Култура
(Видео) Премиера во „Театар комедија“: „Вечера на глупаци“ на Стеријовска е несекојдневно театарско доживување

На сцената на „Театар комедија“ утревечер во 20 часот ќе се одржи премиера на претставата „Вечера на глупаци“ во режија на Ирена Стеријовска. Станува збор за претстава која ќе направи деконструкција на четвртиот ѕид, односно публиката ќе може да ја гледа актерската игра несекојдневно блиску.
„Со сценаскиот израз инспириран од филозофијата на познатиот француски надреалист Рене Магрит во неговата ‘Ова не е луле’ (ѕуку слика од лиле), во оваа претстава истражуваме за начинот на раскажување приказна и експериментираме со деконструкција на класичната физичка дистанца помеѓу гледачот и дејствието на приказната. Имено, гледачите се поставени во воајерска позиција, односно тие се самите обрач на станот во кој се случува дејствието. Тие директно и безмалку однатре го чувствуваат течението на приказната, што, пак, лично нив ги става во воајерска позиција од која ќе може да ги следат невообичаените ситуации што им се случуваат на протагонистите. Со тоа концептот на некој начин го коментира, па и го казнува ликот кој решава воејерски да им се исмејува на послабите од него, со тоа што му конструира ситуација во која и тој самиот е жртва на воејеризмот на публиката. Сметам дека театарот мора да станува сè повеќе иновантен и атрактивен за публиката за истата да има мотив да стане од своите домашни фотелји и да има желба да дојде во театар“, рече режисерката Стеријовска на денешната прес-конференција.
Претставата е подготвувана два месеца, а креативниот тим го сочинуваат: Ана Кркулевска-Попоски, сценографија и костимографија, Дарко Ристески – асистент на сценограф, Алаксандар Јорданов – избор на музика и Владимир Димоски – дизајн на светло.
„Вечера на глупаци“ е приказна која го коментира високото француско општество, кое презаситено од сè што може да се овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните.
„Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и персpективата од која тоа се доживува. Во дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева. Низ таа фарса од ситуации се отвора прашањето за тоа кои се вредностите што креираат квалитетен живот: дали тоа може материјално да се поседува и општествен сталеж, или способноста да се сочуствува и да се биде искрен? Земајќи ја предвид сè поголемата поделеност на општеството на богати и сиромашни, на социјално прифатени и социјално несоодветни, оваа приказна ги открива и другите нијанси меѓу крајностите, во кои може да се види дека среќата е апстрактен концепт, чија предвидливост и контрола порано или подоцна стануваат мит“, вели Стеријовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.