Култура
Скопска премиера на „Нема да биде крај на светот“

По премиерната изведба на 18 септември во Сараевскиот ратни театар – САРТР, Сараево, а во рамките на МОТ на 24 ноември на малата сцена во МНТ со почеток во 20:00 часот пред скопската публика премиерно ќе се одигра претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ.
Станува збор за драма која се занимава со рушењето на интимните светови. Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет. Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други.
Според авторот се чини дека планетата се разбудила и дека на човештвото му враќа за сета негова ароганција и себичност. Флоскулата „крај на светот“ никогаш не била позастапена, како во медиумите така и во секојдневните, обични разговори. Стравот од генералното пропаѓање на планетата како да ги направи неважни сите оние мали, индивидуални „краеви на светови“.
Секој од нас носи некој свој „крај“. И тој не е ни малку поневажен од општиот крај на светот. А историјата нè учи – светот секогаш ќе постои во некаков облик, со или без нас. И затоа, додека сè уште можеме, да зборуваме повеќе за нас – за нашата сила, онаа индивидуалната, но и за потребата од другите со цел да се изгради некој нов, појак, интимен свет во кој нема да ни биде страв да зборуваме за кршењата. Тие се тука за да ни дадат сила секогаш да почнуваме од почеток.
Претставата се игра на македонски и на босански јазик, во продукција на „Перипетија продукција“ – Скопје во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР. Како креативни соработници се потпишуваат: костимографката Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценографот Ангел Петровски, изборот на музиката и адаптацијата се на Оливер Митковски, (во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски), а соработник за македонски јазик е Ѓорѓи Јолевски.
„Нема да биде крај на светот“ на последното фестивалско претставување во Босна и Херцеговина освои четири награди: специјална награда за режија, наградата за најдобра актерка и актер како и специјална награда за актерска игра.
Следните изведби се закажани на 25 и 26 ноември, а билетите се достапни преку веб-страницата www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почина српската актерка Љиљана Седлар, ѕвездата на серијата „Подобар живот“.

Актерката Љиљана Седлар почина на 80-годишна возраст по кратко боледување, потврдија нејзините блиски пријатели.
Најпозната е по улогата на Дуда Павловиќ, зајадливата тешта на Александар Попадиќ (Борис Комнениќ) во култната серија „Подобар живот“, во која се појави во 20 епизоди и „Жикина династија“.
Љиљана Седлар е родена на 1 ноември 1943 година во Белград, а во повеќедецениската кариера одигра десетици улоги.
Таа дебитираше на големото платно во 1968 година во филмот „Под стаклено ѕвоно“, по што продолжи да игра импресивни улоги. како во „Отпишаните“, „Мојот татко на одредено време“, „Жикина династија“, „Развод на одредено време“, „Шпион на штикли“.
Последната улога Љиљана ја одигра во 1998 година во „Враќање“, по што замина во пензија.
Изложби
Прва голема изложба на дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во „Кунстхале Виена“

Во престижниот простор „Кунстхале Виена“/Kunsthalle Wien Museumsquartier (кој е дел од „Музеум квартиер“), еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложбата – No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection.
Првпат во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Ова големо претставување е резултат на соработката помеѓу двете уметнички институции МСУ – Скопје и „Кунстхале Виена“. Изложбата е курирана од уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ).
Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку светската солидарност.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и 50-ина дела од современите уметници вклучени во овој проект.
Од колекцијата на МСУ за Виена патуваат дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и многу други.
Култура
По настапите во САД и Франција, уникатно музичко патување со младата вокалистка Натали Зарин во „Станица 26“

На 28 март, вторник, со почеток во 21 часот, на сцената во ноќниот клуб „Станица 26“ зпрвпат ќе настапи младата вокалистка Натали Зарин. Ова уникатно целовечерно музичко изненадување, со наслов „Рапсодија 26“, е замислено како фузија на разни музички жанрови и звуци, повеќе и помалку познати на нашата сцена, обоени со иновативен призвук.
„Овој музички проект нуди нов и препознатлив звук, кој ги спојува елементите на поп, соул, електроника и денс-музика. Креираме оригинални аранжмани на веќе познати мелодии, преработени во уникатен стил и создаваме нов звук. Така, се обидуваме да допреме до публиката и да создадеме едно ново и незаборавно искуство. Нашата музика е спој на разни жанрови, кои ги рушат конвенционалните граници“, вели Зарин, која на сцената ќе настапи со поддршка на музичарите: Никола Бочваров на бас-гитара, Александар Ванчовски на тапани, Петар Лукиќ – клавијатури и Иван Петровски – гитара.
Музичкото патување ќе биде отворено со оригинална музика од „Авија“ (инструментална верзија). Прв акт: „Габриел“, потоа, следуваат изведби на песните: „Чувствувам љубов“, „Засекогаш повеќе“, „Треска“, „Роден да умре“, „Во состојба на интоксикација“. По интермецото со Париз од „Авија“ (инструментална верзија), следува втор акт: „Панаме“ и песните: „Не плачи за мене Аргентина“, „Прекрасниот остров“, „Боем“, „Тебе ти е редот“, „Повлечи се“ и „Ми недостигаш“. И трети акт „26“ и мелодиите: „Подготвен или не/не сакам да знам“, „Чекори една мичлја во моите чевлиж“, „Ќе преживеам“ и „Не е во ред, но добро е“.
Натали е ново име на македонската музичка сцена, а вокалната техника ја образова на Факултетот за музичка уметност во класата на професор Борис Трајанов.
Во 2018 и 2019 година се доусовршила на приватниот истражувачки универзитет – Музичкиот конзерваториум The New School во Њујорк. Претходно, има посетувано и часови по глума во студиото на Ивана Чабак во Лос Анџелес (2016/2017).
Минатата година, за време на нејзиниот престој во Париз, Франција, има настапувано во клубот Le Piaf и во прославеното кабаре-бар Boeuf Sur le Toit.
Во Соединетите Американски Држави досега имала неколку настапи во живо, помеѓу кои во Town Hall Ptown, Tin Pan Alley late night show и на „Училишна ноќ“ во Лос Анџелес.
Досега има настапувано и со оркестарот на Национална опера и Балет во Скопје.