Свет
Данска ги укинува мерките за Ковид-19

Данска ќе ги укине сите епидемиолошки мерки на почетокот на следната недела и покрај постојаното зголемување на бројот на заразени со коронавирус.
Според весникот „Јиландс Постен“, кој се повикува на неименувани извори во владата, премиерката Мета Фредериксен на крајот на месецот ќе ги укине сите ограничувања за Ковид-19.
Одлуката на Владата, која сè уште не е официјално потврдена, ќе следи по препорака на епидемиолошката комисија.
Таа комисија повеќе не сака короната да биде наведена како опасност за општеството.
Од понеделник, 31 јануари, треба да се укинат сите мерки како обврската за носење маски во затворени простории или правилото 3G за настани.
Ќе се задржат само правилата за тестирање и карантин при влез во државата.
Иако бројот на заразени во Данска драстично расте, ситуацијата во болниците остана стабилна.
Експертите укажуваат на полесна форма на болеста и висока стапка на вакцинација на Данците.
Велика Британија ги укина сите епидемиолошки мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лагард: Криптовалутите не вредат ништо

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард верува дека криптовалутите не вредат ниту дeнар.
„ Мојата многу скромна проценка е дека тоа не вреди ништо“, изјави Лагард за криптовалутите во интервју за холандската емисија „College Tour“.
„Тоа не се заснова на ништо“, додаде таа. „ Нема основни средства што би дејствувале како сидро на безбедноста“.
Лагард ги повика глобалните креатори на политики да воведат правила за заштита на неискусните инвеститори кои инвестираат во дигитални средства. Криптовалутите, особено биткоинот, изгубија повеќе од половина од својата рекордна вредност во ноември 2021 година.
„ Загрижена сум за оние луѓе кои мислат дека на крајот ќе бидат наградени, кои не ги разбираат ризиците, кои сето тоа ќе го изгубат и кои ќе бидат страшно разочарани, поради што верувам дека треба да се регулира“ рече Лагард.
Скептицизмот на поранешната шефица на Меѓународниот монетарен фонд кон криптовалутите не е нов. Таа претходно изрази загриженост поради влијанието на дигиталните валути врз животната средина, како и нивната потенцијална употреба во перење пари и избегнување санкции.
Претседателката на Европската централна банка денеска ги отфрли шпекулациите дека еврозоната се движи кон рецесија.
Економија
ММФ: Глобалната економија се соочува со најголемиот тест од Втората светска војна

Глобалната економија се најде на работ на колапс поради низа последователни кризи.
Меѓународниот монетарен фонд денеска на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, соопшти дека глобалната економија ја чека можеби најголемиот тест од Втората светска војна.
„Се соочивме со низа немили настани“, изјави извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева.
Таа предупреди дека руската инвазија на Украина ги потенцира негативните ефекти на пандемијата на Ковид-19 врз економијата попречувајќи го економското закрепнување и поттикнувајќи ја инфлацијата заедно со зголемувањето на цените на храната и горивото, пишува Си-ен-ен.
Земјите се оптоварени и со зголемување на каматните стапки, а бизнисите и домаќинствата треба да се справат со големи долгови. Пазарните турбуленции и постојаните ограничувања на синџирот на снабдување се исто така ризик. Покрај тоа, климатските промени се проблем.
За да се намали стресот врз економијата, ММФ на состанок повика владини претставници и бизнис-лидери во Давос на разговори за намалување на трговските бариери.
Додека многу земји се борат со зголемените трошоци за живот за своите граѓани, некои одат во спротивна насока и воведуваат ограничувања во трговијата со храна и земјоделски производи, што би можеле да го влошат недостигот и да ги зголемат цените на глобално ниво.
Претходно овој месец, одлуката на Индија да го забрани извозот на пченица доведе до зголемување на цените на житото, иако таа е релативно мал извозник. Индонезија го забрани најголемиот дел од извозот на палмово масло во април за да ги заштити домашните резерви, но има намера да ја укине забраната оваа недела.
Економија
Полска го раскина договорот за гас со Русија

Полската министерка за клима и животна средина, Ана Москва, објави дека Полска одлучила да го раскине договорот со Русија поврзан со гасоводот „Јамал“.
„Полска го раскина меѓудржавниот договор ‘Јамал’ од 1993 година. Руската агресија врз Украина потврди дека одлуката на полската влада да биде целосно независна од рускиот гас беше правилна. Отсекогаш знаевме дека ‘Газпром’ не е доверлив партнер“, објави Москва на „Твитер“.
Polska wypowiada międzyrządowe porozumienie gazowe z 1993 r. ws. Jamału. Agresja Rosji na Ukrainę potwierdziła trafność determinacji polskiego rządu w kierunku całkowitego uniezależnienia się od rosyjskiego gazu. Zawsze wiedzieliśmy, że Gazprom nie jest wiarygodnym partnerem.
— Anna Moskwa (@moskwa_anna) May 23, 2022
Русија минатиот месец го прекина снабдувањето со гас за Полска и Бугарија преку гасоводот „Јамал – Европа“.
„Газпром“ тогаш ѝ порача на полската државна гасна компанија PGNiG, исто како и бугарскиот еквивалент „Булгаргаз“, да го прекине снабдувањето со гас.
Тоа се две земји што беа многу зависни од рускиот гас. Русија одлучи да го прекине снабдувањето со гас за нив кога тие земји одбија да го платат рускиот гас во рубли, што Москва го побара откога Западот воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.