Култура
Заврши 44. издание на Малиот битолски Монмартр

По 44 пат, во Старата битолска чаршија, на Платото пред Детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ беа додели наградите на најуспешните учесници на затворањето на годинешното издание на Малиот Битолски Монмартр.
По одлука на Жири комисија во име на градоначалникот на општина Битола, заменик градоначалникот Бојан Бојковски ја додели наградата за најдобро училиште – учесник на светската детска ликовна колонија Мал Битолски Монмартр на ликовното ателје Артино од Белград, Србија.
Детското ликовно студио Свети Кирил и Методиј Битола ја додели наградата „Најдобар учесник – ученик” на 44. Издание на светската детска ликовна колонија Мал Битолски Монмартр на Ајпенур Карадениз од Ателјето на Професор Вејсел Аџар од Трабзон – Турција. Беа доделени и други поединечни награди, а на сите 150 учесници, односно на учениците, нивите професори и асистенти, им беа доделени дипломи за учество.
Општина Битола, традиционално го поддржува Малиот Битолски Монмартр, на кој годинава учествуваа 150 гости со 18 делегации од 17 земји, меѓу кои и Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Индија, Израел, Малезија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Русија и региони од Турција (Трабзон и Кајсери).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Видео) Охридското лето се отвори, и уметноста прозборе – музиката и мајчинството во хармонија на Античкиот театар

Под ѕвезденото небо на Античкиот театар во Охрид, синоќа величествено беше отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ со моќните ноти на Бернштајн, Гершвин и Имери.
На сцената настапија реномираната американска пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер, во програма која го одрази духот на фестивалското мото – „Трансформација на сетилата“. На репертоарот беа „Приказна од западната страна”, „Рапсодија во сино” и „Пајдушко“ од Дамир Имери во блескавата изведба на уметниците.
Дополнително изненадување на вечерта беше самата Клер Хуангчи – пијанистката настапи со целосна посветеност, иако очигледно во поодмината бременост. Со извонредна визија, уметнички израз и техничка прецизност, таа на сцената покажа што значи вистински професионализам и љубов кон музиката.
Актерот, Ѓорги Јолевски беше еден од говорниците на свеченото отворање, опишувајќи ја како знак на пркос честа да се отвори фестивалот, во време кога уметноста е чин на отпор.
„Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор – неагресивен, контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што е најважна, туку затоа што е неопходна“, рече актерот Ѓорѓи Јолевски, во пораката која допре до публиката. Почитуваниот актер изјави и дека живееме во време на војни, каде човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, рече Јолевски, уметноста не е луксуз, туку нужност – апел да се потсетиме што значи да се биде човек.
Моќен говор одржа и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека уметноста се случува, се памети и се вградува во нашата колективна меморија. За фестивалот потенцира дека не е само програма, туку духовен завет, трајна врска меѓу минатото и иднината.
Охридското лето официјално го прогласи за отворено претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со инспиративни зборови за вредноста на духовното во современиот свет:
„Верувам дека овој чуден, често и бизарен свет, обременет со стравови и неправди, има насушна потреба од духовност, светлина и надеж“, потенцира Давкова.
Додаде дека Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци.
Директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски најави дека во рамки на фестивалот ќе настапат повеќе од 500 уметници од дваесеттина земји од целиот свет.
Гости на вечерта беа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, како и министри од македонската Влада и амбасадори на повеќе држави.
Ова отворање не беше само концерт, туку чин на сеќавање, отпор и надеж. Во магичната атмосфера на Античкиот театар, музиката се претвори во светлина, во мост меѓу минатото и сегашноста. Визуелните ефекти беа во знакот на македонската и на американската традиција, но и динамичниот начин на живот, во микс со повеќеслојноста и колоритноста.
Фестивалот „Охридско лето“, кој ќе трае до 20 август, останува уметничка република, отворена за сите што веруваат дека уметноста не е луксуз, туку начин на постоење. Веќе 65 години, секој стих, нота и движење се претопуваат во охридската симфонија која го слави хуманото, убавото и вечното.
Впрочем, како и што синоќа беше истакнато, Охрид се отвора како волшебна школка, а од него излегува највредниот бисер – уметноста.
Култура
(Фото) Сиљановска-Давкова ги прими уметниците кои утревечер ќе го отворат „Охридско лето“

Денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во вилата „Билјана“ во Охрид ги прими уметниците коишто со својот настап утревечер ќе го отворат 65. издание на фестивалот „Охридско лето“: американската пијанистка Клер Хуангчи и диригентот Едвин Аутвотер, како и танчерите Клаудија Ракел Да Силва Мартинс и Рафаел Португуеса, предводени од директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, во придружба на селекторите Симона Ѓорчева и Ненад Витанов.
Претставниците на фестивалот ја информираа претседателката за програмата на 65. Охридско лето, предочувајќи ја нејзината разновидност и квалитет.
„Охридско лето веќе шест и пол децении ги обединува музиката, театарот и уметноста“, рече претседателката и додаде дека „секој изведувач испишува уникатна приказна во историјата на фестивалот“.
Гостите од Соединетите Американски Држави и од Португалија, освен благодарност за поканата да учествуваат на овој реномиран настан, искажаа и воодушевување од убавините на Охрид.
Култура
На 16 јули почнува 16. издание на балканскиот етнофјужн-фестивал „Локум-фест – музика и традиција 2025“

Идната недела од 16 -19 јули во Битола ќе се одржи 19 – то издание на Балканскот етно-фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2025 .
Да потсетиме дека Локум фест е автентичен културен фестивал кој во континуитет се случува од 2007-та година кога го имаше своето прво поставување во срцето на старата битолска чаршија со настап на „Баклава“ „Калдрама“, „Стринг форсес“ „Монистра“… Од тога до денес настапиле над 110 групи , и тоа најрелевантните од Македонија како: Монистра, Баклава, Љубојна, Чалгија саудн систем, Сваровски бенд, Јаков дренковски, Тони Китановски и Черкези, Влатко Стефановски трио , Стевче Стојковски, Даутовски дуо, Вања Лазарова, Зарина прва севда и др., и огромен број на етно и етно фјужн бендови од Данска, Норвешка, Финска, Индија, САД, Бразил, Унгарија, Полска и сите балкански земји итн.
Уште од самиот почеток фестивалот има јасна програмска одредница која континуирано ја следи до денес, а се базира на презентација на традиционални , пред се градски фоклорни изведби и ансамбли, но и стилизиран фоклор до etno-fusion & word music, како и презентирање на раритети од семејните архиви на битолчани како дел од заедничкото култуно наследство и промовирање на културно историски локации и објекти како сценски простор, што годинава е и слоган на фестивалот. „Наследството како сцена“.
Инспирацијата за Локум фест доаѓа од живото културно наследство на некогашна конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната , сефардската и европската култура. Сето тоа резултираше со неверојатно богатство на музички влијанија, обичаи, архитектура и др. Локум фест е фестивал кој повикува на средба, помеѓу културите и еден дух. Истовремено е атрактивен за туристи од земјата и странство и веќе со години промовира културен туризам као дел од локалната и национална туристичка понуда. Локум фест е член на Most music, Without borders, EFFA, и други регионални и европски фестивалски асоцијации.
За прв пат паралелно со Битола, Локум фест се случува и во Скопје. Во соработка со Public room на 18.07.2025 Г. таму ќе настапат грчката група Reggetiko project и русите VEDAN KOLOD, под мотото „Однадвор кон центарот“. Ова е редок пример на културна дисперзија од крајниот југозапад на државата кон центарот и ги најавува амбициите за следната година кога се одбележува 20 години Локум фест, а фестивалот ќе се дисперзира на неколку автентични локации во Македонија и регионот.
„Фестивалот е една од ретките манифестации која доследно се држи до јавниот карактер и е не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори без наплата на средства и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на Бит фест 2025“, велат организаторите.