Култура
„Водени предели: Импресии од патувања и култури“ – изложба на акварели од Симонида Филиповa и Ари де Гоеш
Во Културно-информативниот центар – Скопје на 22 октомври 2024, во 20 часотќе се случи отворањето на „Водени предели: Импресии од патувања и култури“ – изложба на акварели од Симонида Филиповa и Ари де Гоеш.
Заедничката изложба на Симонида и Ари де Гоеш „Водени предели: Импресии од патувања и култури“, според организаторот, е фузија на многугодишните искуства и посветеноста кон уметноста на двајца артисти, претставена во форма на уникатен дијалог помеѓу нивните рафинирани техники и емотивни изрази. Акварелната техника е средство со кое овие визуелни уметници, и неуморни патници, ја доловуваат флуидноста и постојаната трансформација на пејзажите со кои се сретнале и на влијанијата од културите што ги апсорбирале на секое едно место при своите патувања.
Симонида, позната по нејзината техничка сензитивност, користи енергични потези и живописна палета на бои за да создаде апстрактни форми кои одекнуваат како импресии од нејзината културна траекторија. Водената боја, применета со мајсторство, им овозможува на нејзините композиции да бликаат со својата длабочина и динамика, додека транспарентноста меѓу слоевите создадава игра на светлина и сенка која го предизвикува гледачот да погледне под површината. Нејзиното широко искуство како визуелен уметник е очигледно во богатите детали на формите и нејзината способност да го преведе со совршена прецизност хаосот и енергијата на урбаните и природните пејзажи кои ја инспирирале.
Од друга страна, Ари де Гоеш се фокусира на едноставноста на пејзажите во форма на елегантни полуапстракции, каде што рафинираната техника е фундаментална за постигнување на посакуваната леснотија и спокојство. Неговата прецизна употреба на техники базирани на вода, комбинирана со поедноставување на формите, ги облагородува пејзажите со контемплативен карактер, дозволувајќи му на гледачот да се нурне во спокојот на неговите композиции. Преку транспарентноста и суптилните контрасти, Ари ги претвора обичните сцени во длабоки визуелни рефлексии.
Технички, изложбата „Водени предели“ открива уникатна хармонија помеѓу гестуалната експресивност на Симонида и контемплативната леснотија на Ари де Гоеш. Двајцата уметници се потпираат на различни културни влијанија за да ги компонираат своите апстрактни пејзажи, каде што транспарентноста, суптилните или енергичните потези и интеракцијата меѓу боите и формите се истакнуваат. Апстракцијата е заедничка нишка која овозможува личните искуства од патувањето и интроспекцијата на секој уметник да се соединат во визуелен дијалог.
Оваа фузија на техники и естетски пристапи нуди рефлексија за влијанието на пејзажите, не само како физички простори, туку и како метафори на спомени, емоции и трансформации што ги доживуваат оние кои ги населуваат или посетуваат тие предели расеани по меридијаните. „Водени предели: Импресии од патувања и култури“ е изложба која ја слави уметноста како зачин за внатрешна и надворешна трансформација, поканувајќи го гледачот на контемплација при своето патување низ водените предели на двајца исклучителни уметници, пријатели и патници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

