Култура
Документарецот за македонското село Слоештица на уметнички фестивал во Јапонија
„Престојот во селото е патување во минатото, минато што исчезнува…“, ова е воведот на кусиот документарен филм за Слоештица, што мексиканската уметница Елизабет Рос го сними во август 2010 година како гостин на меѓународната уметничка резиденција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО.
И токму годинава, кога овој меѓународен центар за уметност и одржлив развој го чествува својот 20-годишен јубилеј, филмот посветен на Ѓука и сите жени од Слоештица е селектиран да биде дел од програмата на веќе етаблираниот уметнички фестивал Tiny Art Festival – SANYA во Јапонија.
Во периодот од 14 октомври до 15 декември приказната за македонското село што полека исчезнува, за тутунот, печурките, валавиците, животните, пиперките, за животот и за смртта како негов дел, богато илустриран со автентична музика од македонски автори и изведувачи, ќе се прикажува дури на 4 сцени, што се дел од фестивалската поставка.

Елизабет Рос е една од најпроминентните мексикански уметници воопшто. Како што самата за себе вели: „таа е номад, но, пред сè, мексикански уметник, ткајачка на средби, кураторка и исцелителка, што од 1976 година постојано се бара и секогаш повторно се пронаоѓа себеси. Врзана е за уметноста и на тој начин избегнува бродоломи. Сè што знае и доаѓа по интуиција и од тврдоглавост, преку потреба и желба, потрага и откривање. Нејзиниот пат, преку сложените патишта на керамиката, ја навел да се закотви во примитивната едноставност, но и во дигиталните технологии, кои се можност за манипулирање со соништата…“
Преокупирана со повеќеслојното потекло на својот и со идентитетот на другите, Рос беше поканета на 6-неделен резиденцијален престој во АРТ ПОИНТ – ГУМНО во Слоештица во август и септември 2010 година. За време на престојот, освен филмот slow life, таа паралелно работеше и на неколку други проекти (сликање, инсталации, ритуален перформанс и сл.).
За фестивалот Tiny Art Festival – SANYA
Овој културен настан е специфичен бидејќи се организира во еден дел на Токио што историски, од „населба на отфрлените“ прераснува во „населба на благосостојбата“ со свој специфичен културен диверзитет поради фактот што во неа главно живеат странци.
Странците се и организатори на овој мултимедијален фестивал, чија главна цел е преку културни настани да фрли нова светлина врз нив самите, на аутсајдерите во срцето на Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

