Економија
Владата ќе кофинансира отворање и работа на унифицирани и специјализирани продавници за вино
Владата на Република Македонија ќе кофинансира отворање и работа на унифицирани и специјализирани продавници за вино, најави во понеделник на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„Суштината на владината финансиска поддршка се содржи во покривањето на значителен дел од трошоците за опремување на продавниците, за закуп на простор за продавниците и за вработувања на работници, трошоци кои ќе ги направат компаниите кои ќе отворат ваков тип на специјализирани продавници за вино“, рече Ѓорѓиев.
Тој додаде дека од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е објавен јавен повик за доставување на барања за воспоставување и работа на овие унифицирани специјализирани продавници, а ќе трае до 30 ноември оваа година.
Финансиската поддршка на Владата ќе се однесува на покривање на следните трошоци за компаниите:
-Владата ќе покрие 50% од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.500.000 денари по единица продавница;
-Владата ќе покрие 50% од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од 3 години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница;
-Владата ќе обезбеди и плати за вработување на две лица во овие продавници и тоа во период од 3 години, и тоа во висина од просечната плата по лице месечно, значи две просечни плати месечно по единица продавница.
Сите продавници кои ќе бидат финансирани во рамки на овој проект е потребно да бидат со квадратура од 30 до 100 метри квадратни и да имаат изглед согласно презентираното идејно решение на ентериерот, а пожелно е да бидат лоцирани во централните градски подрачја.
„Апелираме што поголем број на компании да ги разгледаат овие добри можности и услови и да аплицираат за да отворат продавници и да ја добијат државната поддршка. На тој начин ќе придонесат за сопствената профитабилност, за развојот на компанијата, позитивно ќе влијаат на промоцијата на вината од домашно потекло и на зголемување на продажбата на македонските вина, но и на процесот кој за нас е многу значаен, а тоа е отворањето на нови работни места и вработување на граѓаните“, рече Ѓорѓиев. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

