Култура
Вероника Бучковска е нова в.д. директорка на Агенцијата за филм, одлучи Владата

Вероника Бучковска е именувана за в.д. директорка на Агенцијата за филм, одлучи Владата на седницата одржана на 17.12.2024 и доаѓа на местото на Даниела Станковска-Плачковска, која неодамна поднесе оставка од функцијата.
Вероника Бучковска е дел од Секторот за филмска дејност и меѓународна соработка при Агенцијата за филм на РС Македонија од 2011 година задолжена за промоција на македонската филмска продукција на локално и меѓународно ниво, како и за следење на реализацијата на филмските фестивали. Има долгогодишно работно искуство во организирање и учество на настани од разни формати, со национален и меѓународен карактер, од типот на меѓународни конференции и фестивали, еднодневни обуки/работилници и сл. Активно учествува во организацијата/коорганизацијата на: EAVE Producer’s Workshop, Giffoni Film Days, Giffoni Macedonia, работилницата SNOWE-Women in Film, генерално собрание на одборот на директори на Eurimages – Северна Македонија, MakeCoProDox форум, Les-Is-More работилница за сценарија, First Cut Lab Balkans, фестивалски и индустриски програми со фокус на македонската и регионалната филмска продукција во рамките на многубројни филмски фестивали и голем број настани ориентирани кон младата публика и иницијативи за филмско образование. Учествува во подготовка и реализација на сите публикации и брошури, кои се однесуваат на промоција на филмската дејност (брошурата „Факти и бројки“, 2019 – 2022 и годишен каталог на македонска филмска продукција, 2012 – 2023 г.).
Вероника Бучковска е национален претставник во Европската аудиовизуелна опсерваторија (European Audiovisual Observatory) и на мрежата Европска филмска промоција (European Film Promotion), членка на мрежата на SEE (South-East European) Cinema Network, член на мрежата на Европскиот филмски комисии (EUFCN- European Film Commissions Network), член на Creative Europe MEDIA Committee и член на Balkan network group.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Жолдак гостин на МНТ

По повод јубилејот „80 години Македонски народен театар“ наш драг гостин ќе биде големиот украински режисер, Андриј Жолдак, еден од најголемите режисери на денешницата во Европа, соопшти МНТ.
Откако се пресели во Германија во 2006 година, Жолдак соработувал со различни престижни институции, како што се Театар Оберхаузен, Берлинер Фестшпиле и Виенскиот фестивал. Во 2004 година, тој беше награден со УНЕСКО наградата за изведувачки уметности. Во 2010 година, Андриј Жолдак продолжи да дава значаен придонес во светот на театарот. Особено се истакна со режијата на „Ана Каренина“ во Градскиот театар во Турку, Финска. Оваа продукција му ја донесе наградата Талија, доделена за најдобра финска претстава во таа година. Една од најважните години за него беше 2023 година: тогаш, Жолдак ја режираше операта „Замокот на Синобрадиот“ од Бела Барток во Операта во Лион, Франција. Подоцна истата година, во јуни 2023, тој ја постави операта „Фиделио“ од Бетовен во Холандската национална опера во Амстердам.
Што се однесува до збирката на дела на Жолдак во Скопје, таа ја вклучува продукцијата на „Електра“, која премиерно беше изведена на сцената на Македонскиот народен театар на 5 септември 2014 година, а тоа и е неговата 41. професионална театарска режија. Претставата доживеа големи успеси во Македонија и надвор од границите, проследени со многу патувања на реномирани домашни и странски фестивали, како и голем број награди. Претставата „Електра“ беше избрана за најдобро уметничко остварување во целина на 50. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ја понесе наградата за најдобра режија, актерката Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра женска улога, актерката Звездана Ангеловска доби награда за епизодна улога, а наградата за млад актер му припадна на Александар Ѓорѓиески. Потоа претставата на 4 септември 2015 година го затвори и Меѓународниот театарски фестивал НЕТА во Букурешт. Македонскиот народен театар со претставата „Електра“ зема учество и на 30. Театарски фестивал ФИАТ во Подгорица, Р Црна Гора, каде освои три награди, „Електра“ е прогласена за најдобра претстава, Жолдак доби награда за најдобра режија, а Дарја Ризова за главна женска улога.
Македонската публика имаше можност да ја види претставата „Електра“ на 19 септември 2015 година, во рамките на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ и таму следеше награда за најдобра актерка, повторно за Дарја Ризова. Во рамките на јубилејниот 40. Меѓународен театарски фестивал МОТ, „Електра“ се одигра на сцената на МНТ на 28 септември 2015 година.
Во 2017 година, „Електра“ учествуваше на 57. МЕСС, еден од водечките фестивали во овој дел од Европа, на истиот претставата брилираше, а актерката Ризова ја добива наградата за најдобар млад актер „Рејџан Демирџиќ“.
Жолдак, кој режира во повеќе европски центри, еднаш изјави дека е задоволен од соработката со ансамблот на МНТ и за нашиот театар рече дека станува можеби најдобар на Балканот, а за Македонија дека веќе е негов втор дом.
Андриј Жолдак во 2016 година ја продолжува соработката со МНТ и во копродукција со „Винер Фествохен“, еден од најголемите европски театарски фестивали, ја прикажа светската премиера на претставата „Соларис“ во комплексот MuseumsQuartiers (MQ) во австриската престолнина, а пред скопската публика се одигра есента.
Жолдак не признава бариери, комбинира комедија дел арте со сајберпанк и научна фантастика, се истура со енергија и имагинација. Неговиот театар е чист бес, ја слави ирационалноста и достигнува до самите ѕвезди кои ја инспирираат неговата космогониска визуелна екстраваганција. Затоа и не изненадуваат неговите најнови продукции.
Дипломирал студии по режија на московскиот Институт за филм и театар, под менторство на прочуениот руски режисер Анатолиј Васиљев. Авторската поетика на Жолдак, како и неговиот режисерски ракопис, несомнено се резултати на неговите перманентни интереси за филмот (Фелини, Бергман, Параџанов, Тарковски) и на истражувањата во областа на ликовните уметности. Повеќе години Жолдак го управувал Државниот академски драмски театар „Тарас Шевченко“ во Харков, на чија сцена режирал пет големи проекти кои, освен изведбите во Украина, биле изведени на престижни фестивали во повеќе од триесет европски земји. Во 2005 г. Жолдак ја режира Шекспировата пиеса „Ромео и Џулиета“, реализирана како копродукција помеѓу Берлинскиот фестивал (Berliner Festspiele), Европската агенција за култура (Agency Culture-Europe) и Аладемскиот драмски театар во Харков. По премиерната изведба на Берлинскиот фестивал и последователна изведба во Варшава, украинските власти го забраниле изведувањето на „Ромео и Џулиета“ во самaта Украина, принудувајќи го Жолдак да го напушти театарот во Харков. Оттогаш, тој постојано живее во Берлин, работејќи во водечките театри во Германија, Русија, Финска, Шведска и Швајцарија. Благодарение на својот долгогодишен опит на театарски практичар, како и на постојаниот ангажман во областа на театарската теорија, во текот на последниве години Жолдак е ангажиран како водител на низа теориски и оперативни театарски работилници во Велика Британија, Холандија, Шпанија, Германија, Финска, Франција, Јапонија.
Добитник е на голем број на награди.
Култура
(Фото) Пласидо Доминго пристигна во Скопје – од аеродром директно на проба

Пласидо Доминго вчера пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија.
Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и Балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба.
Со голем ентузијазам и воодушевување успшено заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност, но и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде, дефинитивно, еден од најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена.
Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал во најпрестижните театри во светот, на 14 март ќе ја исполни сцената во арената „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта.
Македонија го дочекува Доминго со восхит, а легендата почнува да ја испишува својата најнова музичка приказна.
Фото – Стефан Самандов
Култура
Љутков го посети манастирскиот комплекс „Св. Атанасиј“ во Лешок

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на Лешочкиот манастир, најголемиот духовен центар во тетовско каде се сретна со митрополито тетовско-гостивараски г. Јосиф.
Во рамки на посетата министерот Љутков заедно со в.д. директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџипецова ги најавија завршните активности за конзервација, реставрација, санација и ревитализација на Стариот конак како и активностите за конзервација и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Сакам да најавам дека оваа година конечно ќе заврши конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак кој претставува интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој проект кој е од исклучително значење не само за МКТ туку и за Република Македонија обезбедивме 6 милиони денари и очекувам негово завршување до крајот на годината“, информираше Љутков.
Тој додаде дека оваа година, како капитален проект, се обезбедија и финансиски средства за реализација на конзервацијата и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Според информациите од конзерваторите од НКЦ откриениот, трет, најстар слој фрески во црквата „Св. Богородица“ сведочи за повеќевековниот континуитет на опстојување на ова споменично добро во манстирскиот комплекс во Лешок. До крајот на годината очекувам да бидат пошироко дефинирани површините со најстариот живопис и да се предложат натамошни мерки за конзерваторските зафати“, рече Љутков.
Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на тетовско гостиварската епархија на МПЦ – ОА, г. Јосиф, кој информираше дека завршувањето на манастирскиот конак со капацитет од 50 легла, кој заедно со спомен собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние пропратни содржини што се внатре во самиот конак, ќе биде од особено значење за развој на манастирскиот туризам.