Култура
Концерт на австрискиот контрабасист Вагнер и српската пијанистка Палуровиќ на Охридско лето
Во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, Охридско лето, вечерва, во црквата „Света Софија“ организира концерт на австрискиот контрабасист Доминик Вагнер и српско-австриската пијанистка Софија Палуровиќ.
Роден 1997 година во Виена, Доминик Вагнер е посветен на идеалот да го извади контрабасот од сенката на виолончелото и да ги прикаже индивидуалните можности на овој најдлабок инструмент во групата гудачки инструменти. Успева во својата намера не само со неговото сценско присуство туку и со импресивната виртуозност, лирска мелодичност, како и со постојаните напори да го прошири репертоарот за контрабас преку нарачки на нови дела, транскрипции на постојни композиции, истражувања во потрага по ретки дела, а заедно со својот татко, композиторот Волфрам Вагнер, транскрибираат дел од концертот за виолончело од Дворжак во концертна композиција за контрабас, која својата премиера ја имаше минатата година во Луцерн.
Има настапувано со реномирани оркестри и ансамбли, како „Камерата Салцбург“, Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот ВДР, Германската камерна филхармонија од Бремен, во концертни сали во Њујорк („Карнеги хол“), Берлин („Концертхаус“), Виена („Музиквераин“ и „Концертхаус“), Минхен („Херкулес сала“),Хамбург („Елб филхармонија“).
Соработува со Камерниот оркестар во Вуртемберг како млад уметник, а редовно настапува во САД, каде што одржува рецитали, камерни концерти и семинари. Во 2021 година Доминик Вагнер го издава своето прво ЦД со наслов „Џовани Ботезини – Револуција на басот“, а во 2023 го издава и своето второ аудио ЦД заедно со Лаума Скриде, „Поглавја – Приказна за контрабасот“.
Овој албум, како и концертите што се поврзани со неговата промоција вклучуваат дела од Бах и Шуберт, па сè до Пјацола и Манцини, на тој начин презентирајќи го целиот уметнички распон на Вагнер. Тој е исто така и активен камерен музичар постојано трагајќи по нови звучни изрази, што резултира со неговото дуо партнерство со џез-басистот Георг Бреиншмид, како и со кларинет триото со Себастијан Манц и Данае Доркен.
Софија Палуровиќ почнува да учи пијано на осумгодишна возраст со Татјана Вукмановиќ во Нови Сад, Србија. Кога го завршува образованието во специјализираното музичко училиште „Исидор Баиќ“ во Нови Сад, заминува во Виена, каде што студира на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во класата на Стефан Владар, а магистрира во класата на проф. Јасминка Станчул. За време на студиите бележи успеси на национални и меѓународни натпревари: прва награда на Меѓународниот натпревар за пијанисти во Белград, прва награда на натпреварот „Пијано таленти“ во Милано (Италија) и прва награда на натпреварот „Даворин Јенко“ во Белград. Дополнително, освојува награди како камерен музичар со триото „Спирито динамико“ (флејта, виолина и пијано). Во изминатите години настапува во престижни концертни сали во Европа, како „Брукнер хаус“ во Линц, „Бетовен хаус“ во Бон, но и во Градската куќа во Нови Сад.
Вклучена е во разни мултидисциплинарни проекти, како премиерата на верзијата на „Човекот од Мидијан“ за две пијана и современ танц. Софија се надградува учествувајќи на семинари кај познати пијанисти и педагози, како Анџела Хјуит, Жак Рувие, Иан Џонс и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на македонскиот филм во Брисел: „Диџеј Ахмет“ ја воодушеви европската публика
Вчеравечер во „Синема галери“ во Брисел се одржа европската премиера на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, режисерското деби на Георги Унковски, настан што го привлече вниманието на претставници на европските институции, дипломати, филмски професионалци, гости и љубители на седмата уметност.
Пред почетокот на проекцијата, пред присутните се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека прикажувањето на македонски филм во срцето на Европа претставува значаен успех и силна потврда за квалитетот на домашната кинематографија.
„Чест ми е што вечерва, овде во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме премиерното прикажување на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи“, истакна Љутков.
Тој упати пофалби до авторскиот и продуцентскиот тим, нагласувајќи дека филмот претставува уметничко остварување што достоинствено ја претставува државата на европската сцена и е доказ за зрелоста, креативната храброст и меѓународниот потенцијал на македонската кинематографија.
Тој додаде дека филмот е резултат и на силна меѓународна соработка и доверба меѓу партнерски институции. Тоа е потврда дека кога се работи заеднички, може да се создаде вредност што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите.
„Ова не е само уметничко дело, туку резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Копродукциските проекти се одлична можност нашите автори и продуценти да станат дел од поширока европска мрежа, да добијат пристап до нови пазари и нова публика и на тој начин малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор“, рече министерот.
По проекцијата се одржа панел-дискусија посветена на улогата и значењето на копродукциите во европскиот аудиовизуелен сектор.
Премиерата и панел-дискусијата претставуваат уште една потврда за активното присуство на македонската култура на европската сцена и за континуираната заложба за продлабочување на соработката со европските партнери.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.

