Култура
Солистички концерт на Destiny Quartet во Македонската филхармонија
Познатиот балкански квартет Destiny Quartet ќе одржи самостоен концерт во Македонската филхармонија на 18 април, 2024 година, со почеток од 20 часот. Во рамките на својот настап Destiny Quartet ќе се претстави со двочасовно концертно шоу со оригинално сценарио, импресивна кореографија и впечатливи визуелни ефекти, кои нема да ја остават публиката рамнодушна.
Составен од висококвалификувани академски музичари, Destiny Quartet е препознатлив по својот разновиден репертоар составен од модерни аранжмани на класични дела, филмски партитури и популарни музички хитови. Четирите дами дел од квартетот – Гергана Алексиева (виолина), Венета Гудева (виолина), Александрина Митева (виола) и Маја Михајловска (чело), со својата виртуозност на сцената креираат чиста музичка магија демонстрирајќи одлична техника на изведба и пленејќи со апсолутна женственост.
Како аранжер на музиката на квартетот се потпишува светски познатиот композитор Маврицио Абени, познат по неговите соработки со музички икони како Андреа Бочели и Луис Бакалов. Дополнително, аранжманите на квартетот ги оживува реномираниот инженер за звук Марко Страчони, чие импресивно портфолио вклучува над 500 музички композиции за филмови добитници на „Оскар“, „Златен лав“ и „Златен глобус“.
Меѓу оригиналните аранжмани на Destiny Quartet се безвременските музички теми, како El Choclo, Tico-Tico, Miserlou-Flamenco, Ederlesi, Black Eyes, Ladybug, Scent of a Woman, Nah Neh Nah и многу други. Дополнително, El Choclo е претставена и во трејлерот за филмот Tango Shalom, најновото филмско остварување на режисерот Џоел Цвик (Joel Zwick), препознаен по филмот „Мојата голема дебела грчка свадба“ (My Big Fat Greek Wedding).
Самостојниот концерт на Destiny Quartet е со наслов „Љубов без граници“, што всушност ја доловува и филозофијата на квартетот. Ова во пракса го демонстрираат со голем број соработки во регионот, меѓу кои гостувањето на концерт на Влатко Стефановски и разработката на познатата народна песна „Јовано, Јованке“ со дуото Александар и Дац. Спојувајќи ја музичката разновидност на разни култури, Destiny е квартет на светот. Нивната амбиција и квалитети се веќе видени на разни меѓународни концертни сцени, огромни корпоративни настани во Европа и на приватни забави.
Челистката во квартетот, Маја Михајловска, е воедно и дел од Македонската филхармонија, што дополнително додава особено значење на претстојниот концерт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.