концерти
Концерт за деца со оркестарот на Филхармонијата

В сабота, во 12 часот, оркестарот на Македонска филхармонија ќе го одржи концертот за деца со наслов А Zoo Called Earth. Диригент е Ангел Спировски, а како солисти ќе настапат пијанистките Ивана и Ана Мазнејкови. На програмата се „Карневал на животни“ од К. Сен-Санс и А Zoo Called Earth од П. Шикл. Режисерка е Тамара Стојаноска, аниматор е Бобан Алексоски, а визуализацијата и анимацијата се на Иван Коминовски. Концертот се реализира во соработка со театарот „Златен Елец“ Скопје.
Приказната е за еден магионичар, кој понекогаш е кловн, но секогаш – чувар на нашата планета. Заедно со оркестарот на Филхармонијата и еден вонземјанин, ќе ги поведат најмладите на магично музичко патување со „Карневалот на животните “од К. Сен-Санс и А Zoo Called Earth од П. Шикл. Преку многу музика, интеракција и анимација децата ќе учат за животните, за природата и ќе ги потсетиме колку е важно да ја чуваме и сакаме нашата планета Земја!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
„Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев на сцената на Националната опера и Балет

Најновата балетска продукција од Националната опера и Балет, современиот балет во 3 слики, „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев, современа бајка за сите возрасти, на сцената на Националната опера и Балет ќе се изведе на 18 март (сабота) со почеток во 12 часот.
Приказната за „Пепелашка“ во модерна верзија е преточена во прекрасната музика на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев, а во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ (Србија). Костимографијата е на Катерина Радошевиќ-Галиќ (Хрватска), сценограф е Филип Коруновски, дизајн на звук: Георг Драушник (Хрватска), асистент-кореограф: Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија).
Настапуваат: Христина Наќевска, Билјана Басмаџиева-Ковачевски, Мирослав Митрашиновиќ, Игор Веланоски, Саша Евтимова, Марија Јосифовска-Ристовска, Цветанка Максимоска, Ангела Богатинова, Ендру Кук, Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска.
Настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
концерти
Оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот „Бедем“

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот со наслов „Бедем“, на кој како солистка ќе настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леија Зу (Кина/Англија). Диригентка е Ребека Тонг (Индонезија/САД), а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата Robert’s suite на македонската авторка Бете Илин, кои премиерно ќе прозвучат на овој концерт.
Опусот на македонската композиторка Бете Илин (1982) опфаќа голем број вокални дела (соло песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар). Во 2018 година композиторката Бете Илин првпат се сретнува со творештвото на американскиот писател Роберт Грин. Импресионирана од неговите бестселери ја создава композицијата Robert’s suite (2020), која има четири става. Секој став има наслов според книгите на овој познат автор. Вториот став, „Заведување“, е инспириран од книгата „Уметност на заведувањето“, во кој е опишана најсуптилната и најефикасна форма на моќта – заведувањето. Во овој став од суитата композиторката Бете Илин се обидува да го долови чинот на заведување со употреба на разновидни средства, кои креираат возбудлива музичка атмосфера. Четвртиот став е инспириран од книгата „Мајсторство“, во која Роберт Грин пишува за разни нешта, кои му помогнале да го трасира патот до мајсторството во неговата професија.
Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 61 од генијалниот Лудвиг ван Бетовен премиерно бил изведен во Виена во 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на овој композитор и едно од најлирските дела во неговиот опус. Напишан е во еден од најкреативните периоди кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клемент, кој сакал драматично дело за својот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.
Симфонијата бр. 7 во А-дур, оп. 92 од Л. В. Бетовен премиерно била изведена во Виена на 8 декември 1813 година. Ова симфониско дело на Бетовен, создадено во ист период како и Концертот за пијано и оркестар бр. 5, го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето. Самиот композитор сметал дека ова е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус. Симфонијата претставува апотеоза на танцот или, како што рекол Вагнер, „…ако некој ја слуша Седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра“.
Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистент во Филхармонискиот оркестар на Би-би-си и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата“. Во сезоната 2020/2021 година дебитирала со Оркестарот на Париз, Францускиот оркестар на Националната опера, оркестарот „Моцарт“ од Париз… Во 2019 година ја добива наградата „Таки“, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап. Соработувала со гудачкиот квартет Great Wall, Џеси Чанг, Џеф Тајер, Челси Пен. „Џакарта пост“ ја нарече „предводник на индонезиската класична музика“. Репертоарот на Тонг опфаќа симфониска, оперска и камерна музика. Посетувала мастер-класи кај ментори, како: сер Марк Елдер, Марк Шанахан, Кларк Рандел, Марк Херон, Нил Варон… Магистрирала оркестарско диригирање кај проф. Марк Гибсон на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.
Виолинистката Леија Зу (2006) дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри во светот. На дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји. Тогаш станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот“. За време на пандемијата, во август 2021 година, Леија e поканета да го изведе „Интродукција и Рондо Капричозо“ од Сен-Санс со Лондонскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Сајмон Ратл. Како солистка настапувала со многу од најзначајните оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Луцерн, Белгискиот национален оркестар, Рускиот национален оркестар, Московската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Санкт Петербург, оркестарот на Марински и др. Настапувала на музички подиуми, како „Моцартеум“ (Австрија), „Јехуди Мењухин“ (Белгија), Театарот на Филхармонијата во Одеса (Украина), конзерваториумот „Џузепе Верди“ (Италија)…
концерти
(Видео) Концерт на Мухамед Ибрахими во Филхармонијата

В понеделник, 27 февруари, во малата сала на Филхармонијата, врвниот гитарист Мухамед Ибрахими ќе одржи свој концерт. Концертот е во организација на „Баги комуникации“.
Мухамед Ибрахими е гитарист, кој својата гитара ја третира на многу интуитивен и инспиративен начин свирејќи го спонтано само она што го чувствува и извира директно од него.
Неговите композиции се автентична мешавина од повеќе музички стилови, во кои сосема природно се спојуваат блуз и рок, но и традиција и сегашност.
Ваквите негови храбри и елегантни комбинации даваат прекрасен звучен пејзаж и импресивна музика, која пренесува универзални чувства. Гости на концертот на Ибрахими ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина.
„На концертот во Филхармонијата публиката ќе може да чуе композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции, кои ќе бидат првпат интерпретирани концертно. Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот што ќе го пренесеме преку нашите инструменти“, изјави Ибрахими.
Мухамед Ибрахими не е ново име на македонската музичка сцена. Го паметиме како гитарист на групата „Бла, бла бла“, а многумина го познаваат и како творец што практикува соработки со разни уметници. За себе вели дека е самоук, дека свири од својата петта година на разни инструменти, но ако треба да бира, би ја избрал гитарата. Има издадено два албума, Fly во 2014 и Devotion во 2019 година.
Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава нè очекуваат одлични соработки и уште подобри концерти“, велат од „Баги комуникации“.
Инаку, концертот ќе почне во 20 часот, а влезници може да се набават преку платформата www.bileti.mk