Култура
Драмскиот театар – Скопје со премиера на копродукциската претстава „Плејбои…“ на 39. фестивал „Град театар“ – Будва
Синоќа, на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ во Будва, Црна Гора, се играше премиера на претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.
Предизвикот да се создаде копродукциската претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.
![]()
Во програмската белешка за претставата е истакнато дека: „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“
На чело на уметничкиот тим на претставата е Иван Пеновиќ, млад хрватски драматург, драмски писател и режисер, кој со својот интегрален и ангажиран пристап веќе се вбројува меѓу највозбудливите автори во регионот. Од 2012 до 2016 година тој работи како драматург во бројни претстави во различни хрватски театри. Од 2014 година редовно ги режира своите текстови. Пресвртница во неговата кариера во 2021 година е наградената претстава „Знаеш ти кој сум јас“, во продукција на ХНК Загреб. Сите негови проекти се примени со воодушевување кај стручната и пошироката јавност и се играат на реномирани фестивали во земјата и странство. Иван Пеновиќ е директор на Драмата во ХНК Сплит .
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).
![]()
Во копродокциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
Претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ на годинешниот 39. фестивал „Град театар“ Будва ќе биде изведена и вечерва и утре, на 12 и 13 август со почеток во 21 часот на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“.
Непосредно по премиерата и двете изведби во Будва, македонската публика ја има можноста копродукциската претставата да ја гледа во недела на 17 август во драмската програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата ќе се игра во 21 часот на „Долни Сарај“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

