Култура
Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ во МКЦ
Од 6 до 8 јуни во МКЦ ќе се одржи 9. издание на интернационалниот детски фестивал „Сонот на облачето“, кој е и единствената можност кога децата можат да погледнат меѓународни претстави со сенки.
Фестивалот ќе биде отворен в понеделник, на 6 јуни, во 19:00 часот со промоцијата на креативниот сет „Театарче за игра со сенки”, а веднаш потоа на сцената Фросина од 19:30 часот ќе се претстави театарот од Италија Unterwasser со претставата „Лавиринт”. Уникатна мултимедијална претстава без текст и со рачно изработени 3D скулптури чии сенки се проектирани на големото платно. Публиката ги гледа актерките на сцената како ја создаваат илузијата на гледање филм во живо, користејќи го изворот на светлина како камера. „Лавиринт” е приказна за погледот на светот низ очите на една жена, а сцени од нејзиниот живот се појавуваат како лирски фрагменти – визуелни поеми кои фрлаат светло на разни нејзини чувства и спомени. Инспирирани од опусот на Марианџела Гуалтиери, Емили Дикинсон, Ети Хилесум, Вислава Шимборска и Лори Андерсон.
![]()
Во продолжение на фестивалското издание, на 7 јуни, со почеток во 18:00 часот, најпрво ќе се одржи работилницата „Заробени реки” под водство на Доротеј Нешовски каде преку мозаична игра со фолија во боја, со помош на светло и сенки децата ќе раскажат една поинаква приказна за зачувувањето на животната средина, со фокус на водата и реките. А веднаш потоа, со почеток од 19:30 часот по втор пат во Скопје гостува театарот Le Studio од Србија, овој пат со нивната најнова претстава „Заборавените принцези”. Во оваа интерактивна визуелна вртелешка од претстава се скриени сите приказни за непознатите, одамна заборавени принцези, а некои од нив дури и самите заборавиле дека постојат. Сепак, тие заслужуваат повторно да бидат откриени, а можеби публиката ќе се пронајде во некоја од нив!
Денот ќе биде заокружен со изведбата на ликвид перформансот „Флудо” на плато МКЦ во 20:15 часот од страна на Театар „Сенки и облаци”. Мултимедијален перформанс за Флудо, духот на водата, кој со своите пријатели од подводниот свет ќе биде заробен од човечка рака со изградбата на една хидроцентрала. Приказна раскажана преку интересна техника со многу вода, боја и масло на платно и текст на Д. А. Лори.
![]()
Последната фестивалска вечер на 8 јуни ќе почне во 18:00 часот со работилницата на караѓоз мајсторот Џемал Фатих Полат од Турција, каде децата ќе имаат уникатна можност да ги применат традиционалните техники за изработка на Караѓоз кукли за сенки стари над 650 години. Фестивалската вечер ќе биде заокружена со премиерната изведба на претставата „Колку е часот“ во 19:00 часот од страна на организаторот на фестивалот Театар „Сенки и облаци”. Интересна приказна за Старо Купувам, девојчето Сара и еден старински часовник кој пак чука во некое си чудно време, два пати тик, еднаш так! Чие ли време покажува тој? За да дознае, Сара заминува на незамислива авантура, а по пат ќе си најде новo другарче.
Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, „Сонот на облачето” успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажуваат претстави од странска продукција пред детската македонска публика.
Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“, кој со поддршка од Министерството за култура, Градот Скопје, МКЦ, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“, Амбасадата на Италија во Скопје, Српскиот културно-информативен центар СПОНА и Институтот „Јунус Емре“ во Скопје ќе ѝ овозможат на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.
Учеството на работилниците е бесплатно со задолжително претходно пријавување. Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 250 денари, како и онлајн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

