Култура
Вечер што ќе се памети со македонскиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски
Енергичен и впечатлив настап на „Охридско лето“ имаше еден од најдобрите гитаристи на македонската, но и светската сцена, Дамјан Пејчиноски, кој вчеравечер беше дел од фестивалската програма заедно со неговиот квинтет, Дејан Милосављевиќ на ударни инструменти, перкусионистот Зоран Јасгоридовски, Горан Гешовски на бас-гитара и пијанистот Трајче Станков.
Програмата со којашто настапија и ѝ приредија на публиката прекрасна вечер содржеше авторски композиции на Пејчиноски, џез теми, како и македонски етно композиции.
-Чувствувам огромна одговорност со мојот настап, со оглед на тоа дека станува збор за престижен фестивал низ чија долгогодишна историја продефилирале фантастични уметници, фестивал кој носи еден посебен дух, една огромна уметничка вредност, вели Пејчиноски.
Младиот гитарист Пејчиноски свири електрична и акустична гитара и специјализира повеќе музички стилови вклучувајќи џипси-џез, џез-фјужн, блуз, рок, кантри, традиционална македонска музика и слично.
Тој е спознориран од компанијата за гитари „Страндберг” и е истовремено дел од уметниците кои ја претставуваат оваа компанија. Ќе ја има честа да го промовира и најновиот модел на гитари што го изработува „Страндберг“. Ова е доказ дека неговото име е прочуено и во светски рамки.
-Компанијата „Страндберг“ ќе вади нов модел на гитара и особено имам чест што од сите нивни уметници ме избраа мене да ја промовирам новата гитара. Што се однесува до интернационалните настапи, тие не се толку чести, но ете, успевам нешто да договорам сам, нешто преку компанијата „Страндберг“ која е мој спонзор. Инаку сум задоволен, изминатиот период ми беше мошне активен. Во мај имав учество на фестивал во Португалија, а потоа и во Велика Британија. Да, би сакал мојата кариера да е светска. Посакувам да имам и менаџер којшто ќе ми договара настапи низ светот. Јас можеби сум скромен но реален во ова што го кажувам, и сепак, сум свесен за својата музичка вредност и знам дека треба повеќе да работам на маркетинг за да ги добијам големите светски сцени, вели охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски.
Пејчиноски запопочнува да свири гитара на шестгодишна возраст, но вистински интерес покажува на 14-годишна возраст. По завршувањето на основното училиште и гимназијата во родниот град Охрид, каде што живее и денес, се запишува на Националната музичка академија „Проф. Пантчо Владигеров “ во Софија (2003) и на Новиот бугарски универзитет, каде добива целосна стипенидија за неговите студии во областа на џезот каде што и магистрира. Во текот на својата музичка кариера Пејчиноски има бројни национални и меѓународни настапи и награди: во 2009 година тој е финалист на Светскиот натпревар по гитара „Гитар идол“ одржан во Лондон. Во 2010 година победува на 2 меѓународни натпревари за гитара – „Шред дис ту“ (“Shred This Too” – онлајн натпревар) и „Зиуа Китарелор“ („Ziua Chitarelor“) во Романија (настап во живо). Во мај 2010 година тој ја претставуваше својата земја како дел од Изборот за песна на Евровизија во Осло, како учесник на сцената. Во април 2013 година Пејчиноски настапува како солист со Претседателскиот оркестар на Белорусија во Минск, Белорусија. Предава во повеќе музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што бил раководител на Катедрата за гитара како вонреден професор. Во јули 2017 година одржува 4 концерти во Кина со своето трио, каде што е примен со најголеми почести од градоначалникот на градот Ланџоу кој му ја врачува наградата „Екселенс ин перформанс“ (“Excellence in Performance“).
Концертите, турнеите и мајсторските курсеви на Дамјан се одржуваат во Австралија, Кина, САД, Малдиви, Бугарија, Србија, Хрватска, Унгарија, Романија, Косово, Македонија и др. Тој настапувал и ја делел сцената со многу големи имиња како што се: Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

