напомнува Bloomberg News.
Саудиска Арабија е најголемиот извозник на нафта во светот, а за оваа година прогнозираа буџетски дефицит од 87 милијарди долари, поради падот на приходите од нафтата. За да го покријат одлучија да го прилагодат економскиот модел со намалувањето на државата помош без преседан во саудиската историја и стопирање на некои владини проекти. Во септември, меѓу другите мерки, ги намалија и платите на министрите.
Ријад веќе имаше издаден обврзници на домашниот пазар, но тоа резултираше со намалената ликвидност на банките, толкува водечкиот аналитичар за Блискиот исток на лондонски Oxford Economics, Патрик Денис. „Тоа е главната причина за актуелното задолжување на меѓународниот пазар“, толкува Денис, а го намалува и притисокот врз девизните резерви.
Според официјалните податоци саудиските девизни резерви во август изнесувале 562 милијарди долари, во однос на 732 милијарди долари колку што изнесувале кон крајот на 2014 година./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Славески во работна посета на Банката на Англија
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари работна посета на Банката на Англија во Лондон, заради засилување на билатералната соработка и за размена на експертски искуства со една од најстарите и најзначајни централни банки во светот.
Во текот на посетата, гувернерот Славески оствари повеќе работни средби со високи претставници на Банката на Англија, меѓу кои и со гувернерот Ендрју Бејли.
„Особено значаен дел од агендата беа активностите поврзани со управувањето со златните резерви. Во тој контекст, беше организирана посета на трезорот на Банката на Англија, каде што Народната банка ги чува резервите во монетарно злато, заради подобро запознавање и увид во оперативните процедури за чување и ракување со монетарното злато, сигурносната заштита и во можностите коишто Банката на Англија ги нуди за пристап до пазарот за злато во Лондон, како најголем светски пазар преку шалтер на овој благороден метал“, соопштија од Народната банка.
Гувернерот одржа и работни средби со главниот економист на Банката на Англија, Хју Пил, и со заменик-гувернерката Сара Бриден. На средбите се разговараше за актуелните предизвици во спроведувањето на монетарната политика и за технолошките иновации во секторот на финансии.
Посетата беше во организација на Центарот за студии од областа на централното банкарство (CCBS) при Банката на Англија.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.

