Економија
Светскиот совет за злато ја покрена расправата за реформа на пазарот на златото
Светскиот совет за злато (WGC) ја започна расправата за реформа на стотина година старата формула за пресметка на цената на благородниот метал на лондонскиот пазар.
„Светскиот совет за злато доби силна поткрепа за клучните принципи на реформите. Се наоѓаме на почетокот од процес кој ќе резултира со реформирана и модернизирана референтна цена на златата, а со самото тоа и со поширок дијапазон од учесници на пазарот“, се вели во соопштението на извршната директорка на WGC, Натали Демпстер издадено по состанокот одржан во Лондон на кој било дискутирано за промените, пренесе AFP.
Притоа се нагласува дека никој од учесниците на лондонскиот состанок не смета дека постојниот модел треба да биде отфрлен. „Постигнат е многу јасен консензус дека корисниците сакаат реформа а не нов модел“, одговори Демпстер на прашање на Reuters.
Светскиот совет за злато во Лондон организираше дебата за моделите за модернизацијата на ткн Лондонска формула за цената на златото (London Gold Fix). На собирот учествувале 34 претставници на сите сектори од индустријата, на централни банки, банки – добавувачи и на берзите. Меѓу клучните точки на дневниот ред била „потребата од единствена, сигурна, референтна цена“, се наведува уште во соопштението на WGC.
Лондонската формила за цената на златото влијае на трансакциите во износи од милијарди долари поврзани со златото ширум светот, а секој ден точно во 10,30 часот по лондонско време ја одредуваат четирите банки – британските „Barclays“ и „HSBC“, канадската „Scotiabank“ и француската „Societe Generale“. Сите четири банки се членки на Компанијата за утврдување на цената на златото, а ја договараат двапати дневно. Германската „Deutsche Bank“, исто така, беше членка на оваа групација, меѓутоа годинава истапи од неа.
Постапката започнува со ткн спот цена на златото којашто се темели на важечките пазарни цени за договорите за физичката испорака на овој благороден метал. Четирите банки потоа објавуваат дали се заинтересирани да го купат по таа цена којашто може да варира во зависност од односот на понудата и побарувачката. Потоа се одредува и цената.
Системот во текот на 2014 година западна во криза, откако британските регулатори и пресудија на „Barclays“ казна во висина од 26 милиони фунти, односно 33 милиони евра, откако поранешен нејзини трговец призна дека се обидел да манипулира со цената.
Цените на златото повремено забележуваат посилни осцилации, бидејќи металот се смета за сигурно вложување особено во периодите на геополитички превирања. Така, изминатите седмици златото засилено се купуваше поради разгорувањето на насилствата во Ирак. Минатата седмица, така, цената на златото на лондонскиот пазар скокна на највисокото ниво во последните три ипол месеца, од 1.334,06 долари за унца.
Аналитичарите на движењата на пазарите сметаат дека реформата би можела да ја поткрене пазарната цена на златото. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Силна доверба од меѓународните инвеститори- успешно реализирано издавањето на 10-тата Еврообврзница
Министерството за финасии успешно ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата Еврообврзница.
„Министерството одлучи да издаде еврообврзница со две транши од по 500 милиони евра – со рок од 4 години и со рок од 8 години. Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво доспевање беше постигнато пред повеќе од дваесет години.
Само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, побарувачката од инвеститорите достигна импресивни две милијарди евра, со диверзифицирана база на инвеститори ширум светот, вклучувајќи еминентни институционални инвеститори од Германија, САД и Велика Британија“, соопшти Министерството за финасии.
„Пред отворањето на американскиот пазар, книгата на инвеститори достигна дури три милијарди евра, а по неговото отворање максималната понуда надмина четири милијари евра, што претставува исклучителен показател за силната доверба во економските политики и стабилноста на земјата.
Повеќе од 150 глобални инвеститори изразија интерес да ја поддржат државата во овој проект, што претставува дополнителен квантитативен доказ во прилог на фискалната стратегија на Министерството за финансии.
Во случајот на двете транши, каматата е најблиска во однос на референтната вредност на Еурибор, споредувајќи ги сите издавања на обврзници во последните дваесет години.
Каматните стапки за двете транши изнесуваат: 3,875 % за траншата со рок на достасување од 4 години и 4,750% за траншата со рок на достасување од 8 години.
Со изборот на стратешкиот моментот на издавање, како и со структурата на задолжувањето, беше постигнато значително намалување на приносите – конкурентно во однос на земјите со инвестициски кредитен рејтинг (околу 0,5% во споредба со просекот од 0,25%). Тоа дополнително се потврдува со фактот за големата побарувачка од страна на најеминентните меѓународни инвеститори.
Излезот на меѓународниот пазар има стратешки карактер, имајќи ги предвид потенцијалните турбуленции во доменот на геополитиката и макроекономската неизвесност на глобално ниво.
Министерството за финансии останува посветено на транспарентност и стабилност, со цел обезбедување најповолни услови за финансирање и зајакнување на позицијата на земјата на меѓународните финансиски пазари.
Во насока на одговорно и стратешко управување со јавните финансии, Министерството за финансии во последниот квартал од 2025 година интензивно работеше на анализа на пазарните услови со цел да го определи најсоодветниот момент за стратешки излез на меѓународниот пазар на капитал на почетокот од 2026 година.
Како дел од овие активности, тимот на Министерството за финансии во ноември реализираше посета на Лондон , каде што во организација на водечки инвестициски банки ја претстави земјата пред повеќе од 40 инвеститори.
Во периодот од 11 до 12 јануари 2026 година, Министерството оствари средби со повеќе од 60 глобални инвеститори, меѓу кои најголемите пензиски фондови и осигурителни компании од САД, како и инвестициски фондови од целата Европска унија. Bank of America имаше водечка улога во координацијата на процесот на издавање на обврзницата.
Со оваа Еврообврзница, планирана во Буџетот за 2026 година ќе се изврши исплата на Еврообрзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра и се обезбедуваат средства за буџетскиот дефицит којшто е насочен кон реализација на развојните проекти.
Издавањето на Еврообврзницата е согласно напорите на Министерството за финансии за адекватно управување со јавниот долг и да се одржи стабилноста на јавните финансии на среден и долг рок.
Државата стана прва земја во регионот и прва земја надвор од Европската унија која излегува на меѓународниот пазар на капитал, што сведочи за довербата во напорите на Министерството за финансии, особено имајќи го предвид износот на задолжувањето“, се наведува во соопштението на Министерството за финасии.
Економија
Божиновска-Кавахара: Продлабочување на соработката за безбедна и одржлива енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара.
На средбата присуствуваа и претставници од јапонската корпорација ИТОЧУ (ITOCHU), една од водечките и најреномираните компании во Јапонија, позната по своите инвестициски активности и експертиза во енергетски и индустриски проекти. ИТОЧУ е сериозна компанија со глобално присуство, која покажува интерес и за македонскиот пазар и потенцијалите за зелена енергетска трансформација во земјата.
На средбата се разговараше за продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, како и за заеднички проекти поврзани со зелената транзиција.
Министерката Божиновска истакна дека нашата земја е посветена на преземање конкретни чекори кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Таа ја оцени поддршката од јапонска страна како значајна за обезбедување на енергетска независност и одржливост.
Двете страни ја потврдија потребата од зацврстување на позицијата на Северна Македонија на глобалната енергетска мапа како кредибилен и доверлив партнер во светската транзиција кон зелена енергија. На крајот, беше заклучено дека соработката во областа на енергетските реформи и инфраструктурните проекти ќе продолжи и во иднина.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство
(ПР)

