Култура
Археолошкиот музеј со ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“

Во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во Скопје, утре, 14 ноември, ќе биде отворена ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, која е прво целосно претставување на тракиската култура во нашата држава.
Во духот на европските вредности и зацврстување на културната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, изложбата е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија и ќе биде отворена од страна на високи државни претставници од двете држави.
Изложбата со свој поздравен говор ќе ја отвори министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е покровител на изложбата, а свои обраќања ќе имаат и претседателите на македонското и на бугарското собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции, кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов.
Изложбата „Северна Тракија“, која е поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија и од Министерството за култура на Република Бугарија, покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија.
Изложбата, која го содржи и тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка, досега била претставена во повеќе музејски центри во Европа и светот, а поставката, која се изложува во Скопје, претставува најкомплексна и најобемна презентација на наодите што ги претставуваат тракиската култура и цивилизација.
Презентацијата на изложбата „Северна Тракија“ во Скопје претставува продолжување на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со Музеј при БАН и Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија и се реализира по одличното претставување на изложбата „105 години Требениште“, која неодамна беше отворена во Софија, Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф на 7 декември во Националната опера и Балет

На сцената на Националната опера и Балет на 7 декември 2023, со почеток во 20 часот, концертно ќе се изведе моќната „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Публиката ќе може да дојде и да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.
Диригент е Иван Еминовиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Наде Талевска, сопран; Васко Здравков, баритон и Нико Ѓоргиевски, контратенор заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и Балет.
Слушањето на моќната „Кармина Бурана“ е секогаш посебно искуство и со години го привлекува вниманието на многубројната публика, која постојано ја бара на тековниот репертоар.
Култура
Недела на полскиот филм во Кинотеката

Од 06 до 10 декември 2023 во Кинотеката ќе се одржи Недела на полски филм. Ревијата ќе започне со прикажување на филмот ИО на Јержи Сколимовски.
ИО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ИО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023 година.
Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера која трае повеќе од 60 години, чии филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе можат да се уверат филмофилите гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски Рацете горе, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години, а неговиот последен филм, ИО, еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови со кој Сколимовски покажува дека има уште што да каже.
Култура
Македонска филхармонија ќе свири класика овечковечена на големото филмско платно

Овој четврток, 7 декември, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт кој претставува возбудлива музичка одисеја во која класиката создава паралелна приказна на големото филмско платно. Концертот е насловен „Бесмртност“, а ќе прозвучат дела од големите класични мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток, Вагнер овековечени во филмските ремек -дела на браќата Коен, Скорцезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола…
Диригент е местро Вања Ѓумар Николовски.
Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на Одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на Одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот “Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски.
Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес…). Паралелно со ова, активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на „Денови на македонската музика“, „Охридско лето“, средбите на музичките академии од поранешна Југославија.
Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ различни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го води и во други творечки правци – минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја туку и на другите народи од различни континенти.