Култура
Изложба и уметнички презентации за наградата „Денес“

За среда е најавено доделување на шеснаесетотто издание на наградата „Денес“, која се доделува за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Македонија до 35 години за исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување како единствена награда во земјата од овој вид и означува двомесечен престој во Њујорк, САД.
Процесот на доделување на наградата „Денес“ во 2022 година се состои од два настана, кои се одржуваат во Национална галерија на Република Северна Македонија – мултимедијален центар „Мала станица“, и тоа:
22 јуни (среда) во 19 часот – презентации на четворицата уметници финалисти: Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова, Зоран Шеќеров.
23 јуни (четврток) во 20 часот – изложба на четворицата уметници финалисти: Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова, Зоран Шеќеров и церемонија за наградата.
Жири-комисијата за XVI награда „Денес“ е составена од: Вивијана Ќеќија (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопј/Берлин), уметничка и добитничка на наградата „Денес“ во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje – викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир-уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово и Лилија Куделија (Киев/Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Куклено-визуелна претстава „Во детската соба“ на ТДМ на Скопско лето

Вечерва, од 19 часот, во НУ Театар за деца и младинци – Скопје, ќе биде изведена куклено-визуелната претстава „Во детската соба“, во рамките на програмата на фестивалот Скопско лето.
Претставата е авторски проект на режисерката Милена Миланова од Бугарија, а раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата „Kрени-носи“. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме“. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри „креноносачи“ ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша. „Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со другите.
Станува збор за куклена претстава работена по разни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари, со кои Миланова има соработувано во претходните години. Авторката исто така во претставата го користи и методот на театарот на материјалот.
Во претставата играат: Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ-Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски.
Култура
Објавен романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел

Издавачката куќа Готен го објави романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел. Преводот од германски јазик е на Ива Фиданчева.
„Средиштето на светот“ е роман за проблемите поврзани со растењето, пубертетот, зависта и љубомората, пријателството и љубовта. Наменет е за тинејџерската читателска публика.
Седумнаесетгодишниот Фил се чувствува како аутсајдер уште откога знае за себеси. Но, и покрај различните чувства што го обременуваат решава да не остане само пасивен набљудувач на својот живот. Секако дека не може да биде таков кога е опкружен со својата мајка Глес, која го живее животот по свои правила и го поттикнува Фил да биде еднакво силен. Тука се и неговата сестра Дајан, која е непредвидлива и своеглава, со сопствени тајни; неговиот чичко Гејбл, пензиониран војник; неговиот најдобар пријател Кат, кој е великодушен но посесивен. И конечно, тука е и далечниот Николас, во кој Фил се вљубува… сè додека не се соочи со изневерување и конечно мора да го пронајде своето место во светот.
„Средиштето на светот“ е своевиден прозен реквием за туѓото во нас, за совршената важност на љубовта, за бескрајната потрага по човечноста и за насушната потреба од рационалноста. Штајнхефел со овој роман отвора многу прашања. Иако пишуван на крајот од деведесеттите, овој роман ја има атмосферата на отуѓеноста на дваесет и првиот век. Овој роман зборува и за вечната дисонантност на ниво на толеранцијата, она што е и тоа како потребно во време кога и војните, а и болестите чукаат на вратата. Најпосле, Штајнхефел со својот
роман ни говори дека сите во својот животен пат некаде сме тргнале, но дека конечно не знаеме каде ќе стигнеме, но и дека секоја станица во животот е ново искуство кое ни ја пишува биографијата и прави од нас подобри или покомплексни луѓе.
Романот беше номиниран за престижната Германска награда за млада литература.
Ива Фиданчева (Скопје, 1978) завршила германски јазик и книжевност во Скопје, а докторирала на тема од областа на социологијата во Јена, СРГ. Досега од германски на македонски има преведено околу 30 книги, меѓу кои и дела од: Зигмунд Фројд, Херман Хесе, Хајнрих Бел, Томас Ман, Мартин Зутер, Саша Станишиќ, Ингеборг Бахман, Петер Хандке, Даниел Келман, Лукас Берфус, Зибиле Берг, Терезиа Мора итн. Денес живее и работи како книжевен преведувач и слободен доцент во Лајпциг, Германија.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Култура
„Плејбек театар“ во Скопје – актерите и публиката заедно ја креираат приказната

Вечерва со почеток од 20 часот, во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, ќе се одржи одличен културен, забавен и едукативен настан со наслов „Плејбек Театар“.
Плејбек театарот претставува оригинална форма на театар на импровизација, во која публиката е таа што ја раскажува приказната, а актерите преку специфични техники ги развиваат и засилуваат раскажаните приказни, враќајќи им ги на гледачите како во огледало.
Организатор на настанот е Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“, во соработка со Алтернативниот театар „Отпишани“.
Едукатор и водител на настанот е психологот Мирјана Јовановска Стојановска, продуцент е Марјан Анѓеловски, а ќе учествуваат актерите Елена Ѓорѓевска, Огнен Велевски, Јасмин Рамани, Ристе Мицевски и Сара Николовска, Ивана Стамевска и Марјан Анѓеловски.
Настанот е интерактивен , актерите и публиката заедно ќе креираат „сигурно место“ каде што ќе можат да бидат раскажани/донесени доживувања, преживувања, дилеми, размислувања, настани и се што членовите на публиката ќе го донесат со себе. Водачот на актерската група ќе ја покани публиката да раскажат свои приказни. Актерите ќе го одиграат на сцената овозможувајќи на раскажувачот на приказната и на публиката да отворат нови хоризонти на гледање и доживување на раскажаната приказна. На раскажувачот ова ќе му овозможи да може да се види себе си, своите доживувања, емоции и однесување од страна што му овозможува да гради нови стратегии за справување со животот. Така едена по една актерите на сцената ќе ги одиграат приказните на публиката, секогаш водејќи посебна грижа за раскажувачот.
Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, како проект од национален интерес од областа на драмската дејност за 2022 година. Влезот е бесплатен за сите граѓани.