Култура
(Видео) Музејот на ВМРО личи на театар, восочните фигури се правени произволно

Незаконско работење и злоупотреба на должностите, како и низа други неправилности, констатирала работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност/Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим. Во елаборат на 31 страница со 10 поглавја, за кои се анализирани повеќе од 270 документи, членовите на работната група ги изнеле своите анализи и предлози за натамошни постапки што треба да се спроведат за иднината на Музејот.
Како примарен предлог се посочува преименувањето, поточно скратување на името на Музејот во Музеј на македонската борба за државност и самостојност, промена во содржината на поставките каде што е пренагласена улогата на ВМРО во македонската историја, да се преуредат деловите што поттикнуваат на поделби и да се обрне внимение на оригиналните предмети бидејќи според нив Музејот не е театар во кој некој слободно по слична имагинација ќе поставува предмети.
Според Донка Барџиева-Трајковска, освен многу незаконитости во целиот процес на формирање на Музејот, чија вредност од предвидените 16.600 денари до завршувањето од буџетот одлеал 12 милиони евра, многу факти укажуваат дека оваа институција служела за лекување нечии фрустрации, а музеологијата воопшто не била консултирана.
„Додека ги прибиравме документите, никаде не најдовме елаборат за основање на овој Музеј, што според законот треба да биде изготвен од компетентни музеолози. Прекршен е законот во неколку наврати – од Законот за музеите до Законот за заштита на културното наследство. Тендерските набавки за изготвување експонати се правени преку Управата за заштита на културното наследство, што е сосема против законот“, рече Барџиева на денешниот брифинг во Владата.
За Барџиева, загрижувачки е дека овој Музеј го посетуваат деца, а во него има експлицитни морбидни сцени, кои се тенденциозни и не се својствени за музеј.
Предлозите за натамошно постапување со Музејот ќе бидат доставени до Министерството за култура, а надлежните ќе постапуваат во согласност со законот.
Како претседател на работната група, Александар Литовски вели дека е сосема надвор од памет од 13 музејски одделенија, дури 8 да бидат посветени на историјата поврзана со ВМРО и тоа, вели тој, нормално укажува дека ова била партизирана институција која имала некои други амбиции надвор од идејата за општестевна и културна полза на државата.
Наспроти тврдењата на актулениот директор Светозаревиќ дека Музејот е основан од страна на високостручни историчари и дека работната група нема таков член за да прави ревизија, Литовски вели дека Музејот е работа на музеолозите, историчарите може да учествуваат во научна расправа, а не во основање музеи.
„Не зборуваме за затворање на Музејот, но тој не смее да биде повод на општествени поделби. Се надеваме дека Министерството за култира ќе ги усвои нашите предлози и ќе формира стручна комисија која ќе се погрижи за веродостојноста на музејските експонати. Се чини дека и восочните фигури се правени според нечија слободна процена како и многу други експонати што се ставени во фукција да сведочат за македонската историја“, рече Литовски.
Работната група беше формирана на 13 март врз основа на решение издадено од тогашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.
Во извештајот се констатирани низа неправилности и прекршувања на повеќе закони, и тоа: Законот за буџетот и Законот за спороведување на буџетот, Законот за музејската дејност, Законот за заштита на културното наследство, генералните принципи и стандарди на современата музеологија, како и упад во идентитетскиот корпус на македонскиот народ и идеолошка обоеност на Музејот како целина и фаворизирање партиски митови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.