Култура
(Видео) Македонски филмови се прикажуваа на фестивал во Торонто, се чекаше во редица за билет повеќе
Неколку македонски филмови беа прикажувани минатата недела на филмската смотра на македонскиот филм во Торонто.
„Гласот на Америка“ од лице место следејќи го настанот јави дека имало редици на билетарите, а сподели и видео со импресии на присутните гости на фестивалот.
18. издание на фестивалот го отвори „Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски, а го затвори „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски. Селектирани беа и кратките филмови „Северен пол“ на Марија Апчевска и „Баскет“ во режија на Димитар Банов.
„Извонреден настан, не само за македонската заедница, туку и за градот Торонто. Можност да ја претставиме нашата храна, култура, музика, филм. Да покажеме дека имате талентирани филмаџии“, велат посетитети со кои разговораше „Гласот на Америка“ на отворањето на Фестивалот во центарот на градот.
Брилијантно е да се види културното наследство, за минатото, сегашноста, иднината, потенцира организаторката Вирџинија Еванс.
Македонскиот филмски фестивал ќе расте, само ако расте бројноста на публиката, рече организаторката Вирџинија Еванс, која речиси две децении неуморно работи на реализирање на филмската смотра, која секоја година, традиционално, се одржува во оваа метроропола за филмот во Канада, јави „Гласот на Америка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светски ден на аудиовизуелното наследство во Кинотеката: презентација на проект за дигитална реставрација и 4-дневна филмска програма
На 28 октомври (понеделник), во 12 часот, Кинотеката на Македонија ќе го одбележи 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот ПИСМО на филмскиот и театарски режисер Васил Христов – Вуси. А до крајот на октомври пак, во вечерните термини на филмската програма ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.
Среднометражниот игран филм ПИСМО е реализиран во 2000 година во холандска продукција. Благодарение на EYE-Filmmuseum, националниот филмски архив на Холандија, неодамна и Кинотеката на Македонија доби копија од филмот, бидејќи продуцентот, кој повеќе не е активен, целата своја филмска архива ја има депонирано во EYE.
На презентацијата во понеделник ќе говорат преставници од Управата за заштита на културно наследство, нода Кинотеката на Македонија и од инволвираните стручни лица во процесот на дигитална реставрација, а ќе биде присутен и режисерот на филмот.
Како што погоре спомнавме, од понеделник до четврток, односно од 28 до 31 октомври, на репертоарот на кинотечното кино ќе се прикажуваат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да го потенцираме токму оваа 2024 година. Пред сè, тука се краткиот документарен ДАЕ (1979) на Столе Попов и играниот ПРЕД ДОЖДОТ (1994) на Милчо Манчевски, кои своевремено беа во трката за престижниот „Оскар“ како претставници на нашата кинематографија, а се закитија со подеднакво значајни награди и на други врвни светски фестивали – ДАЕ со „Гран при“ на МФФ во Оберхаузен, а ПРЕД ДОЖДОТ со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал. Потоа следи и партизанскиот трилер ПОД ИСТО НЕБО (1964) на режисерската двојка Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, па комитската драма НЕЛИ ТИ РЕКОВ (1984) на Стево Црвенковски, како и документарниот првенец ОГАН, повторно на Столе Попов, од 1974 година. Сите овие филмови во 2024 година одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање…
27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA –Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.
Култура
Промоција на романот „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски
Македонскиот писател Михајло Свидерски ќе гостува во КИЦ на РС Македонија на 25 октомври (петок) од 18:30 часот по повод својот роман „Последните денови на Ханс“. Ќе го претстави издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев. На настанот ќе учествува и преведувачката Тања Попова.
Во романот има загатка која веднаш ја зграпчува љубопитноста, извонреден психологизам кој го пленува читателот и пророчка длабочина со видение за невидливите кукловоди кои владеат со општеството.
Германски емигранти се населиле во едно зафрлено село некаде во Јужна Америка. Тие живеат во изолација, исклучувајќи ги посетите на малиот Сантијаго, кој му служи на стариот и болникав господин Ханс. Двајцата стануваат пријатели и момчето ги впива знаењата на беспомошниот и никому нужен старец. И додека селото е потресено од насилното преземање на власта во земјата (хунта, тоталитаризам), во болната свест на старецот, кој го крие својот вистински идентитет, вилнеат сеќавања од неговото минато – како понижено, малтретирано и угнетено дете, неостварен уметник, психопат диктатор, кој го потчинил половина свет со своето влијание. Зарем тој не е поврзан и со убиствата на луѓе од селото?
Роман во кој загатката не се открива до последната страница. Референците за конкретната историска личност се очигледни, но дали ликот е навистина тој, Адолф Хитлер? Читателот се претвора во детектив, во лавиринтите на психолошката драма.
Модерен европски роман кој може да се постави до делата на Шницлер, Џојс и Волф, неслучајно номиниран за најпрестижната македонска книжевна награда – „Роман на годината“ како и за Европската награда за литература, вели организаторот.
Покрај маестрално извајаниот наратив, романот импресионира со своите болно прецизни размислувања за слободата, осаменоста, стравовите и насилството што раѓа насилство.
Михаjло Свидерски создал роман кој го надминува балканскиот регион и е дело од светска класа, се истакнува во информацијата.
Култура
Националниот џез-оркестар утревечер го отвора JAZZHR: заеднички концерт со врвни солисти од регионот
На сцената на Клуб Театар Комедија-Контеса во Загреб, утревечер, 25 октомври, во 19.30 часот ќе настапи Националниот џез оркестар, заедно со солисти од регионот, со што воедно ќе биде отворено есенското издание на „JAZZHR“.
Публиката со нетрпение го очекува овој концерт кој ќе понуди богата програма заедно со врвни солистички имиња од регионалната џез сцена.
„Голема чест и задоволство е да го отвориме Хрватскиот џез фестивал. Ветуваме уште еден незаборавен концерт со разновидна и богата програма. Се чувствуваме возбудени и мотивирани од атмосферата со која на дочекаа во Загреб“, вели Гоце Стевковски, директор на НЏО.
Националниот џез оркестар ќе настапи во состав: Трајче Велков, Сенад Усеин, Александар Златески, Јордан Колевски на труби, Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски на тромбони, Борислав Веселинов, Славко Георгиев, Иван Иванов, Валентин Видовиќ на саксофони. Како дел од оркестарот на контрабас ќе настапи и нашиот истакнат џез уметник Мартин Џаконовски Шпато.
Диригент на концертот е маестро Џијан Емин.