Култура
Играниот филм „Дедо и внук“ ја почна својата светска промоција
Играниот филм „Дедо и внук“ ја почна својата светска промоција со интернационалната премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Приштина, ПРИФЕСТ 2020, кој е најважниот филмски настан што се одржува во Косово.
Фестивалот се состои од четири програми за натпреварување: програма за европски филмски натпревар, програма за балкански филмски натпревар (позната и како „Крв и мед“), натпреварувачка програма со средна должина (составена од филмови во должина од 25 до 60 мин.)
Дебитнатскиот игран филм на Илија Пиперкоски, „Дедо и внук“, оваа година беше дел од програмата „Крв и мед“ на 12. издание на фестивалот, кое поради ковид-пандемијата, се одржа во хибридно онлајн-издание.
Asian Cinematography Awards (ACA) е филмски фестивал основан и управуван од професионалци во филмската индустрија на Фондацијата за награди за кинематографија во Манила. Негувајќи ја кинематографската работа, фестивалот им доделува награди преку целата година на најдобрите кинематографи. На овој фествал наградата за најдобар директор на фотографија – кинематографер ја доби Патру Паунеску за филмот „Дедо и внук“.
Филмот го продолжува фестивалскиот живот на фестивалот „Дардан-фест“ во Албанија на крајот од октомври.
Филмот ја раскажува приказната по смртта на еден млад пациент, во која младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај својот дедо. Последен пат бил кај него пред 10 години. Ова е филм за конфилкт на генерации, со контраст на морални вредности, моменти за втора шанса. Љубовта не е нешто шот треба да биде научено. Тоа е нешто што веќе го имаме, но иронично е тоа што секогаш мора одново да го научиме. А со која цел? Да станеме почисти луѓе како некогаш кога бевме деца.
Главните улога во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, заедно со Салаетин Билал (19 март 1942 – 10 мај 2018), Даниела Ивановска, Благој Веселинов, Горан Стојаноски и други.
Филмот комплетно се снимаше во Охрид и ова е првпат во поновата македонска филмска историја игран филм во целост да е снимен во Охрид и креиеран од автор што живее и твори во Охрид. Авторска екипа ја сочинуваат директорот на фотографија од Романија – Патру Паунеску, сценографијата во филмот ја креира Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, автор на шминката и маските е Клаудија Мусат, снимател на звукот е Мариус Станеску, монтажер е Данчо Стефков, композитор е Оливер Тевчев, а продуцент на филмот е Огнен Антов.
Филмот е финансиски помогнат од Агенцијата за филм на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.
Култура
Љутков од Белград: Македонската ликовна уметност е културен мост меѓу Македонија и Србија
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во Македонскиот културно-информативен центар во Белград ја отвори изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници чии дела се чуваат во приватни белградски колекции.
Во присуство на многубројни гости, министерот Љутков во своето обраќање истакна дека изложбата на која се претставени дела од реномирани македонски уметници, меѓу кои и дела од основоположниците на современата македонска ликовна уметност во сопственост на познатиот белградски колекционер Игор Станковиќ, претставува топол културен мост меѓу Македонија и Србија.
„Делата на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев, Георгиевски, Коџоман, Корубин, Луловски, Бајалска… вечерва нѐ обединуваат во прекрасниот свет на ликовната уметност. Тие им припаѓаат на автори чии имиња одамна ја обележале нашата уметничка мисла, уметници кои со својот поетски јазик, својата тишина и својата смелост ги надминале границите на времето и просторот. Затоа вечерва не откриваме само изложба на уметнички слики, туку и фрагменти од креативниот дух кој струи низ нашите две земји. Ова е доказ за нераскинливата културна врска меѓу нашите два народа“, рече министерот Љутков, додавајќи дека вистинското богатство на уметноста не лежи само во институциите и музеите, туку и во домовите на љубителите што со голема почит ги чуваат овие дела.
Тој изрази благодарност до Станковиќ за неговата стручност, љубов и посветеност во зачувувањето на македонската ликовна традиција, нагласувајќи дека изложбата е „чин на непроценливо културно признание и пријателство“.
Иницијатор и домаќин на настанот е директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, кој ја истакна важноста на овој проект за афирмацијата на македонското ликовно наследство.
Реализацијата на изложбата „Откритија“, која е отворена за посетители до 29 ноември, е поддржана од Министерството за култура и туризам и претставува значаен проект што отвора ново поглавје во презентацијата на македонската уметност во Србија.
Култура
Камерниот оркестар „Профундис“ со ексклузивен концерт на свеќи во рамките на Охридско лето
Камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапи како дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал – „Охридско лето“, која годинава, за првпат, ќе биде претставена пред скопската публика. Концертот ќе се одржи на 29 ноември во големата сала на Македонската филхармонија, во препознатливата candlelight-атмосфера под светлината на илјадници свеќи – амбиент што ширум светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство.
Овој уникатен концепт, кој обединува минимална светлина и максимална музичка експресија, овозможува слушателот да се фокусира на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика што ја создава ансамблот.
„Чест е што ‘Охридско лето’ токму на Профундис му ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје. Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој музиката ќе прозвучи – искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината се во совршен дијалог, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент на „Профундис“.
Особена чест за оркестарот е соработката со ексклузивниот гостин-солист, виолончелистот Петар Пејчиќ – еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и солист кој веќе настапува со водечките европски оркестри.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ја спојува контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски низ неговите Рококо варијации. Заедно тие создаваат музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и беспрекорна артистичност, идеална за свечениот candlelight-амбиент.
Овој концерт е исклучителна можност скопската публика да го почувствува уметничкиот идентитет на „Профундис“ – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена.

