Свет
Израел ја обвинува ИАЕА за капитулација пред Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ја обвини Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) за неефективна контрола на иранските нуклеарни активности и посочи дека надзорното тело на ОН ризикува да стане политизирано и ирелевантно, пренесува „Ал Арабија“.
Необичната критика следува по извештајот на ИАЕА минатата недела, во кој се посочува дека Иран дал задоволителен одговор во еден случај на сомнителни честички на ураниум и дека повторно инсталирал одредена опрема за мониторинг првично поставена според сега нефункционалниот нуклеарен договор од 2015 година.
Израел ги удвои заканите дека ќе изврши превентивни воени напади врз Иран ако меѓународната дипломатија не успее и ако Техеран дополнитело рафинира ураниум – нешто што негира дека сака или планира – со оглед на фактот дека веќе има збогатено доволно ураниум до 60 % фисилна чистота за две нуклеарни бомби.
„Иран продолжува да ја лаже Меѓународната агенција за атомска енергија. Капитулацијата на агенцијата пред иранскиот притисок е црна дамка на нејзината репутација. Ако ИАЕА стане политичка организација, тогаш нејзината надзорна активност во Иран е без значење, како што ќе бидат и нејзините извештаи за нуклеарната активност на Иран“, вели Нетанјаху.
ИАЕА не ги коментира изјавите на израелскиот премиер.
Агенцијата објави во средата дека по години истрага и недостиг од напредок, Иран дал задоволително објаснување за една од трите локации на кои биле откриени честички ураниум.
„Тие честички може да се објаснат со присуството на мина и лабораторија од времето на Советскиот Сојуз таму, а ИАЕА нема дополнителни прашања“, рече висок дипломат во Виена.
Тој сепак додаде дека останува оценката на ИАЕА оти Иран пред неколку децении таму тестирал експлозиви што биле релевантни за нуклеарно оружје.
Алудирајќи на оваа изјава, Нетанјаху рече: „Иранските изговори… во врска со пронаоѓањето нуклеарен материјал на забранети локации – не само што се неверодостојни туку се и технички невозможни“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Италија планира да го продаде вишокот увезен африкански гас на своите соседи

Италија планира да ја прошири својата гасоводна мрежа за да го продаде вишокот увезен африкански гас на своите соседи во Германија и Австрија, а исто така се подготвува да ја приспособи транспортната инфраструктура на водород.
Владата на Џорџа Мелони изнесе планови според кои Италија треба да стане енергетска точка на контакт меѓу Европа и Африка и да капитализира од барањата на нејзините европски соседи и нивните напори да ја намалат зависноста од рускиот гас.
Најголемиот италијански увозник на природен гас „Ени“ го компензира намаленото снабдување од Русија со зголемен увоз на гас од Африка, каде што работи со децении и има намера да го продаде вишокот на други европски земји заедно со други италијански увозници.
Операторот на гасната мрежа „Снам“ планира да го изгради гасоводот Јадранска линија до 2027 година, а италијанскиот министер за енергетика, Жилберто Пичето Фратин, гледа можни идни клиенти во Австрија и германската сојузна покраина Баварија, како и во Унгарија.
Проектот се очекува да го зголеми капацитетот за транспорт на гас од јужна Италија во рок од четири години на речиси 10 милијарди кубни метри годишно.
Економија
Кина престана да извезува минерали неопходни за производство на чипови

Кина извезе нула килограми од двата минерала што се клучни за производството на полуспроводници или чипови во август, еден месец по воведувањето ограничувања за продажбата во странство поради загриженост за националната безбедност.
Кина учествува со 80 отсто во светското производство на галиум и околу 60 отсто германиум, а минатиот месец ниту еден од овие елементи не се продаде на светскиот пазар. Во јули се извезени 5,15 тони кован галиум и 8,1 тони кован германиум.
Портпаролот на кинеското Министерство за трговија, Хе Јадонг, на прес-конференција рече дека Министерството примило барања за извоз од компании, кои тргуваат со овие минерали и дека некои барања се одобрени.
Ограничувањата ја сигнализираат подготвеноста на Кина да возврати на американските извозни контроли и покрај загриженоста за економскиот раст додека врие технолошка војна.
Аналитичарите велат дека ограничувањето на извозот е меч со две сечила, што може да ѝ наштети на кинеската економија и да го забрза преминот кон други синџири на снабдување.
Кина можеби е водечки производител на двата минерала, но има алтернативни производители, како и замени за двата минерала, рече аналитичарот на Групацијата Евроазија во извештајот од јули.
Економија
„Хјундаи“ инвестира повеќе од 12 милијарди долари во САД

Јужнокорејскиот производител на автомобили Hyundai Motor Group објави дека ќе инвестира 12,6 милијарди долари во изградба на погони за електрични возила и батерии во САД. Компанијата ќе потроши 7,6 милијарди долари на фабрика во округот Брајан, Џорџија, која ќе вработи повеќе од 8.500 работници. Во соработка со SK Ona, компанијата ќе инвестира и пет милијарди долари во фабрика за батерии во округот Бартоу, која ќе вработи околу 3.500 работници.
Техничкиот државен универзитет „Џорџија“ и неговиот Технолошки институт потпишаа меморандум за разбирање со Hyundai Motor Group, во кој се наведени соработката за истражување и примена на нови технологии вклучувајќи ја економијата на водород и развојот на работната сила.
Hyundai истакна дека во наредните години ќе создаде економска вредност во Грузија, која ќе се мери во десетици милијарди долари и ќе помогне да се отворат околу 40.000 работни места.