Култура
Десетта награда за филмот „Хомо“ на Игор Иванов-Изи: најдобро сценарио на „Тамил Наду филм фестивал“

Најновото признание за играниот филм „Хомо“ (Only Human), во режија на Игор Иванов-Изи, доаѓа од „Тамил Наду филм фестивал“, кој се одржа од 10 до 19 август во Ченај, главниот град на најјужната индиска држава Тамил Наду и кој на својата публика ѝ понуди програма од осумдесетина филма од сите континенти на светот.
Фестивалското жири му ја додели наградата „Златен козорог“ на „Хомо“ за најдобро сценарио во рамките на интернационалната компетитивна програма на игран филм, која прикажа селекција од 19 наслови.
Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов-Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ од Србија, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, автор на маска е Аленка Нахтигал, двете од Словенија, снимател на звук – Борис Трајанов, монтажа Мартин Иванов и аврот на оригиналната музика е Зоран Спасовски.
Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев, Славиша Кајевски и други.
Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Тригер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум филм, Словенија), кои добија финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.
„Хомо“ светската премиера ја доживеа на 51. Гоа ИФФ Индија во 2021 година и до сега беше прикажан на фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Австралија, Чешка, Италија, Шпанија, Франција, Романија, Србија, Бугарија, Грција, Турција, Египет. Учеството на „Хомо“ во рамките на официјалната програма на „Тамил Наду филм фестивал“, каде што ја доби својата десетта награда, е негово петто фестивалско претставување во Индија.
Филмот е дистрибуиран на териториите на Балканот, а од неодамна ѝ е достапен и на публиката во Северна Америка и Бразил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.