Култура
Доделени наградите на 20. „Синедејс“
Со доделувањето на наградите на јубилејниот 20. меѓународен фестивал за европски филм „Синедејс“ е затворена официјалната конкуренција на фестивалот, која поради временските услови продолжува со програма уште денеска.
Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири-комисијата во состав: Славко Собин – актер, Зејнеп Атакан – продуцентка и Марисела Росети – одговорна за LUX Award („Лукс награда“).
„Нашите одлуки беа анонимни, но по гледањето на сите 9 филма, може да кажам дека можеше да победи кој било од филмовите бидејќи сите завршиле одлична работа. Се надеваме дека ќе имаме можност да гледаме уште многу ваши одлични достигнувања и во иднина и честитки до сите вас од нас тројцата!“
Жирито одлучи да ги додели следниве награди:
Во официјалната селекција наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Улиште“ (HIVE) во режија на Блерта Башоли.
Во образложение за филмот жирито вели:
„Прекрасен филм и воодушевувачки начин на кој една вистинита приказна беше трансформирана на големо платно, со брилијантна, многу природна и лежерна глума“.
Во „SEE програмата“ наградата „Златно сонце“ за најдобар филм ја доби филмот „Мир и хрмонија“ (It’s all about peace and harmony) од Несими Јетик.
За кој жирито вели: „Многу моќен женски филм, што е навистина пријатно да се гледа во овие времиња. Партнерството помеѓу трите актерки е нешто што толку ретко се гледа, изведено е со толку различна динамика, знаете – љубов и омраза и конфликт“.
Програмата на „Синедејс“, за вечерва, 22 јули (четврток), е со почеток од 20.30 на POP UP-локацијата кај езерце, Градски парк, каде што ќе ги гледаме кратките македонски филмови: Deaflands, Farmer’s Blues, „Прашливи цвеќиња“, „Експертот“, Afterparty, PAWLAW, „Паразит“, „Влакна“, Letting Go, „Карантин“, „Ритамот на падот“, „Валцер за 1 Мај“, Тhe New Beginning.
Исто, во 20.30 почнува и програмата на врвот на Водно, каде што го гледаме последниот дел од „Еко-програмата“, селекција на ехофестивал на планински филм: On Thin Ice во режија на Henry M. Mix и Mountain, Priest, Son во режија на John Seddon и Vaibhav Kaul.
По двете проекции, во 22 часот следува и филмот „Уште една тура“ на Томас Винтерберг.
Екопрограмата e поддржана од УНИЦЕФ и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

