Култура
„Безгрешна“ – претстава за смислата на раните кои никогаш не зацелуваат
Словенечкиот народен театар од Марибор вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ за публиката на фестивалот „Охридско лето“ ја донесе монодрамата „Безгрешна“.
Претставата е адаптција на романот на Колм Тоибин за Словенечкиот национален театар од Марибор, сплетувајќи четиринаесет мисловни пејзажи, олтар на љубовта, на загубата, на осаменоста, на потрагата по смисла во раните кои никогаш не исцелуваат.
Фестивалската публика уживаше во извонредната актерска игра на Наташа Матјашец Рошкер која ја толкуваше улогата на Марија, мајката на Исус.

-Оваа претстава е многу значајна за мене и за сите кои работеа на неа бидејќи идејата да се реазлизира беше на нашиот славен режисер Томаж Пандур кој ненадејно почина токму во Македонија. Ние веќе бевме почнати со работа, така што сега со оваа претстава која на некој начин е негова последна, доаѓаме на местото на неговото заминување и тоа уште толку е силно за сите нас. Клучната порака на монодрамата е дека Марија, пред сѐ била жена и мајка која проживеала реално искуство, губењето на синот, и тоа во однос на институционалната интерпретација на нејзиниот живот и животот на нејзиниот син за неа како жена е позначајно од она што следувало подоцна, вели актерката Матјашец Рошкер.
Претставата ја довршила драматургот Ливија Пандур во 2016 година, по ненадејната и прерана смрт на словенечкиот режисер Томаж Пандур.
– Со неговото заминување, мојата рана е толку длабока што може да ја носи само сцената. Нему му ја посветувам „Безгрешна“, кој веруваше дека сè што влегува на сцената се трансформира со него, вели Ливија Пандур која е и сестра на легендарниот режисер со светско реноме Томаж Пандур.

Откако студирала драматургија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Ливија Пандур работела како драматург во различни театри во Љубљана. Од 1991 до 1996 година е драматург на Драмата на Словенечкиот народен театар – Марибор. Меѓу другите, таа била драматург за сите продукции на Томаж Пандур (1963-2016) „Шехерезада“ во Младинскиот театар во Љубљана; „Фауст“, „Хамлет“, „Кармен“, „Божествена комедија“, „Руска мисија“, „Вавилон“ во Словенечкиот народен театар во Марибор; „Хазарски речник“, „Сто минути“, „Тесла Електрик“, „Калигула“, „Војна и мир“, „Микеланџело“ во ХНК во Загреб, „Фауст“, „Кралот Лир“ во Атина. Автор е на повеќе театарски публикации, и ја објавува и ја уредува театарската монографија „Театарот на соништата“ во 2002 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

