Култура
Концерт на Хрватскиот гитарски квартет во Македонската филхармонија
На 28 мај, во 20.30 часот на големата сцена во Македонската филхармонија, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.
Новооформената платформа „За тебе“ се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.
Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.
На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.
Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка… вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар. Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“. Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.
Концертното гостување се реализира со поддршка на „Смаргд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и Why агенција.
Загрепскиот гитарист Зоран Дукиќ се наобразувал на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а се доусовршил на Универзитетот за музика и танц во Келн.
Дукиќ е еден од најнаградуваните хрватски гитаристи ширум светот. Има настапувано на сите континенти. Тој е единствениот гитарист што победил на двата меѓународни натпревари „Андрес Сеговија“ (во Гранада и во Палма де Мајорка). На најголемиот шпански натпревар по гитара во Мадрид, одржан под покровителство на кралското семејство, тој не само што ја освоил првата награда, туку бил и првиот странски државјанин што ја добил наградата за најдобра изведба на шпанска музика.
Петрит Чеку е роден во Призрен, Косово, дипломирал на Музичката академија во Загреб и ги продолжил студиите во Балтимор, САД, на конзерваториумот „Пибоди“. Предава камерна музика за гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Има изведувано рецитали низ целиот свет и бил солист со симфониски оркестри како Балтиморската симфонија, Калгариската филхармонија, Чешката камерна филхармонија, Теџонската филхармонија, Државниот оркестар „Ермитаж“ од Санкт Петербург, Панонската филхармонија и Загрепската филхармонија. Пофален од „Калгари Хералд“ како „природен гитарист, со силен, продорен звук“, Чеку е првонаграден на многу меѓународни натпревари за гитара, вклучувајќи ги и најпрестижните како „Паркенинг“ (Малибу, САД), „Шадт“ (Алентаун, САД), „Биасини“ (Болоња, Италија) и „Питалуга“ (Алесандрија, Италија). Тој бил единствениот класичен музичар на турнејата „Night of the Proms 2018“ со Антверпенската филхармонија под диригентство на Александра Ариече, на која учествувале великани на поп музиката како Брајан Фери, Мајлоу, Сил и Сузан Вега. Соработувал со наградуваната режисерка Калтрина Красниќи и компонирал оригинална музика за нејзиниот долгометражен филм „Вера сонува за морето“, кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција во 2021 година.
Марое Брчиќ е роден во Дубровник, Хрватска, каде живее и денес. Дипломец е на Музичката академија при Универзитетот во Загреб. Предава гитара на Уметничката академија при Универзитетот во Сплит. Брчиќ речиси 30 години настапува на концертните сцени како солист, како член на камерни состави и како солист со оркестарска придружба (оркестарот на Хрватската радио-телевизија, Дубровничкиот симфониски оркестар, Вараждинскиот камерен оркестар, Загрепските солисти, Мостарскиот камерен оркестар, Сараевската филхармонија, Темишварската филхармонија, оркестарот на Македонската национална опера и „Гнесин виртуози“ од Москва). Има настапувано низ Европа, Азија и Северна Америка. Брчиќ ја добил Ректоровата награда на Универзитетот во Загреб, наградата „Милка Трнина“ (со Дубровничко гитарско трио) и е двократен добитник на наградата „Орландо“ на фестивалот „Дубровничко лето“.
Твртко Сариќ е роден во Госпиќ, Хрватска. Завршил на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а на музичката академија „Ино Мирковиќ“ во Ловран, завршил едногодишна специјализација. Имал концерти низ Словенија, Австрија, Италија, Германија, Полска, Босна и Херцеговина, Мексико и САД. Како солист настапувал со Загрепската филхармонија, Загрепските солисти, Гудачкиот оркестар на Целје, Вараждинскиот камерен оркестар, со речиси сите гудачки квартети во Хрватска и како член на Ансамблот „Кантус“ за промоција на современата музика. Снима за издавачки куќи во Хрватска и во Словенија. Добитник е на наградата „Порин“ за најдобар албум за класична музика (настапувајќи во албумот на Берислав Шипуш „Заједно“, „Кантус“, 2018 година). Основач е и уметнички директор на неколку концертни серии во областа Госпиќ. Тој е доцент на Одделот за наставнички студии при Универзитетот во Задар, а предава и на музичкото училиште во Чрномељ. Во 2012 година го основал хорот „Дегенија“. Во 2017 година бил награден со Ректоровата награда на Универзитетот во Задар за „извонредни достигнувања во уметничката работа и управувањето со хорот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Kонцерт на џез триото АУМ
Во петок, во 20 часот во Салон 19:19 ќе се одржи концерт на Џез триото АУМ.
Џез триото АУМ (AUM) е формирано во 2024 година. Со својата авторска музика ги исполнува и преминува стандардните рамки на фри џез, дум џез и современа класична музика. Како звук, зборот „АУМ“ е синоним за почетокот на Универзумот, за првиот космички звук од кој потекнува креацијата на нашата реалност. Триото АУМ со своите оригинални теми и слободни импровизации, создава уметничко искуство што ги спојува редот и хаосот, претставувајќи израз на неограничената креативност во музиката. Овој настап е планиран да биде снимен со аудио и видео, како би се продуцирал и издал и првиот албум на АУМ со име „АУМ – во живо, КИЦ 2024“ („AUM – live in KIC 2024”).
Триото е составено од Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Драган Теодосиев (тапани). Членовите на триото се дел од повеќе состави кои редовно настапуваат на концерти и фестивали, а зад себе имаат оставено многубројни ЦД изданија кои се високо рангирани на светски ранг листи. Некои од другите состави во кои тие учествуваат се: Taxi Consilium, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Зарина Првасевда, Cobalt Code Unit, Shock Troopers, како и многу различни формации како дел од проектите „Impromptu Meetings“ и „Џез за чудаци“.
Благојче, Драган и Константин се активни џез музичари на македонската и на европската сцена и често настапуваат на домашни и странски фестивали и концерти. Меѓу највлијателните се издвојуваат „Скопје Џез Фестивал“, „Пин Конференција“ и „MENT Ljubljana“ на кои настапуваат веќе неколку пати во различни состави. Драган Теодосиев ја добива наградата „Златен Орикс“ за најдобар џез музичар во 2023та година, доделена од Скопскиот Џез Фестивал.
Култура
Ново издание на „Скомрахи“ од 1 до 5 ноeмври
Студентските средби Скомрахи на Факултетот за драмски ументости (ФДУ) и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја престават од 1-ви до 5-ти ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка, заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ. Прграмата на 32 издание на Скомрахи 2024 вклучува и изложба за ре-употреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.
Парлалено на програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите, а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ ќе учествуваат сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инжинеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ- Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театрска педагогија на Академијата за уметност Фонтис од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег сцена.
Годинешните Скомрахи, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако припаѓаат на далечната историја Дионизиите се повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и насилството на денешниот свет. Наспроти нив студентите на Скомрахи повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување преку свечено заедништво.
Скомрасите ги повикуваат сите да се вклучат во „Дионизија сега“, започнувајќи од 1 ноември во Драмскиот театар – Скопје, со изведба на „Кралот Иби“ на Алфред Жари од студентите на ФДУ. Настаните на Скомрахи се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на www.instagram.com/skomrahi и www.facebook.com/skomrahi. Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура на РСМ и Europe House.
Култура
Почнаа читачките проби на претставата „Бог на колежот“
Почнаа читачките проби на претставата „Бог на колежот“ (копродукциски проект) по текст на светски познатата француска авторка Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска.
Станува збор за еден од најпоставуваните текстови на Реза, напишан во 2006 година, за кој добива и многубројни награди.
Режисерката Петрушевска го избира овој текст на оваа брутално црна комедија, која безмилосно ја разобличува современата елита, притоа користејќи иронија и сарказам за да предупреди на дволичноста на човечката природа.
Текстот изобилува со брилијантни дијалози и извонредна веродостојност на ликовите на два брачни пара, кои ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон (Мони) Дамевски, Наталија Теодосиевa, а кавгата меѓу двете момчиња е причината родителите да ја преземат контролата врз нивните односи.
Односите стануваат сè понапнати, ситуацијата ескалира и се претвора во меѓусебни обвинувања и општо пресметување во сè поголеми размери. Паровите водат психолошка војна, а на виделина излегуваат и долго скриените несогласувања во двата брака.