Култура
(Видео) Љутков: Бисера Стојчевска промовира стар проект на ВМРО-ДПМНЕ како новитет на СДС
„Новитетите во културата на Бисера од земјата на чудата! Парадите што ни се приредуваат од страна на СДСМ станаа секојдневие! Забрзано, безидејно, со цел да се покажат навидум стремежите кон ‘европските вредности’, пресовите и скапите медиумски владини кампањи стануваат пресмешни и немаат никаков ефект“, рече Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„На една од нив, прес-конференција на која овој пат во главната улога беше министерката Бисера, ни беа соопштени ‘новитетите’ во културата на конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година!
Пресот заврши, но останаа да лебдат вашите и лагите на вашите претходници, кои дрско и безочно ја уништија културата.
Срамот ќе си го носите многу долго затоа што сите вие во 2017 година ги укинавте ‘новитетите’, односно креативните индустрии и деновите на македонска култура во странство.
Секоја година, од 2017 година наваму, по секој ваш прес на тема конкурс, жестоко сме реагирале и сме укажувале на сите ваши несоодветни постапки!
Колкупати јавно сме говореле и од петни жили сме се обидувале да допреме до вас за значењето и потребата од развој на креативните индустрии, за значењето на меѓународната промоција на Македонија и за културната дипломатија?!
И до сега ниту еднаш не нè слушнавте?! Па уште и промовирате нешто што на тацна ви го оставивме (развиено и етаблирано), а ваше беше само да го продолжите!
Што, всушност, кажавте вие на пресот, дека сега сте спознале дека креативните индустрии постојат и каков економски бенефит носат во развиените средини?!
Па, еве, повторно, стоти пат, ќе ве потсетиме дека стратегијата за креативните индустрии во Република Македонија почна во 2009 година преку мапирање и реализација на 6 успешни конкурси со над 300 поддржани корисници. Најголем процент на млади креативци, кои своите идеи ги изложуваат јавно и на годишни изложби.
Ви оставивме и одделение во Министерството и стручен кадар, но вас тоа не ве интересира, па го преименувавте за да си финансирате квазиинтердиспципиланирни проекти.
7 години по ред буџетските средства брутално се распределуваат за невладини проекти или исклучиво за задоволување поединци и здруженија од т.н. невладин сектор, односно шарените револуционери.
А тоа што не го кажавте е дека за 7 години, само од таа буџетска програма се одлеани околу 4.750 000 евра, а бенефит од тоа – нема.
Министерке, неодамна отидовте на регионална Ккнференција за креативните индустрии во Црна Гора како Алиса во земјата на чудата. Таму беа сите министри со експертите од своите земји. Е, сега, со кого отидовте Вие и што кажавте таму и каков срам ни приредивте?!
И да, вистината е дека во Европа креативните индустрии се трет економски сектор, кој генерира над 500 милијарди евра годишно и 12 милиони редовни вработувања, нешто што ВМРО-ДПМНЕ почна да го прави, одамна го знае, го следи и со внимание ги темели идните културни политики!
А вие 7 години денар не одвоивте и нè оставивте на дното на мочуриштето. Затоа ви се гледа крајот, а за кратко ќе имате можност да видите што значат програма, стратегија и визија за градење културна политика!“, изјави Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Отворена изложбата „Простор и форма“ на Мице Јанкуловски
Синоќа беше отворена самостојната изложба „Простор и форма“ од Мице Јанкуловски во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац.
Изложбата ја отвори директорот на Центарот за култура, г. Драган Арсиќ, а кураторот Корнелија Конеска пред присутните го објасни концептот на изложбата:
На изложбата е претставена меѓузависноста помеѓу просторот и формата на многу специфичен начин: со сликарство и графика, со многу големи и многу мали формати, но само со една боја (црната) – се во стилот на авторот Мице Јанкуловски.
Јанкуловски е уметник кој твори повеќе од 55 години и во текот на професионален развој стана препознатилив по своите атрибути:
МОНОХРОМНОСТ – зашто слика само со една боја, црната
МОДУЛАРНОСТ – зашто форматите на неговите дела се секогаш претходно осмислени и во меѓусебна зависност едни од други
МУЛТИПЛИКАЦИЈА – зашто формите кои ги користи во своите слики ги мултиплицира, а ги мултиплицира и платната во големи полиптиси
МИНИМАЛИЗАМ – зашто својата уметничка цел ја постигнува со минимум елементи, што всушност е најтешко да се направи, но сепак зборуваме за уметник со над 55 годишно активно уметничко творештво!
Од богатиот опус на неговото творештво, пред вас, нашата ценета публика, се претставуваме концепт од сериите „Круговите на Леонардо“, серија која започна во 2017 и првото дело од оваа серија беше носител на Наградата за животно дело „Лоренцо ил Мањифико“ на Фиренца биеналето 2019. Дел од следните дела, триптихот „Круговите на Леонардо II“ и „Круговите на Леонардо III“, како и сегмент од поврзаното со истата тематика дело „Ноќите на Тоскана“ – се изложени во Модерната галерија во Горњи Милановац.
Идејата за ова серија Јанкуловски ја црпи од „Студијата за водата“ направена од страна на големиот Леонардо да Винчи, во која тој објаснува дека водата која паѓа од височина создава концентрични кругови кои никогаш не се сечат меѓу себе. Вистински предизвик за претставување на апстракцијата на оваа студија на платно!
Паралелно со нив се претставени и графичките дела Формите на Венеција и Формите на Фиренца (Омаж на Еугенио Монтале), претставени како триптих на сериграфии со апликација на флок, печатени во студиото за графика Фалани во Венеција. Формите во овие свои дела Јанкуловски ги сведуваат на судир меѓу црното и белото.
Изложбата ќе биде поставена во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац до 7 ноември 2024.
Култура
Изложба на керамики од Филип Фидановски со наслов „Пикасо можеби јас 2“
Во Музејот на град Скопје од 25 октомври до 05 ноември 2024 година, ќе бидат изложни керамики од Филип Фидановски со наслов „Пикасо можеби јас 2“.
Отворањето на изложбата е на 25 октомври во 20 часот.
Ќе бидат претставени 17 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18 каратно злато за керамика и порцелан.
Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија, финансиски подржана од Министерството за култура и туризам и спонзорирана од општествено одговорни компании од нашата држава: НЛБ Банка, Дајнерс клуб – Македонија, Тиквеш, Скопска Пивара, Мартема, Метеор фото студио, Виталија и Торакс.
Изложбата ќе ја отвори Н.Е. Г-дин. Рафаел Соријано Ортиз, Амбасадор на Шпанија
За изложбата во каталогот амбасадорот ќе напише:
Нашата културна дипломатија се заснова на размена и дијалог, каде што промоцијата на нашите уметници е исто толку важна како и можноста за соработка која се движи во две насоки и за која оваа изложба е добар пример. Делото на нашиот брилијантен сликар Пикасо, инспирира творештво од нашиот македонски уметник кој на тој начин постигнува уметничко дело кое, во исто време, е македонско и шпанско. Накратко, отворена за светот бидејќи Уметноста со голема буква не познава граници.
Куратор на изложбата е Проф. Д-р Кирил Пенушлиски кој во текстот во каталогот ќе заклучи:
„Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација, и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо.
Филип Фидановски (Скопје, 1977).
Во 1996 година завршува Средно уметничко училиште завршува во Скопје (1996) во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров, а високо образование и магистерски студии завршува на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија (2004), на катедрата за керамика во класата на Професор Красимир Џидров. Од 1995 година до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирани и групни изложби. Учествувал на многу уметнички колонии и симпозиуми. Член е на повеќе професионални здруженија. Професор е по предметот Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Во периодот од 2003 – 2010 е: доцент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје; 2002 – 2006 стручен соработник во Музеј на
Македонија, Одделение за едукација, во периодот 2002 – 2003 работи во ателје за музејски копии при истиот Музеј; 2019 – 2022 е претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), во 2020 – 2021 е директор на уметничкото училиште Државно средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ – Скопје; 2020 – 2022 е претседател на комисија за полагање приправнички испит по ликовно образование при Државниот испитен центар на Македонија; во 2023 е член на комисија за визуелни уметности, архитектура и дизајн при Министерство за култура. Автор е на „Прирачник за изведување на настава по ликовно образование“ како и на „Практични вежби и материјали за учење за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование“. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Учествува во организација на многу настани од облата на уметноста и културата, а на некои од нив е и автор. Добитник е на наградите: (2018) Награда за скулптура на ДЛУМ, Скопје; Награда „КОНСТАНТИН МАЗЕВ“ за мал формат од Културно информативен центар – Скопје. (2015) Награда за скулптура мал формат „ДИМО ТОДОРОВСКИ“ – ДЛУМ. (2007) Награда за скулптура „ЈОРДАН ГРАБУЛ“ на ДЛУМ, (2000) Трета награда за млад автор на Петтото интернационално биенале за керамика, Каиро, Египет (Бронзена плакета).
Денес живее и работи во Скопје.
Подетално за авторот и неговото творештво на веб страницата на авторот: https://filipfidanovski.mk/
Култура
Столе Попов добитник на наградата „Живојин (Жика) Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот
На манифестацијата „Годишни награди за режисерите“, која се одржа во Нови Сад, на истакнатиот македонски режисер Столе Попов му беше врачена наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот. Наградата му ја врачи легендарниот актер Предраг Мики Манојловиќ, откако воведно обраќање имаше Ненад Павловиќ, и самиот режисер по професија и син на Жика Павловиќ.
-Навистина е голема чест да се добие награда која го носи името на Живојин Павловиќ. Голем уметник, голем човек, фантастичен пријател и човек кој имаше големо разбирање за младите луѓе и кој беше една од најзначајните и најавтентичните личности не само на југословенскиот и балканскиот, туку и на европскиот филм. Неговите ставови и поимањето на естетиката на филмот беа блиски на моето убедување и токму тоа толку многу не зближи. Ова е навистина големо признание кое мене ми е подраго од сите награди што сум ги добил досега, рече Попов во своето емотивно обраќање.
Предраг Мики Манојловиќ врачувајќи ја наградата посочи дека имал среќа да соработува и со Павловиќ и со Попов, се запознал со нивните семејства и смета дека врската меѓу нив двајца е природна, а филмскиот ракопис и израз им е сличен.
Во рамките на манифестацијата „Годишни награди за режисерите“ се одржа конференција на Организацијата за заштита на авторските права и серии панели на Асоцијацијата на режисери од Балканот, на кои со останатите колеги од Балканот учествуваше Игор Иванов Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Мисијата на оваа манифестација е на професијата режисер да и го врати интегритетот и независноста на авторските идеи и да се избори за професионални услови за работа и промоција на нивните дела.