Култура
Заврши 21. издание на „Битола отворен град“
Изминатите четири дена Битола беше во знакот на младинскиот арт-фестивал „Битола отворен град“, кој повеќе од две децении обединува, креира и инспирира младинско учество.
Во изминатите 20 изданија овој фестивал беше сцена за 240 културни настани, на која згазнаа повеќе од 600 млади уметници од над 40 земји во светот.
Годинава, со четирите фестивалски дена, на оваа статистика се приклучија нови учесници и волонтери. На нови три локации настапија многубројни артисти од електронската музичка сцена, беа промовирани две изданија на книги: „Вo дијалог, визуелна и применета ликовна програма на КСП ‘Центар-Јадро’ (2020-2021)“ и промоција на монографијата: „Мизар откровенија 1981-2021“ на Тошо Филиповски. Организирана беше и првата берза на винили на Широк сокак, а финалето беше во градскиот парк со голем музички хепенинг, на кој настапија домашниот бенд „Вел“, БAiLDSA од Грција и Helem Neјse од Босна.
Градскиот парк првпат беше употребен како локација за концерт и се покажа како одличен потег, илјадници млади луѓе го следеа концертот пред бината и од зелените површини групирани со своите пријатели, вели организаторот.
„Радост е да се мотивираат луѓето што сакаат музика, уметност… и воопшто култура да се активираат во фестивал што според нас е општествен процес. Процес во кој на симболичен начин спојуваме разни генерации кои поминале и креативни, но и бавни години во општествени промени на ова почва, а оваа година одлучивме по 20 години постоење, целосно да се свртиме кон иднината посветувајќи го фестивалот на новата генерација GenZ, како што популарно се нарекува, и тоа беше вистински погодок, нова енергија, нови идеи и еден нов ветер на младински активизам, кој, ако пред неколку години тврдевме дека е во криза, сега, напротив, е во една нова поинаква и убава димензија“, истакна Сашо Додовски, извршен директор на МКЦ „Битола“.
„Битола отворен град“ со ова 21. издание, кое понуди поинаква програма, потврдува дека е културолошка појава во градот оживувајќи ги улиците, дворовите, плоштадите и парковите, кои стануваат локации за галерии, постаменти за инсталации, катчиња за арт-лаборатории, за креативно пишување, платна за проекции, пултови за диџеи, концерти, мултимедијални програми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

