Економија
Трипуновски: Имаме сериозен раст во делот на откупот и пласманот на земјоделските производи според податоците на ДЗС

Државниот завод за статистика изминативе денови излезе со податоци, со споредба на првиот квартал од 2024 година и со првиот квартал од 2025 година.
„Бројките говорат дека имаме сериозен раст во делот на откупот и пласманот на земјоделските производи“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од општина Босилово.
„Во градинарскиот сектор зголемувањето е до 50% во споредба со првиот квартал од 2024 година. Тоа значи дека навистина како Влада, како Министерство се движиме во вистинска насока, да го зголемуваме производството и девизниот прилив во државата“, појасни министерот.
Министерот посочи дека и во другите сектори има зголемување во делот на откупот и пласманот на земјоделските производи.
„Тоа е еден добар параметар, добар показател дека навистина она што го работиме изминативе 10-11 месеци како Влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски дава позитивни резултати“, истакна министерот Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Владата е цврсто определена за зелена иднина

На денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сања Божиновска.
Божиновска објасни дека аерозагадувањето е комплексен предизвик и дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини пристапува кон решавањето на проблемот и тоа со мерки за почисти извори на енергија и одржлив енергетски систем и наведе дел од проектите.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е активно вклучено во реализацијата на повеќе проектни програми од „Планската програма за почист воздух 2024–2030“, кои имаат за цел да го намалат аерозагадувањето преку енергетски решенија. Нашата улога е јасно дефинирана во следните проекти: Греење без емисија- топлински пуми, високо ефикасни котли, когенеративни гасни централни, проект државата не загадува-водиме со пример, такси без директни емисии. Преку овие мерки, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја потврдува својата посветеност кон создавање на одржлив и еколошки енергетски систем, кој ќе обезбеди почист воздух и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, истакна Божиновска.
Потсети на случајот за набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти полно со штетни соединенија и високи нивоа на сулфур и тешки метали.
„Да ве потсетам на последниот случај за кој Обвинителството води постапка, набавка на токсичен мазут што бил користен за греење на болници и јавни објекти во земјава. Во фокусот на истрагата е компанија која во 2023 испорачувала контаминирана нафта. Сериозен здравствен скандал, локалните инспекции утврдиле дека наместо мазут, се користело токсично индустриско масло, полно со штетни соединенија и високи нивоа на сулфур и тешки метали. И тоа не еден туку мрежа на увозници кои, спротивно на законот, испорачувале горива што не ги исполнуваат ниту основните еколошки стандарди а цената, како и секогаш ја плаќаат граѓаните, со своето здравје и со загадената животна средина“, децидна е Божиновска.
На крај додаде дека Владата е цврсто определена за зелена иднина, и интензивно работи на реализација на капитални проекти.
„Го поддржуваме и секој чекор што води кон почист воздух – од користење електрични автомобили, до инсталирање соларни панели на покриви и развој на енергетски задруги каде граѓаните самите ќе можат да произведуваат и користат чиста енергија. Оваа Влада е цврсто определена за зелена иднина. Интензивно се работи на реализација на капитални проекти“, рече Божиновска.
Економија
Исплатени над 100 милиони денари на 7.158 земјоделци

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека се исплатени 105.002.614,00 денари кон 7.158 лица.
„Денеска се реализираше исплатата на подмерка 1.5 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.4 за остварено производство од домат, пиперка, краставица, корнишон, зелка, грав и компир на отворено и во пластеници од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година“, велат од Министерството.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со домат, пиперка, краставица, корнишон, зелка, грав и компир и се корисници од подмерка 1.4 од Програмата за 2024 година, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените градинарски култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Економија
Регионална конференција за ревизија обедини 21 земја во Тирана, Албанија

Во динамичен израз на регионално единство и професионална извонредност, на 20ти мај се одржа Регионалната конференција за ревизија во престижниот хотел Рогнер во Тирана. Настанот собра повеќе од 300 професионалци за внатрешна и надворешна ревизија, како и финансиски експерти од 21 земја, истакнувајќи ја заедничката посветеност кон транспарентност, отчетност и прекугранична соработка во финансискиот и јавниот сектор.
Конференцијата беше заеднички организирана од Здружението на внатрешни ревизори на Северна Македонија (IIA North Macedonia), Здружението на внатрешни ревизори на Албанија (IIA Albania) и Институтот на овластени ревизори на Република Северна Македонија (ИОРРСМ) и претставуваше клучна платформа за дијалог, иновации и соработка во рамките на професијата на внатрешна и надворешна ревизија.
Билјана Секуловска, претседател на IIA North Macedonia, Ералд Бежани, претседател на IIA Albania, и Ненад Тортевски, м-р, претседател на ИОРРСМ, се обратија на присутните со свои излагања. Во своите говори, тие ја споделија заедничката визија за зајакнување на професијата на внатрешна и надворешна ревизија во регионот преку унапредување на едукацијата, придржување до меѓународните стандарди и поттикнување на стратешка соработка помеѓу институциите и професионалците.
Под мотото „Моќта на соработката“ (The power of cooperation), конференцијата вклучи повеќе од 25 истакнати говорници и панелисти. Секоја сесија опфати актуелни и релевантни теми како што се интегрирање и поголема доверба меѓу трите линии на одбрана, зајакнување на соработката во внатрешната ревизија преку границите, привлекување и задржување на професионалци во надворешната ревизија преку регионално партнерство, whistleblowing како морален избор, и многу други.
Клучни обраќања на настанот имаа и г. Гент Сејко, гувернер на Народната банка на Албанија, и г. Петрит Малај, министер за финансии и економија на Албанија. И двајцата лидери ја потенцираа зголемената улога на внатрешните ревизори во јакнењето на институционалниот интегритет, зголемувањето на јавната доверба и поддршката на одржливиот економски развој.
На конференцијата учествуваа бројни меѓународни и регионални експерти-говорници, меѓу кои: Жан-Пјер Гарит, Урсула Шмит, Џон Чешир, Ксавиер Џусто, Анеса Бајриќ, Мерита Бејтја, Албана Џинопули, Марија Ковачевиќ Ѓоргиевска, Лендита Демири, Јелена Мисита, Берти Пашко, Сара Гањон, Ардијана Буњаку, Зринка Братиќ и многу други. Преку инспиративни презентации и интерактивни панели, тие споделија студии на случај, најдобри практики и нови трендови кои ја преобликуваат професијата на внатрешна и надворешна ревизија и во јавниот и во приватниот сектор. На конференцијата беше даден знaчаен придонес од страна на Меѓународната федерација на сметководители IFAC, кои што ја оценија конференцијата како иницијатива и почеток на се подлабока соработка на професионалните тела во регионот.
Разновидноста на искуства и гледишта им понуди на учесниците визија насочена кон иднината, истакнувајќи ја важноста на ревизорите како носачи на промените, интегритетот и довербате, дури и во сложени и брзопроменливи средини.
ПР