Култура
По Солунскиот филмски фестивал, регионална премиера на филмот „Кафе“ на осудениот ирански режисер Навид Михандост
Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ се приклучува на Солунскиот филмски фестивал и на Меѓународната Коалиција за филмски автори во ризик изразувајќи искрена и недвосмислена поддршка за иранскиот перспективен и талентиран филмски автор Навид Михандост, кој на 20-ти август оваа година беше уапсен во Иран за да отслужува тригодишна затворска казна.
Имено, во јануари 2021 година, исламскиот суд во Техеран за специјални злосторства, за поттикнување на насилство или за обид за соборување на исламската влада, донесе пресуда со која изрече казна од 3 години и 6 месеци врз основа на обвиненијата за „дејствување против националната безбедност“ и „пропаганда против режимот преку истакнување на пароли“.
Коалицијата реагира на овој случај на прогон, закани за личната безбедност или слобода на филмските работници кои се изложени на ризик како резултат на нивната работа и ќе го брани нивното право да продолжат со својата работа, преку мобилизирање на меѓународната филмска заедница.
Неправедните обвиненија на Навид произлегуваат од документарниот филм што тој го направи во 2009 година, фокусиран на професионалниот живот на Масих Алинеџад (иранска новинарка и активистка за правата на жените). Филм кој никогаш не беше објавен.
Во таа чест специјалната програма на Киненова која ќе се одвива во Кинотека на Македонија, на 16-ти декември ќе биде отворена со најновиот филм на Навид, „Кафе“, кој е сниман во вонредни и исклучитено тешки услови, во период додека тој вешто успеа да го избегне прогонот во неговата земја.
Ова ќе биде регионална премиера на филмот или второ прикажување воопшто во светот, по светската премиера во Солун.
Во периодот кога Навид беше ослободен со кауција и чекаше да му биде изречена казната, тој самостојно и независно го сними овој долгометражен филм на кој работеше многу напорно и конечно го продуцираше со ограничен буџет и волонтерска помош на неговите пријатели.
Приказната за „Кафе“ е слична на она што му се случи на Навид во Иран. Тој е ослободен со кауција, но во исто време со барање од иранските безбедносни авторитети да соработува со нив за посредно да им обезбеди информациии за новинарката Масих Алинежад под изговор дека ќе снима нов филм за жени.
Сепак, Навид не соработуваше, туку играше со судскиот систем за да си купи малку време за да го сними овој филм, кој беше еден од неговите соништа да ги прикаже неправдите што се случија во неговата земја.
Инаку ова е втор долгометражен филм на Навид, не сметајќи го документарниот филм кој никогаш не беше прикажан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.