Култура
„Браќа Манаки“ ќе се одржи само еден ден во Битола и нема да има повеќе од 80 гости

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата реална форма, но достојно ќе биде одбележан со еден централен настан во Битола, што ќе се одржи на 19 септември 2020 во Пациото на Музеј и завод на Битола. Основен мотив за оваа одлука е зачувувањето на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект што оваа состојба ни го наметнува во сите сегменти на нашиот социјален живот.
На овој настан ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, и Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот. За време на овој настан ќе има и обраќање на добитникот на „Златната камера 300 за животен опус“ Јануш Камински преку видеоврска, а целиот настан ќе се пренесува во живо на Првиот програмски сервис на МТВ и на ФБ-профилот на фестивалот.
На режисерот Столе Попов ќе му биде врачена наградата што ја доделува ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Видеообраќање до фестивалот се очекува да има и новиот претседател на Меѓународната асоцијација на кинематограферите (ИМАГО), Кејс Ван Острум.
На настанот ќе биде прикажано и видео за новото кино „Манаки“ во Битола.
На централниот настан за одбележување на 41. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се очекува да присуствуваат и неколку амбасадори, филмски работници и дејци од културниот живот на земјата.
„На овој настан нема да има повеќе од 80 гости, кои ќе треба да ги почитуваат сите мерки и протоколи за однесување на присуство на манифестација на отворено, донесени од Владата. Ќе располагаме со маски, ракавици, средства за дезинфекција и ќе ја почитуваме пропишаната дистанцата. Пред влегување на секој од гостите ќе му биде измерена температура и сите оние кои ќе имаат зголемена телесна температура (над 37 Ц) нема да може да присуствуваат на настанот.
Влегувањето на гостите ќе се одвива од 17:45 часот до 18:30 часот кога и би почнал директниот пренос, кој ќе трае до 19:30 часот“, соопштија организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на ФИН Проект и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).