Култура
„Европско патувачко кино под отворено небо“ на филмскиот фестивал „Синедејс“
Фестивалот на европски филм CINEDAYS, по повод 20-годишното постоење, воведува нова програма „Cinedays загревање – Европско патувачко кино под отворено небо“, како заеднички проект на Делегацијата на ЕУ и МКЦ, со цел претставување на нови европски филмови на отворено пред публиката во целата земја.
Станува збор за годишно прикажување на нови европски филмови, признати од критиката и сакани од европската публика, кое секоја година ќе патува во три различни градови. Радоста за добар филм летово ќе стигне во Крива Паланка, Струмица и во Струга, велат од организацијата.
Европското патувачко кино под отворено небо, оваа година ќе прикаже 12 филма: 6 европски филмови продуцирани во последните години, кои ја одразуваат европската креативност и разновидност и кои нудат по нешто за сечиј вкус и 6 македонски кратки филмови, дел од нив наградувани на различни филмски фестивали и добро примени од вљубениците во филмот.
Оваа година, фестивалот започнува во Крива Паланка, денеска и утре, 25 јуни и 26 јуни, (на градскиот плоштад пред општинската зграда), потоа продолжува во Струмица на 3 и 4 јули (градскиот парк, Домот на Армијата) и во Струга, на 9 и 10 јули (Центар на култура, летна сцена).
Бесплатните проекции почнуваат во 21 часот, со исклучок на завршната вечер во Струга, која започнува од 20:30 часот и ќе бидат проследени со сесии разговори со познатиот филмски критичар Влатко Галевски и неговите гости, експерти за темите опфатени во филмовите.
Годинешната селекција на играни филмови ги вклучува: „Хакер“ (Данска), „Патешествието на Принцот“ (Франција), „Брат ми брка диносауруси (Италија), „Рока го спасува светот“ (Германија), „Слава“ (Бугарија) и „Кожурец“ (Германија). Филмовите третираат теми што ги засегаат сите луѓе, но посебно младите денес – од темната страна на дигиталната технологија, до прифаќањето и разновидноста, животот на луѓето со посебни потреби, насилството и предрасудите, корупцијата и слабостите на граѓанското општество, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

