Култура
(Видео) Филмскиот фестивал во Кан заврши, Златната палма ја доби ирански филм

Филмот „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just an Accident) на иранскиот режисер Џафар Панахи ја освои Златната палма, главната награда на Канскиот филмски фестивал, во саботата.
Панахи, кој неколку пати беше апсен поради неговата режисерска работа, последен пат лично присуствуваше на фестивалот во 2003 година, кога неговиот филм Crimson Gold беше прикажан во категоријата Un Certain Regard.
„Уметноста ја мобилизира креативната енергија на најскапоцениот, најживиот дел од нас. Тоа е моќта што ја претвора темнината во простување, надеж и нов живот“, рече претседателката на жирито Жулиет Бинош при објавувањето на наградата.
„Тоа беше само несреќа“ со приказната го следи Вахид кој киднапира човек со вештачка нога кој изгледа исто како оној кој го мачел во затвор и му го уништил животот. Вахид и другите преживеани затвореници се обидуваат да утврдат дали ова е навистина нивниот мачител и што да прават со него.
Гран-при, второто највисоко признание по Златната палма, му беше доделено на филмот Сентиментална вредност на угледниот режисер Јоаким Трир.
На 78. Кански филмски фестивал се натпреваруваа 22 филма, а меѓу нив беа и филмовите на познати режисери како Ричард Линклејтер, Вес Андерсон и браќата Дарден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Во среда врачување на наградата „Роман на годината“ на Калина Малеска

Во среда (28 мај), со почеток во 20 часот, во просторот на бифето на Драмскиот театар во Скопје ќе се одржи свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културата „Славко Јаневски“.
Годинашен лауреат е романот „Светот што го избрав“ („Или-или“) од Калина Малеска, а оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева.
На свеченоста ќе настапи и џез бендот на Гоце Стевковски.
Наградата „Роман на годината“, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД скопје, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ во вредност од 150.000 денари.
Годинава наградата „Роман на годината“ се доделува по 26-ти пат. Минатогодишен лауреат беше романот „Единствен матичен број“ („Три“) на Лидија Димковска.
Култура
Македонија зборува со музика, душа и почит – Симон Трпчески со „Македонисимо“ одржа концерт во Рим

Македонскиот пијанист Симон Трпчески со „Македонисимо“ во Рим одржа концерт во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, којашто повеќе од 5 децении се одржува во вечниот Рим, каде што во црквата „Сан Клементе“ бил погребан Свети Кирил, еден од најголемите просветители и духовни столбови на словенскиот свет.
На настанот присуствуваше и претседателкта, Гордана Сиљановска-Давкова, како и министерот за култура, Зоран Љутков.
Во своето поздравно обраќање пред концертот, министерот се осврна на пијанистот Симон Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, на кој беа изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.
„Имаме особена чест да уживаме во интерпретацијата на еден од најистакнатите амбасадори на македонската култура, пијанистот Симон Трпчески. Симон со својата уметност не го освојува само светот, туку во секој тон, во секој акорд, на секоја сцена ја раскажува приказната за нашата земја, за нашата радост, тага, за нашата упорност. Тоа што тој го носи на сцената не е само музика – тоа е душа, тоа е Македонија. Секој негов настап е сведоштво дека уметноста е универзална, дека таа обединува и воздигнува и дека токму преку неа се среќаваат духовното, боженственото и човечкото. Затоа нека вечерашниот концерт биде нашата современа молитва, не со зборови туку со музика. Нека таа зборува таму каде што зборовите замолкнуваат. Нека делото на Свети Кирил и понатаму нѐ води низ вековите, низ културата и низ срцето на народот, затоа што јазикот ни е дом, културата ни е светлина, а заедништвото – сила“, порача Љутков.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како член на државно-црковната делегација предводена од претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод чествувањето на денот на светите браќа Кирил и Методиј, претходно го посети и гробот на папата Франциск, а положи свежо цвеќе и пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Култура
„Мит и стварност“ – нова книга од Паскал Гилевски

Книгоиздавателството „Панили“ објави нова книга од еден од најдаровитите и најсестрани македонски автори, Паскал Гилевски.
Насловена „Мит и стварност“, книгата е сублимат и синтеза на неговото шестдецениско творечко – преведувачко и критичарско искуство и претставува значаен влог и за есеистиката и критиката во Македонија, воспоставувајќи толкувачки координати со книжевни великани на кои Гилевски претходно им има посветено големо внимание проучувајќи го нивното творештво.
Паскал Гилевски во своите младешки години особено внимание ќе посвети на изучување на грчкиот, унгарскиот и францускиот јазик. Таа негова опседнатост во изминативе шеесет години творечка дејност ќе придонесе денес во негов превод на македонски јазик да ги имаме делата на големите француски писатели Оноре де Балзак, Ромен Ролан, Теодор Готје, Виктор Иго, Франсоа Вијон и на Алберт Ками, потоа на грчките класици Сеферис, Казанѕакис, Јанис Рицос, Рита Буми Папа, како и антологиските унгарски писатели Шандор Петефи, Ендре Ади, Шандор Вереш, Ференц Јухас и многу други. Во еден дел, книгата „Мит и стварност“ е резултат токму на неговата темелита посветеност на творечките опуси на овие автори.
Во посебно поглавје од книгата „Мит и стварност“, Гилевски инспиративно пишува за култната поема „Сердарот“ од Григор Прличев, за романите „Уткини соседи“ од Божин Павловски, „Црна билка“ од Ташко Георгиевски, „Зора зад аголот“ од Димитар Солев и др.
– Паскал Гилевски е пасиониран вљубеник и одличен познавач на творештвото на овие автори. Преводите на делата на големите светски писатели, тој ги проследува со критичко-есеистички толкувања. Благодарение на неговата преведувачка дејност,како и неговата упатеност во литературата, тој ја создал книгата „Мит и стварност“, која ќе заземе посебно место во областа на критиката и есеистиката. Всушност, „Мит и стварност“ е дело на голем зналец е исклучително упатен писател во француската, грчката, унарската литература и македонската литература, пишува Иван Антоновски.
Паскал Гилевски (1939, Сетома, Егејска Македонија) е раскажувач, романисер, поет, есеист, критичар и преведувачПо Граѓанската војна во Грција, од 1948 до 1956 година живеел во Унгарија, а потоа се преселил во Скопје. Завршил прв степен на Академијата за ликовни уметности во Белград, како и Филозофски факултет во Скопје. Работел како ликовен рецензент во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Од 1999 до 2002 година бил директор на Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а бил и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Некое време живеел во Париз, а престојувал и во Италија, Англија, Холандија, СССР, Чехословачка, Египет, Сирија, Јордан итн. Гилевски е член на Унгарската академија на науките и уметностите, Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1970 година).
Заедно со Ташко Ширилов, во текот на 1971/1972 година, Гилевски бил основач и уредник на весникот „За македонцките работи“, а потоа и на ревијата „Огледало“. Според неговиот расказ „Глава“, снимен е краткометражен филм, во продукција на „Вардар Филм“. Неговите песни и раскази се преведени на повеќе јазици, и тоа: српскохрватски, унгарски, грчки, италијански, француски, турски, словенечки, полски, англиски, украински итн.
Гилевски учествувал во подготовката на повеќе книги со македонска книжевност, објавени во Унгарија, Грција и Франција, а бил уредник на повеќе антологии и збирки. Неодминливо е неговото присуство во областа на критиката, есеистиката и публицистиката преку делата: „Толкување на уметноста“, „Поетика на два брега”, „Повредена интелигенција”, „Од мугра до мугра” и „По патот на великаните“.
Новата книга на Гилевски, „Мит и стварност“ е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“.