Култура
АКТО – фестивалот за современи уметности – продолжува во Домот на културата во Ченто
Со изработка на мурал на фасадата на Домот на културата во населбата Ченто во Скопје продолжува програмата на јубилејното 15-то издание на АКТО – фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У).
Автор на муралот е младиот уметник Владимир Милиќ и е во продукција на ФР~У во партнерство со организацијата „Културно ехо“, Општина Гази Баба и Град Скопје.
По минатонеделното отворање на 15-тиот АКТО со муралот во Битола на колективот КУРС од Белград, АКТО продолжува со интервенции во други градови во државата во соработка со локалните заедници и разни партнери.
Идејата за мурал во Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на Домот на култура во населбата. Муралот, пак, е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста, особено во овој дел од населбата.
Иницијативата за овој мурал се однесува на две линии на значења: едното е обновување и повторно ставање во функција на бетонскиот културен дом во Ченто и со тоа реобмислување на модернистичкото незаштитено културно наследство на Скопје, а вториот е потенцирањето на важноста на солидарноста на заедницата за време на поплавите на подрачјето на општина Гази Баба, кои се случија пред четири години.
Од Општината велат: „Да не се заборави поплавата што ја зафати нашата општина, елементарна непогода која не бираше нација, вера и политичка определба, а токму во тие моменти се покажа колку можеме да бидеме солидарни и да си помогнеме едни со други. Општина Гази Баба е мултиетничка средина, место каде што сите ние дејствуваме секојдневно и затоа мораме да ги почитуваме различностите и да си помагаме еден со друг“.
Овој мурал е дел од серијата мурали што деновиве се изработуваат во уште 5 други града во земјата, и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани и Гевгелија, а веќе се заврши муралот во Битола, кој, за жал, беше нагрден со пораки на говор на омраза само неколку часа подоцна. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со „Гласен текстилец“ – Штип; БОШ-фестивал – Гевгелија; „Културно ехо“ – Скопје; Центарот за современи ликовни уметности ЦСЛУ – Прилеп и „Јавен простор“ – Прилеп; Народниот театар од Битола; Домот на културата од Ченто; Општина Гази Баба; Општина Велес, Општина Кочани и Домот на културата „Бели мугри“ – Кочани.
Овој зафат, кој се протега на површина од 600 квадратни метри, и тоа паралелно во седум града, е концепт, кураторство и во организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.
Покрај во Битола и Ченто, во периодот што следува муралите се сликаат во следните градови:
Гевгелија
ФИЗИЧКА ДИСТАНЦА, СОЦИЈАЛНА БЛИСКОСТ/КОМШИЈАТА И ВО АРНО И ВО ЛОШО/
Автор: Миле Ничевски во соработка со М.Ц. и во партнерство со БОШ-фестивал.
Прилеп:
НАПРЕД, САМО БЕЗ ЗАБОРАВАЊЕ!
Автор: Ристо Аврамовски во соработка со Филип Јовановски и Ненад Тонкин
Во партнерство со ЦСЛУ и „Јавен простор“ – Прилеп
Штип
ЕДНАКВИ ЗАЕДНО ПОСИЛНИ
Авторка: Јана Јакимовска
Во партнерство со „Гласен текстилец“ – Штип
Велес
СОЛИДАРНОСТ, МОБИЛНОСТ, ИДНИНА
Автор: Давор Кешкец
Во партнерство со Општина Велес
Кочани
СОЛИДАРНОСТА ГО ЈАКНЕ ИМУНИТЕТОТ
Автор: Ненад Тонкин
Во партнерство со Општина Кочани и Домот на културата „Бели мугри“ – Кочани.
Иницијативата за исцртување мурали на јавни простори има цел на креативен начин да зборува за одредени теми што иницираат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата на коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница одделно.
Покрај муралите, годинешната програма на јубилејното 15-то издание на АКТО ќе вклучува и други содржини, кои ќе се објават дополнително.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

