Култура
Кинотеката потсетува: Пет години од смртта на Кирил Ценевски (1943-2019)

Денес, на 17 јуни, навршуваат точно пет години од смртта на Кирил Ценевски, еден од најголемите синеасти на македонската кинематографија.
Неговиот првенец и дебитантски игран филм ЦРНО СЕМЕ од 1971 година постави нови параметри во филмското творештво и своевремено беше најнаградуван македонски филм („Златна арена“ за режија и „Златен венец“ за дебитанско остварување на Пулскиот фестивал; „Жар-птица“ за најдобар режисер на Московскиот фестивал, итн.), а во 1972 година беше и југословенски кандидат за американската филмска награда „Оскар“.
Роден во Крива Паланка во 1943 година, Ценевски уште како студент на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје покажал интерес за филмот преку киноаматерски активности. Првпат професионално на филм е ангажиран како помошник на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970). По извонредниот успех на ЦРНО СЕМЕ, Ценевски во 1975 година го снима историскиот спектакл ЈАД, повторно со Дарко Дамески во главната улога и Љубе Петковски зад камерата, досега единствен македонски филм со средновековна тематика.
Сè до 1980-та кога ја реализира социјално-психолошката драма ОЛОВНА БРИГАДА за рударите во внатрешноста на Македонија, Ценевски за „Вардар филм“ изработува серија документарни филмски портрети на добитниците на „Златниот венц“ на Струшките вечери на поезијата. Тоа се филмовите за Леополд Седар Сенгор, Фазил Хисни Дагларџа, Еугенио Монтале, Рафел Алберти и Ежен Гилвик, сите по сценарио на поетот и тогашен директор на „Варадр филм“, Анте Поповски, снимени се на повеќе локации во светот – Дакар, Струга, Милано, Париз, Охрид, Џенова, Буенос Аирес, Рим, итн.
ЈАЗОЛ, послениот игран филм кој Ценевски го сними во 1985 година е повторно историска драма, овој пат од времето на Втората светска војна, со мартовската депортација на македонските Евреи во 1943 година како кулминација на драмскиот заплет.
„Она што на Ценевски секогаш му поаѓаше од рака – најмногу поради неговиот неприкосновен и особен сензибилитет – беа умешноста и силата на внатрешното, иманентното кадрирање на филмската слика, како и умешноста на рафинираниот однос со другите филмски елементи – без разлика дали тие отсликуваат и прикажуваат сурово насилство или идеолошки судири. Впрочем – грубоста, очајот, немирот, бесот итн. – во филмовите на Ценевски секогаш успеваат да се стекнат со длабока внатрешна рамнотежа, така што при гледање на филмот, тие не секогаш нужно асоцираат на ужас – туку повеќе асоцираат на самиот живот – во сета своја целосност и полнотија. Нему му успевше, и тоа не пластично, туку ументички слоевито и длабоко, да отвори простор за триумф на човековата слобода и на вистинските хумани вредности“ – ќе истакне Маријана Терзин-Стојчиќ од Југословенска кинотека, Белград, во својот освртот за ликот и делото на Ценевски по повод смртта на режисерот во 2019 година во списанието „Кинопис“.
Кирил Ценевски беше добитник и на награди со кои домашната културна јавност го валоризира неговото творештво – Државната награда „11 Октомври“ во 1972, „Златниот објектив“ на Кинотеката на СР Македонија во 2013 година за посебен придонес во развојот на македонската кинематографија, како и „Златната ѕвезда на македонскиот филм“, истата година, доделена од Друштвото на филмски работници во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2019 година Кинотеката објави ДВД издание со четирите дигитално реставрирани играни филмови на Ценевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.