концерти
„Звукот на идната генерација“ – концерт со студентите од ФМУ

В четврток, во 20 часот, во Филхармонијата, ќе се одржи концертот со наслов „Звукот на идната генерација“, на кој ќе настапат студентите од Факултетот за музичка уметност. Диригент е Борјан Цанев, а на програмата се дела од Менделсон, Давид, Дебиси, Хачатуријан, Рахмањинов и Брамс. Како солисти ќе настапат Магдалена Кочоска, Виктор Богоевски, Анел Селим, Памела Велкова, Искра Атанасова-Митуш, Ивона Базгаловска и Ана Спасовска.
Добитникот на македонското признание „Виртуози“ – најдобар музички изведувач во 2013 година, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис.
Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и Казахстан). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин диригент. Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др.
Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Сајака Шоџи, Симон Трпчески, Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Роман Симовиќ, Зи Зи, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: „Жорж Енеску“, „Котор арт“, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, „Светот на музиката“ – Загреб и др.
Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Казахстан, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за F. A. M. E’S – Македонија. Во 2010 година Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
„Лудориите на Чаплин“ – концерт на отворено во Градскиот парк

Вечерва, во 21 часот, во Градскиот парк, ќе се одржи традиционалниот концерт на отворено на оркестарот на Филхармонијата, посветен на генијалниот Чарли Чаплин.
Оркестарот ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ од 1921 година, а паралено ќе оди и проекција на истоимениот филм. Диригент е Џијан Емин.
Со својата неверојатната умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира разни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформира светската кинематографија, особено во жанрот на комедијата, на која ѝ даде сосема нова естетска и социјална димензија.
концерти
Гала оперски концерт „Млади оперски надежи – Коста Трпков“ со студентите на ФМУ

Студентите од студиската програма по соло пеење на ФМУ учествуваат на традиционалниот гала оперски концерт „МЛАДИ ОПЕРСКИ НАДЕЖИ – КОСТА ТРПКОВ“ со оркестарот на НУ Национална опера и балет под диригентско водство на Андреј Наунов.
Настапуваат студентите од класите по соло пеење на проф. м-р Марија Муратовска-Наумовска, проф. д-р Горан Начевски, проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова и вонр. проф. м-р Ана Дурловски, како и од класата по вокално студио на доц. м-р Бисера Чадловска.
На програмата се оперски арии и ансамбли. Концертот ќе се одржи на 17 јуни (петок) во Салонот на НУ Национална опера и балет со почеток во 20 часот.
Влезот е слободен.
концерти
„Песни од патувања“ – концерт на бас-баритонот Иван Наумовски со дела од светски и македонски автори

Вечерва во Музејот на македонска борба, 20 часот, ќе се реализира концертен настан со особена тежина – вечерен рецитал на бас-баритонот Иван Наумовски и пијанистката Елена Атанасовска под наслов „Песни од патувања“, посебна тема исполнета со уметнички песни испеани на неколку јазици.
Овој македонски млад уметник со зрела кариера и бројни настапи низ Европа, кој живее и работи во Виена, Австрија, ќе ја почести македонската публика со изведба на дела од Р. Шуман, Ј. Хајдн, Ј. Брамс, Ж. Ибер, Р. В. Вилијамс, но и дела од македонските автори Томислав Зографски, Горан Начевски и Дарија Андовска.
Композиторот проф. Г. Начевски нему му го посветил своето видување на македонската народна песна „Параходот“, а композицијата „Марика мома убава“ од проф. Т. Зографски е веќе култно дело во македонската музичка историја.
Со македонската премиера на композицијата „Со маки сум се родил јас”, Иван Наумовски го заокружува циклусот „Песни од татковината“ од композиторката проф. Д. Андовска, чија изведба ја почна на целовечерниот концерт на маестро Симон Трпчески.
Иван Наумовски дипломирал во Скопје соло пеење, магистрирал во Виена на државниот универзитет, а исто така е и добитник на наградата „Виртуози“ за најдобар млад музички уметник во Македонија.
Влезот на концертот е слободен, а доживувањето бесценето.