Култура
Кинематограферите од соништата прават филмски материјал

Паоло Карнера, кинематограферот на филмот „Носталгија“ кој е во официјалната селекција Камера 300 денеска со новинарите на прес-конференција откри како течело снимањето во Неапол. Работел претходно на серијата „Гомора“ која исто така е снимена во овој град така што, како што истакна веќе му биле познати локациите.
-Сакавме градот да го прикажеме преку очите на главниот лик, бидејќи тој се враќа во родното место по 40 години и одново го открива својот роден крај. Неапол е град на контрадикции, изобилува со голем број прекрасни палати од една страна, но и со екстремна сиромаштија, раскажа Карнера.
Се задржа на сцената кога главниот лик ја капе својата мајка, која е најтрогателен момент во филмот.
-Овој момент беше трогателен и зад камерата. Многу длабоко емоционално ја доживеавме, затоа што доека работевме сите помисливме на сопствените мајки, се присети Карнера.
Филмот „Носталгија“ е италијанско-француски драмски филм од 2022 година, косценарист и режисер е Марио Мартоне, а снимен е според роман од 2016 година на Ермано Реа. Филмот имаше премиера во официјалната конкуренција за Златна палма на 75. Кански филмски фестивал на 24 мај 2022 година.
Од селекцијата на кратки филмови, денеска на прес-конференција беше претставен филмот „Солзите на нештата“, чиј кинематографер Виктор Мас е во Битола и раскажа дека идејата била да го доловат чувството на стаписаност, после една прекината врска. Во филмот се говори на полски и на бугарски јазик, и токму тоа многу помогнало во реализацијата на прекинот на комуникацијата меѓу ликовите, оти токму говорењето на различни јазици најдобро го симболизира.
Љубителите на документарните филмови имаа можност да го погледнат филмот „Сонот на Аурора“ , кој работи со соништа, а кинематограферката Драгана Јовановиќ проговори на средбата со новинарите за соништата на различните протагонисти и како соништата може да станат филмски материјал.
-Сакав да ја разработам фасцинацијата од заспаното женско тело. Станува збор за занемарена психа, бидејќи токму таа се манифестира во соништата., вели Јовановиќ.
Кинематограферката од Естонија Елен Лотман на Фестивалот „Браќа Манаки“ доаѓа четврти пат, а годинава нејзиниот филм „Заспаниот ѕвер“ предизвика големо интересирање кај публиката.
-Воодушевена сум од Фестивалот „Браќа Манаки“. Четврти пат сум тука и секогаш кога заминувам си велам морам да дојдам повторно, рече Лотман.
Филмот е трилер и прикажува едно мало место во Естонија, каде мажите преку цела недела одат да работат во Финска, жените се оставени да се снаоѓаат сами и тоа се одражува на децата кои стануваа сурови, злобни, насилни.
-Децата денеска или се премногу контролирани или воопшто не се контролирани, а конкретно во овој филм тие прават една грешка, а потоа за да ја затскријат грешката прават уште поголема грешка, раскажа Лотман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.