Економија
Ковачевски: Земјите од регионот да се фокусираат на алтернативи за стабилно снабдување со електрична енергија

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска учествуваше и дискутира на сесија за енергетска стабилност и трансформација во рамките на самитот за Берлинскиот процес во Берлин, Германија.
На сесијата од страна на сите учесници во дискусијата беше потенцирано дека енергетската безбедност на Западен Балкан е еднакво важна како и енергетската безбедност на ЕУ. Лидерите истакнаа дека сите заедно работат на надминување на предизвиците од енергетската криза и дека ЕУ ќе биде заедно со земјите од Западен Балкан при решавање на сите проблеми поврзани со енергетската криза.
Ковачевски на сесијата за енергетика рече дека потребна е силна и тесна соработка на целиот регион за постигнување амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците што ни ги наметнаа економската и енергетската криза. Фокусот треба да биде на заедничко изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија.
Тој истакна дека оваа криза многу бргу ни ја предочи важноста на домашното производство на енергија, но и потребата да се има резервен план во иднина, кој ќе ни помогне полесно да пребродиме слични ситуации, но и да ја заштитиме животната средина. Како исклучително важен дел од визијата за Западен Балкан премиерот го посочи својот концепт за енергетска трансформација преку примена на обновливи извори, ефикасни ресурси, како и конкурентни и климатски неутрални практики и стандарди.
Зелената агенда што ја спроведува Република Северна Македонија е важен двигател за земјата во контекст на енергетската криза во која се наоѓаме. Само во изминатите неколку месеци во Северна Македонија почна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана, која произведува струја од домашни ресурси, од македонското сонце, а ги задоволува потребите на многу домаќинства. Од една страна, поедноставените процедури за поставување фотоволтаици овозможуваат посеопфатна и поширока нивна примена, а сериозниот пристап кон инвестициите во областа на енергетиката со посебен фокус на обновливите извори на енергија, од друга, овозможува интензивирање на енергетската трансформација на земјата, но и на регионот.
На самитот премиерот Ковачевски рече дека Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои стратегија за развој на енергетскиот сектор заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ.
„Ние сме и првата земја што спроведува проект за замена на старата термоцентрала на јаглен ‘Осломеј’ во Кичево со фотонапонска централа како конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија покажувајќи силна иницијатива за декарбонизација на нашиот енергетски сектор. Ќе го спомнам и нашиот најзначаен проект за енергетска транзиција, во фаза на евалуација е изградбата на пумпно складиште на хидроцентралата ‘Чебрен’, Црна Река, вредна над 800 милиони евра“, рече Ковачевски.
За реализација на зацртаните планови, рече Ковачевски, потребна е голема поддршка преку достапни грантови и поволни заеми за новите проекти и да работиме на ефективни планови за праведна транзиција со достапни најдобри практики.
„Енергетската трансформација во транзицијата кон чисти извори на енергија, како и создавањето систем што ќе овозможи климатски отпорни економии, е нашиот влог во иднината“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.