Економија
Зголемен број на патници од аеродромот „Александар Велики“
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири, во саботата го посетија аеродроемот „Александар Велики“, каде имаа работна средба со раководството на концесионерот на аеродромите во Македонија ТАВ, на која беше разговарано за конкретни идеи како да продолжи позитивниот тренд во авиосообраќајот.
Тие работно ја посетија и Македонската навигација М-НАВ, која се грижи за прелетите на авионите над Република Македонија.
Вицепремиерот информираше дека во првото полугодие од 2014 за околу 70 отсто е зголемен бројот на патници од аеродромот „Александар Велики“-Скопје во однос на 2009 година. Се очекува до крајот на годинава зголемувањето да биде двојно во споредба од пред пет години. Тоа е мини бум во авиосекторот што влијае и на зголемување на бројот на туристи, а се должи на мерките и политиките што ги спроведува Владата во изминатите неколку години.
„Од 2009 година до сега се бележи приближно 70 проценти зголемување на бројот на патници, а до крајот на годинава се очекува зголемувањето во однос на 2009 да биде за околу 100 проценти, односно од околу 600.000 до сега, можеби ќе се стигне до 1.200.000 патници на овој аеродром. Тоа укажува дека со мерките и политиките што се спроведуваат даваат соодветни резултати, како договорот за концесија, големиот број субвенции со нискобуџетните линии, но и разните други иницијативи преземени за привлекување поголем број туристи, се бележи мини бум во овој сектор“, истакна Пешевски.
Речиси е двојно зголемен и бројот на дестинации за кои има директни летови од аеродромот во Скопје, односно од 15 во 2009 година нивниот број е зголемен на 27.
„Проектот е реализиран заедно со ТАВ зашто во преговорите со нискобуџетните авиокомпании кои летаат од Скопје, еден дел од субвенциите дава Владата, а во добар дел се и ниските трошоци и намалени цени за услугите што ги дава ТАВ, кои придонесоа овие компании да дојдат во Македонија и да се зголеми бројот на дестинации.
Средствата што се одвојуваат од буџетот на Република Македонија за оваа година ќе бидат приближно за 30 проценти поголеми отколку минатата година“, истакна Пешевски.
Министерот за економија Беким Незири истакна дека авиосообраќајот е важна гранка во развојот на економијата и има индиректен ефект врз економскиот раст на државата.
„Зголемувањето на бројот на патници позитивно влијае на зголемување на бројот на туристи во Македонија. Во споредба со првите шест месеци на 2013, има зголемување за 6,1 процени на странски туристи кои ја посетуваат нашата држава. Позитивни резултати има и во Македонската навигација. Во првите 6 месеци на 2014 сме лидери во Европа зашто има зголемување за 28,2 % на прелетите над Република Македонија. Во Европа зголемувањето на прелетите е 4,8 проценти, што значи дека зголемувањето кај нас е шест пати повеќе. Тоа е резултат на отворањето на косовскиот воздушен простор, кој го води провајдерот на Унгарија, но бенефит има најмногу нашата држава“, рече Незири.
Заменик-генералниот директор за оператива на ТАВ Македонија Алпер Тунга Ерсој се заблагодари за поддршката што ја добиваат од Владата на РМ зашто тоа, рече, е важно за секоја странска компанија и инвестиција.
„Од самиот почеток ТАВ ги исполнува ветувањата – го отворивме аеродромот, го зголемивме бројот на патници. Тоа се должи на нашата маркетинг-стратегија, учеството на многу меѓунродни саеми за авиопревозници, субвенциите што ги даваме за авиопревозниците и туроператорите. Се надеваме дека поддршката ќе продолжи.
Очекуваме дека оваа година ќе достигнеме број од еден милион патници од скопскиот аеродром, рече Ерсој.
Статистиката покажува дека во првите шест месеци на 2014-та на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје се превезени 559.779 патници. Во јули на скопскиот аеродром имало 132.227 патници, а заедно со охридскиот минатиот месец имало 144.784 патници. За седум месеци двата аеродрома во РМ имале 704.563 патници, што е раст од 17 проценти во однос на истиот период во 2013. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

