Култура
Групна изложба на 13. Скопје постер-фестивал

Во склоп на овогодишното 13. издание на Скопје постер-фестивал ќе бидат изложени плакати од 75 светски дизајнери, од 56 земји од целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија. Изложбата ќе биде поставена во Галерија МКЦ од 16 до 26 ноември.
Целата иницијатива се реализира во соработка со Poster Тerritory од Калифорнија, Чешката асоцијација за графички дизајн, Московското биенале и реномираниот дизајнер Мирко Илиќ од Њујорк – познат на нашата публика како еден од најинспиративните дизајнери и стрип-уметници од поранешна Југославија. Исто така ќе бидат претставени и студентски плакати, кои се приклучија на повикот на нашата иницијатива и, секако, заеднички ќе дадеме придонес во ширењето на мисијата и гласот на уметникот.
Дел од дизајнерите кои ќе бидат застапени се: Јоси Лемел (Израел), Мирко Илиќ (Њујорк), Хавиер Борбола (Куба), Адек Сапутра (Индонезија), Петре Поч (Унгарија), Тирсо Цезар (Италија), Кристофер Скот (Еквадор), Луис Ривера (Бразил), Ерин Брајт (САД), Роберт Јанг (Велика Британија), Небојша Гелевски и Лазе Трипков (Македонија), Хитоши Мјура (Јапонија) и др…
Согласно препораките на Комисијата за здравство и Министерството за здравство, посебен термин за отворање нема да има, а сите заинтересирани ќе може да ја посетат изложбата согласно препораките за почитување на мерките од Ковид-19, секој ден во период од 10 до 20 часот.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Премиера во Грузија на „Јон Вардар против Галаксијата“

Анимираниот филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на 5. издание на Striped Tale Animation Festival 2025, што ќе се одржи од 16 до 18 мај во Тбилиси, Грузија.
Фестивалскиот тим на својата веб страница го опишува филмот со следниве зборови:
„Вселенска зоолошка градина. Балкански хумор. Хаос на интергалактичко ниво. Јон Вардар против Галаксијата нè носи во една апсурдна мисија за спас на универзумот. Чудовишта, сатира и емоции се судираат во оваа забавна вселенска опера за сите возрасти. Научно-фантастична пародија со срце, вонземјани и автентичен балкански дух.“
Филмот досега имаше селекции на преку десет фестивали, од кои 5 се во А и Б листите на најдобри филмски фестивали во светот. Поддржан е од Агенцијата за филм.
Култура
„Пеколот е мало место“ – нова стихозбирка од Тихомир Јанчовски

Поетот Тихомир Јанчовски, во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј го објави новиот поетски ракопис со наслов „Пеколот е мало место“, којшто на интересен начин се надоврзува на неговиот претходен поетски опус.
Новата стихозбирка на Јанчоски донесува педесетина нови песни и е поделена на циклусите „Обиди се да сфатиш“, „Годините врват“, „Секогаш од љубов“ и „Куќа за птици.
Оваа нова поетска објава на Јанчовски е проследена со поговор на авторот Душко Крстевски, кој, меѓу другото, со своите оценки поентира:
– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување.
За потсетување, македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил општа и компаративна книжевност на УКИМ има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни.
Култура
Изведбата на моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди во рамките на 53. издание на Мајските оперски вечери

Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 19 мај со почеток во 20.00 часот во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло дизајн, Милчо Александров.
Насловната улога (Набуко) ќе ја толкува, Луис Кансино од Шпанија, во улогата на Абигаиле ќе настапи Ханјинг Цо од Кина, Николина Јаневска ќе ја толкува улогата на Фенена, Уго Тарквини (Италија) ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Џовани Пароди (Италија), во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Ана Ројдева, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).