Култура
Друштвото на писателите на Македонија ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди
Друштвото на писателите на Македонија денес на прес-конференцијата ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година.
Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2023 година е романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на „Матица“. Наградата „Стале Попов“ беше доделена од жири-комисијата во состав: Гордана Јовиќ-Стојковска (претседателка), Оливера Ќорвезироска и Стефан Марковски (членови).
Добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија за 2023 година е делото „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, во издание на „Арс ламина“. За наградата „Ацо Шопов“ одлучуваше жири-комисијата во состав: Елена Пренџова (претседателка) и членовите Снежана Стојчевска и Зоран Јакимоски.
Добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за 2023 година е делото „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска, во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчески и Билјана С. Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. За наградата „Ванчо Николески“ одлучуваше тричлена жири-комисија во состав: Сузана Мицева (претседателка), Наум Попески и Стево Симски.
Наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година ја добива книгата „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“, од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“. Наградата „Димитар Митрев“ ја додели тричлената жири-комисија во состав: Иван Додовски (претседател), Соња Стојменска-Елзесер и Елизабета Бандиловска.
Поради недоволен број пристигнати конкуренти (пристигнати се две дела, а потребно е да има најмалку три дела во конкуренција за која било од годишните награди на ДПМ да се додели), оваа година нема да биде доделена наградата „Мост“, со која се одликува дело напишано на јазик на некоја од националностите во Македонија, истакнуваат од ДПМ.
Беше потенцирано и тоа дека жири-комисиите биле избрани од страна на управниот одбор со анонимно номинирање и бодирање, а на крајот избраните состави на тричлените жири-комисии им биле познати само на претседателот на ДПМ и на двајца членови од управниот одбор, кои ги верификувале гласовите на сите членови на УО на ДПМ.
На прес-конференцијата беше истакнато и тоа дека при утврдувањето на финалните состави на жири-комисиите, седум од првоизбраните членови, поради други ангажмани, не прифатиле да бидат дел од жиријата, поради што биле кооптирани други номинирани членови.
Во согласност со статутот на ДПМ, само активните членови во Друштвото имаат право да бидат дел од жири-комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ.
Традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година ќе им бидат доделени на добитниците на свеченоста што ќе се одржи задутре, 18.9.2024 година, во 19 часот, во главната сала во Друштвото на писателите на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вивалдијада 2026 – фестивал за млади музички таленти во Националната опера и балет
Петтото издание на фестивалот за млади таленти „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ ќе се одржи на 7 јуни 2026 година во Националната опера и балет во Скопје, со почеток во 20:00 часот, во организација на уметничкиот центар „ПОЛИФОНИЈА“.
„ВИВАЛДИЈАДА“ е уникатен проект-фестивал чија главна цел е промоција на македонската култура и уметност, во синергија со европското музичко наследство. Фокусот е насочен кон младите инструменталисти кои преку работилници и концертен настап ќе добијат можност за сценско искуство, соработка со професионални музички уметници и стекнување нови знаења и контакти.
Од самиот почеток во 2022 година, „Вивалдијада“ — со оркестарот на „ПОЛИФОНИЈА“ и концертмајсторот, како и уметнички директор Сања Шуплевска-Боирал — бележи големи успеси во своите примарни цели и презентација пред домашната сцена. Тоа го потврдуваат концертите пред преполни сали со публика од сите генерации, како и сè поголемиот интерес како кај солистите, така и кај љубителите на класичната музика.
Оваа година „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ за првпат се реализира со меѓународен предзнак, во соработка со гости од европски држави. Како специјален гостин доаѓа едно од најзначајните имиња на сцената за класична музика во Малта, диригентот Кристофер Мускат — раководител на Академијата за сакрална музика „Francesco Azopardi“, визитинг-предавач на „University of Malta“ и актуелен директор на „Pjazza Teatru Rjal“. Тој е еден од најистакнатите современи малтешки композитори и диригенти, роден во 1977 година во Малта, а неговиот уметнички опус го карактеризира длабока посветеност на духовната и современата класична музика.
Учесници на ова издание се десетина млади солисти од Македонија: Илина Ристова, Теона Павлова, Михаела Васковска, Илија Богоев, Теодор Трајковски, Уна Трајковска, Сиена Ангеловска Витли, Бисера Кировска и Јована Јанкуловска, а на концертот ќе се претстават и гости студенти од Малта, Србија и Русија.
Музиката на славниот Вивалди е секогаш посакувана, истовремено и за свирење и за слушање. Антонио Вивалди постојано пишувал нова солистичка музика со што им давал смисла и надеж во животот на своите ученици, од кои повеќето биле сираци. По неговиот пример, фестивалот „ВИВАЛДИЈАДА“ е создаден за младите музички инструменталисти како поддршка и можност за настап со современици, како и со професионални музички уметници и педагози. Оваа пракса воедно е и најбрзиот интерактивен начин за стекнување сценски вештини и искуство.
Зад проектот стојат: Наташа Стојановска и Даниела Неделковска – проект-координатори од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Кристофер Мускат – диригент, и тимот на „Полифонија“: Јанинка Невчева, Орце Ицковски – раководител на проект, продуцент-организатор, и Сања Шуплевска – концертмајстор и уметнички директор.
Култура
Збирка од 31.000 примероци на монети ковани од злато, сребро и бронза изложени во Археолошкиот музеј
По повод Меѓународниот ден на музеите, вчера во Националниот археолошки музеј се одржa свечено отворање на Нумизматичката збирка, како и инклузивниот моден настан „Модата низ минатото“.
Нумизматичката збирка опфаќа повеќе од 31.000 примероци на монети ковани од злато, сребро и бронза, пронајдени како поединечни наоди или во остави, откриени на различни локалитети низ целата држава.
Во постојаната нумизматичка поставка изложени се околу 2.500 монети, кои датираат од почетоците на монетоковањето на овие простори, од VI век пр.н.е., па сè до XIX век.
Во поставката се претставени монети откриени преку археолошки истражувања од целата територија на државата. Меѓу позначајните наоди се издвојуваат: оставата со тетрадрахми од Прилепец, Прилеп од III век пр.н.е.; оставата со тетрадрахми од Првата македонска област од Богданци, датирана околу 120–100 г. пр.н.е.; оставите со римски републикански денари од Глишиќ, Кавадарци и Пирава, Валандово од I век; како и оставата со антонинијани од Римскиот форум во Стоби од III век.
Од средновековниот период особено значајни се: депото со византиски солиди и тремизи од Секулица, Кратово од VI век; оставата со солиди и хистаменони од Виничко Кале, Виница од X век; депото со никејски хиперпирони и венецијански грошеви од Скопско Кале од XIII век; депото со српски денари од Кривогаштани, Прилеп од XIV век; како и оставата со османлиски монети од Орта Џамија, Струмица од XVII век.
Проектот „Модата низ минатото“ се реализираше во организација на Националниот археолошки музеј, во соработка со Модниот институт „Изет Цури“, професорот Никола Ефтимов и млади студенти кои активно учествуваа во процесот на изработка на моделите.
Во рамки на проектот беа изработени 12 костими, преку кои посетителите симболично патуваат низ различни историски периоди согледани низ призмата на модата. Костимите беа поделени во четири временски целини: праисторија, антика, византиски и отомански период.
Целта на проектот е преку реконструкции на историски костими да се доближи модниот стил и начинот на облекување на луѓето во минатото.
На настанот беа вклучени и здруженија за поддршка на лица со попреченост, со што симболично се заокружи овогодишната тема на Меѓународниот ден на музеите – „Музеите обединуваат поделен свет“.
Култура
Васил Хаџиманов и неговиот бенд специјални гости на големиот концерт на Архангел
Регионално признатиот виртуоз, пијанист и композитор Васил Хаџиманов, заедно со неговиот бенд, ќе бидат специјални гости на големиот самостоен концерт на Архангел, насловен „Срцевина“, закажан за 13 јуни на стадионот на АРМ во Скопје.
Ова концертно гостување е резултат на новата студиска соработка меѓу фронтменот на Архангел, Ристо Вртев и Хаџиманов.
Отворајќи го сопствениот креативен процес кон други врвни музичари, Вртев истакнува дека ова е ново и возбудливо искуство за него како автор. Зборувајќи за музиката што се создава во Белград, тој открива дека наскоро публиката ќе има можност да чуе дел од новиот материјал.
Соработката со Васил Хаџиманов претставува уште едно ексклузивно изненадување за публиката пред средбата на стадионот на АРМ. Влезниците за „Срцевина“ се достапни онлајн на karti.com.mk и низ целата продажна мрежа во Македонија.
