Култура
Започнува четвртото издание на меѓународниот фестивал на светлина „Skopje Light Art District“

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорот на ЈУ Универзална сала и извршен продуцент на фестивалот, Филип Аврамчев и уметничката директорка на SkLAD 2021, Александра Стратимировиќ, го најавија почетокот на 4-тото издание на меѓународниот фестивал на светлина, „Skopje Light Art District“.
„Четвртото издание на меѓународниот фестивал на светлосната уметност „Skopje Light Art District“, меѓу скопјани попознат како Фестивалот на светлината, оваа година поради 30 годишнината од македонската независност, симболично започнува на 8-ми септември. Замислата на фестивалот е да внесе малку светлина и боја во секојдневието кое го сите го живееме и да ни ја покаже убавата, шареноликата страна на животот“, изјави градоначалникот Шилегов.
На вкупно 15 локации, од шалтер салата на Пошта до Градскиот парк, 25 светлосни дизајнери и уметници по четврти пат на Скопје и скопјани ќе им ја претстават магијата на светлосната уметност.
„Skopje Light Art District“ како проект потекнува од „ROCK“ проектот, дел од Хоризонт 2020 програмата на ЕУ, наменета за истражување и иновации, каде градот Скопје е вмрежен и разменува искуства со уште 11 други градови од Европа. Фестивалот црпи директна инспирација од најстариот фестивал на светлосна уметност, „Fête des lumières“ кој секоја година се одржува во Лион, Франција и датира од далечната 1643-та година, велат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на ФИН Проект и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.
Култура
Љутков: Културното наследство не е минато што го чуваме по инерција, туку иднина што ја градиме со свест

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, австрискиот амбасадор Мартин Памер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, и директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, Магдалена Манаскова, го посетија археолошкиот локалитет Тумба Маџари по повод потпишување Договор за долгорочно користење на парцела во сопственост на ЕВН што е во рамките на локалитетот.
Локацијата што денес се отстапува за долгорочно користење, во рамките на археолошкиот локалитет Тумба Маџари, станува дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој.
Кога јавниот и приватниот сектор застануваат на иста страна, на страната на заедничките општествени вредности, тогаш и ефектот никогаш не изостанува. Со потпишувањето на денешниот договор, локалитетот Тумба Маџари добива нова перспектива.
Љутков упати благодарност до Волфганг Мајер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, до ЕВН како компанија и до австрискиот амбасадор Мартин Памер за континуираната соработка во областа на културата.
Министерството за култура и туризам стои зад оваа иницијатива, активно поддржувајќи ја соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, создавајќи широк круг на поддршка и ангажман. Оваа партнерска врска не само што го зајакнува нашиот културен идентитет туку, исто така, го поттикнува развојот на туризмот и на економијата, притоа создавајќи нови можности за локалните заедници. Потпишувањето на денешниот договор не е само правен акт, ова е чин на зрелост на заедницата што го препознава културното наследство како вредност што има смисла само кога заеднички се чува и се споделува.
Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).