Култура
Дигитализација на творештвото на Анте Поповски во Градската библиотека во Скопје
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/04/IMG-0cb91ef465358aa237592cba7d4d449f-V.jpg)
ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје потпиша договор со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – АНТЕВО ПЕРО, за добивање дигитализирани материјали од неговиот опус, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива.
Целокупното творештво и дејност на великиот Анте е од непроценливо значење за македонската култура и сметаме дека како институција сме должни да го заштитиме и промовираме денес, но да го оставиме достапно и за идните генерации.
„Наша должност како библиотека е да го чуваме творештвото на македонски јазик од македонските великани, од оние што пред нас го трасирале патот на македонската култура и општество. Една од тие фигури е секако и Анте Поповски, и тоа не само како поет и академик туку и како значаен општественик и голем борец за зачувување и промоција на македонскиот јазик и македонското прашање во 20 век. Нашите ресурси и знаење, особено Одделот за дигитлизација, годинава, меѓу другото, го ставаме во функција на преземање дигитализирани единици или дигитализирање нови во координација со Здружението АНТЕВО ПЕРО. Силно веруваме дека творештвто на Анте допрва ќе се истражува и анализира од повеќе апсекти и во повеќе научни области“, истакна директорката на Библиотеката, Снежана Стојчевска.
Среќни сме што Градската библиотека силно го вреднува опусот на Анте, но и нашите напори за неговото зачувување и постојано промовирање, велат и од Здружението АНТЕВО ПЕРО:
„Дигитализацијата на најголемиот дел од неговите книги, фотографиите и дел од личната преписка со значајни творци од 20 век е направена од Атина Цветаноска, член и еден од основачите на Здружението АНТЕВО ПЕРО. Овие материјали во дигитална форма ѝ ги отстапуваме на Библиотеката бидејќи тоа значи поголема достапност за што повеќе почитувачи на Антевото дело, идни истражувачи на неговото творештво, неговата општествено-културна работа и силните заложби за зачувување на македонскиот јазик“, велат Александар и Жорж, синови на Анте Поповски и основачи на Здружението.
Дигитализираните единици ќе се поставуваат на платформата „Дигитална библиотека“ во посебна секција. Во првата фаза предвидено е поставување дигитална верзија од книгите: „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“„Света песна“ и „Две тишини“. Исто така, ќе бидат поставени и фотографии од личниот и професионалниот пат на Анте, почнувајќи од најстарата зачувана фотографија од 1932 година, на која е тој има само една година и е заедно со родителите. Во делот со преписките ќе бидат поставени дигитализираните верзии од коресподенциите со двајца добитници на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата – Рафаело Алберти (1979) и Хусто Хорхе де Падрон (1990), меѓу другото, многу значајни и за македонскиот јазик и идентитет.
Договорот за дигитализација на творештвото на Анте Поповски се совпаѓа и со два големи јубилеја – 60 години од објавувањето на неговата книга „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“.
На крајот од оваа година предвидена е и јавна презентација на сработеното пред студентите по филологија, односно идните потенцијални проучувачи на животот и делото на Анте Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
Објавена програмата на 36. поетска ноќ во Велестово
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_velestovo-poster-mkD-1.jpg)
36. Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.
‒ Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид ‒ истакна програмскиот директор на фестивалот, Јулијана Величковска.
Годинешното издание ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.
На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.
Култура
Поетски фестивал и изложба во рамките на одбележувањето 61 година од скопскиот земјотрес
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/MKC.jpg)
Во рамките на одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес се одржуваат повеќе активности и манифестации.
Со почеток во 19 часот, во ЈУ Младински културен центар ќе се одржи првиот интернационално традиционален поетски фестивал „Заедно за Скопје“, посветен на земјотресот од 1963 година, а учество зедоа 130 поети од 40 држави.
Во Музејот на Град Скопј,е во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“, која е подготвена по повод одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес, кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година. Изложбата зборува за земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година и состојбата на културните институции. Поголемиот дел од скопските музеи претрпеле големи и неповратни штети. Народната и универзитетска библиотека, Народниот театар и други културни институции биле толку многу оштетени што немале ни најелементарни услови за работа. Разурнатите згради на издавачките и новинско-издавачките претпријатија до крајни граници го отежнувале нормалното работење. Многу од спомениците на културата, како и тврдината Кале, биле целосно разурнати. Ударот уништил многу значајни историски документи и уникатни експонати. Под урнатините останале значајни артефакти – сведоци на многубројни цивилизации, кои опстојувале на скопската почва.
Изложбата по повод одбележувањето на овој значаен датум од поновата историја на градот Скопје е посветена на културата и културните институции, на последиците од земјотресот и на нивното функционирање во постземјотресни услови.
Култура
Докуметарецот „Лука“ прикажан на мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_850_2513.jpg)
На втората фестивалска вечер од мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“, која се одржа на платото пред Градскиот музеј, беше прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“, а потоа следуваше музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Режијата на документарецот „Лука“ е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.
Филмот, кој веќе е прикажан на повеќе фестивали и има освоено специјална награда од жирито на Jeju Movie Concert Festival во Јужна Кореја, е бунт против конзумеризмот и против отпадот и ѓубрето во уметноста наспроти уметноста што се создава од отпад и ѓубре во обид млади музичари од Струмица да најдат место и израз за своите креативни идеи.
„Сигурно дека ова време што го живееме носи свои ѓубриња. Мислам дека во секој жанр на музика и во секоја уметност воопшто 99 проценти од она што се создава не чини, а оној еден процент е она што вреди, тоа е мое лично мислење“, изјави Ставрос Ангелков, музичар.
По проекцијата на филмот, следуваше музичка вечер на авторска музика со Ставро (гитара), еден од главните протагонисти во документарецот, и Џејд (вокал), која всушност е и сценаристка на ова филмско остварување.
Јулската фестивалската програма на „ГИГА фест“ продолжува на 31 јули со проекција на документарно-музичкиот филм The Hip – Brainstorm , во режија и продукција на Јане Алтипармаков, по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева и Ања Илиева, а монтажата на Михаил Димитров. Во август следуваат нови фестивалски вечери посветени на ликовната и музичката уметност.
Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“ е посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски, а е поддржан од Општина Крива Паланка. Годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“.