Култура
„Мистика“ со музиката на Пјетро Маскањи
Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Мистика“ – посветен на опусот на италијанскиот композитор Пјетро Маскањи. На програмата се Интермецо „Il sogno“ од операта „Гуљелмо Ратклиф“, Интермецо од операта „Пријателот Фриц“ и музиката за филмот „Сатанска рапсодија“ кој во соработка со Кинотеката на Р.С.Македонија паралелно ќе се прикажува во текот на изведбата. Диригент е Масимилијано Калди од Италија.
Пјетро Маскањи е италијански композитор и диригент (1863 – 1945). Музика учел во родниот град Ливорно и на Конзерваториумот во Милано. По завршувањето на студиите настапувал како диригент низ повеќе италијански градови. Стекнувајќи животни искуства, увидел колку вистинскиот живот се разликува од она што романтизмот привидно го покривал во музиката и сосема јасно ја воочил перспективата, новиот пат по кој треба понатаму да се движи и да се развива музичката драма. Постепено ослободувајќи се од влијанието на Вагнер, тој, врз основа на новиот реалистичен правец веризам, го напишал своето најдобро дело „Кавалерија Рустикана“, со која на 27 години ја освоил првата награда во конкуренција од 73 дела, на конкурс за најдобра опера во еден чин. Со својата музика богата со колоризам и белканто пеење, со мелодиското богатство и интересно користените хармонски ефекти, Маскањи отворил нов прозорец во италијанската оперска музика. Иако напишал 14 опери, три оперети и повеќе вокални дела, кантати и соло песни, ниту една опера не го постигнала успехот што му го донела „Кавалерија Рустикана“, која извршила големо влијание на неговите современици.
Маскањи често знаел да каже дека „Гуљелмо Ратклиф“ е неговата најдобра опера. За жал, таа никогаш не влегла во железниот оперски репертоар, а една од причините за тоа е и „тежината“ на музиката што ја напишал за главната улога, една од најкомплексните партии напишани за тенор.
„Пријателот Фриц“ е опера во три чина, која премиерно била изведена во 1891 година. Иако оваа опера имала голема популарност во времето кога била напишана и по „Кавалерија Рустикана“ е едно од најпознатите дела на Маскањи, денес таа ретко се изведува на светските оперски подиуми. Токму интермецото е еден од најизведуваните фрагменти од операта и често се изведува самостојно на концертните подиуми.
„Сатанска рапсодија“ е нем италијански филм од 1915 година во режија на Нино Оксилија, со актерката Лида Борели. Италијанскиот композитор Пјетро Маскањи е автор на музиката во овој филм и ја диригирал премиерата на филмот, во 1917 година. Во 1910 година, во италијанскиот филм се случуваат значајни естетски поместувања и се прифаќа како легитимен уметнички медиум. Многу филмови од 1910, вклучуваат референци со други медиуми, како литературата, театарот, танцот и операта преку кои ги потенцираат разликите и сличностите меѓу филмот и останатите уметнички медиуми. Иако овие референци биле составен дел од филмовите уште од раните денови на кинематографијата, нивна примарна културолошка функција била да го подобрат прифаќањето на филмовите. Во овој контекст „Сатанска рапсодија“ на режисерот Нино Оксилија, и музика на Пјетро Маскањи, има посебно место во италијанската кинематографија. Во овој период филмот честопати знаел да се споредува со музичките драми на Вагнер. Иако оваа компарација се користела најмногу за комерцијални цели, „Сатанска рапсодија“ во себе интегрира препознатливи референци од литературата и музичкиот театар. Она што е најзначајно е фактот дека овој филм во себе ја интегрира оперската сензација како составен дел од целокупната естетика и форма. Оваа оперска сензација не се креира само преку музиката на Маскањи, туку примарно преку врската меѓу сликите и музиката и останатите имплицитни референци. Со вклучувањето на друг медиум во филмот, „Сатанска рапсодија“ во тоа време важела за уникатен пример кој во себе обединува два моќни уметнички медиума. Филмот „Сатанска рапсодија“ докажал дека кинематографијата може да продуцира високи уметнички вредности на буржоаската публика од тоа време.
Масимилијано Калди (Милано, 1967) е диригент со интернационална кариера на полето на симфониската музика, опера, оперета и балет, како и со својот фокус кон современата музика и повторното оживување на операта од 19 век. Калди е диригент кој поседува врвна професионалност и светол и линеарен диригентски стил. Добитникот на првата награда на интернационалниот натпревар „Г. Фителберг“ е шеф-диригент на Филхармонијата во Жежов и прв гостин диригент на филхармонијата „Ф. Шопен“ во Гданск. Бил шеф-диригент и уметнички консултант на Филхармонија во Кошалин, Полска и уметнички директор на камерниот оркестар „Милано Класика“ (1998 – 2009). Во последните десет години настапува на турнеи во Израел, Ома, САД, Чиле, Бразил, Германија, Русија и Турција. Активен е во оперската сфера, во 2017 година го диригира „Севилскиот берберин“ од Росини, „Набуко“ од Верди, „Ластовичка“ на Пучини во Варшава, на 19. издание на Велигденскиот фестивал „Лудвиг ван Бетовен“, „Мефистотел“ со филхармонискиот хор и оркестар „А. Рубинштајн“ во Лоѓ. Музиката за филмот „Сатанска рапсодија“ од Пјетро Маскањи ја диригираше во театарот во Познан во рамките на „Светската недела на италијански филм“. Диригирал во Берлин, Москва, со Државниот симфониски оркестар на Истанбул, како и со Филхармонискиот оркестар на Санкт Петербург.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ – нов мурал во Прилеп во рамки на “Цртај на македонски”
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.
− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.
Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.
– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.
„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Култура
„Златен објектив“ за Столе Попов
Кинотеката го одбележува својот роденден, односно датумот кога во „Службен весник“ е објавен Законот за формирање на Кинотеката – на 29 април, во далечната 1974 година.
И, иако Кинотеката формално започнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции – сепак го одбележува како свој роденден 29 април секоја година.
Последниве две децении, по тој повод и околу тој датум – Кинотеката го објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“, кое Кинотеката им го доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание, досега биле: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.
Оваа година, пак, „Златниот објектив“, по одлука на Управниот одбор на Кинотеката, ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов – режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование:
Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.
Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.
Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија…
По повод Денот на Кинотеката – на 29. Април, 2024 година – сите кинотечни печатени и електронски изданија на Кинотеката досега: значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание КИНОПИС и сите ДВД-изданија на Кинотеката – ќе се продаваат со „роденденски“ попуст од 50%, во просториите на Кинотеката.
Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на нашиот голем доајен на филмската уметност – Столе Попов – ќе се одржи кон крајот на мај оваа година, во просториите на Кинотеката.
Култура
УКИМ донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“. Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донесе Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.
Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси.
Цели на Фондацијата ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.
Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории.
Великанот на македонската драмска уметност, Горан Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на тема: „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.