Економија
United Group ја презеде бугарската Нова ТВ
United Grоup, водечки телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа, објави дека ја заврши аквизицијата на Nova Broadcasting Group, најголемата бугарска мулти-платформска медиумска компанија.
Tелевизија сo национална фреквенција NOVA TV, 10 телевизиски канали, најголемата онлајн платформа Net Info, која секој месец просечно ја посетуваат дури 80% од населението на Бугарија. Исто така и четири радио станици се дел од Nova Broadcasting Group.
Во рамките на United Grоup, водечкиот телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа, во С. Македонија работи компанијата Тотал ТВ и нејзините сервиси EON и Total TV.
Викторија Боклаг, извршната директорка на United Grоup, изјави: „Задоволна сум што можеме да им посакаме добредојде на компанијата Nova и нејзините вработени во семејството на United Grоup. Бугарија е атрактивен пазар за нас и Nova како дел од Групацијата ќе продолжи да ја зајакнува својата позиција. Силната врска помеѓу Nova и нашите останати медиумски компании ни дава можност да создадеме синергетски ефект и да продолжиме да инвестираме во локалните содржини што ќе ги воодушеви нашите корисници “.
Раководењето со Nova Broadcasting Group ќе го надзира Dirk Gerkens, поранешен директор на RTL, телевизиски експерт со повеќе од 25 години искуство во медиумите.
Аквизицијата на Nova Broadcasting Group е дел од стратегијата на United Grоup да поседува и телекомуникациски и медиумски компании на пазарите на кои работи. Платформата на United Group ги комбинира водечките оператори и најдобрите производители на медиумска содржина во Југоисточна Европа.
Медиумскиот дел на United Group, United Media, произведува повеќе од 20 000 часови оригинални содржини секоја година и емитува повеќе од 30 канали кои се достапни за терестриална, кабелска, DTH, OTT и IPTV дистрибуција.
За United Group:
United Group, со седиште во Холандија, е водечки телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа. На крајот на 2020 година, компанијата работи во осум земји и има приближно 10 милиони корисници и 11 илјади вработени. United Group има најширока мрежна покриеност во регионот и им нуди на корисниците најатрактивен избор на ТВ содржини од целиот свет. Значителни инвестиции во дигитална инфраструктура, медиумски содржини и технологија, обезбедуваат извонредност на производите и услугите што им ги обезбедува на клиентите. Од март 2019 година, United Group е во мнозинска сопственост на BC Partners, една од најголемите инвестициски компании во светот.
За повеќе информации, посетете ги https://united.group и http://www.unitedmedia.net
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

