Култура
Костадиновска-Стојчевска: Инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора

„За културата не е капитална инвестиција да изградите театар чии темели се во вода. За културата не е капитална инвестиција да подигнете споменик за кој немате храброст да го наречете по име. Ниту е капитална инвестиција „пресвлекувањето“ на минатото. Грабање преку градење во име на културата, најблаго речено, е сквернавење на сопствената култура“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на дводневната Годишна конференција „Година на нови можности“ што денеска и утре се одржува во Скопје.
Во дискусијата на вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ Костадиновска–Стојчевска посочи дека не случајно овој дел од панелот го следи пораката – Културата е инвестиција во нашата потпора, бидејќи културата сама по себе е капитална инвестиција. Во комбинација со нашата свест за нејзината улога и важност, таа носи и огромна добивка која не се мери само како економски бенефит и затоа, како што рече, во културата мора внимателно и остроумно да се инвестира.
За нас, додаде Костадиновска-Стојчевска, капитална инвестиција во културата е да градиме со љубов простор во кој ќе живее нашето вчера, нашето денес, нашето утре за навек. Да ги заштитиме од времето и од невремето темелите на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја. Да ги сочуваме децениските трезори на нашата култура, да ги чуваме спомениците од НОБ како паметник и како потсетник. А ги имаме, и како наследство и како потпора.
„Го реставрираме и конзервираме Ангелот од Курбиново – Црквата Свети Ѓорги, ги засилуваме темелите на скопскиот Аквадукт, дигитализиравме милиони записи во Институтот за македонски јазик, ги санираме и реконструираме Националните културни установи, градиме и доградуваме театри низ државата. Отвораме културно-информативни центри, постепено го враќаме украденото културно наследство дома. Сè повеќе го отвораме Балканот за културата, сè повеќе ја отвораме културата за светот“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Потсети дека минатата година станавме дел од Културните рути на Советот на Европа, а во Давос, пак, станавме дел од Алијансата за Баукултур за вмрежување на соработката на јавниот со приватниот и со граѓанскиот сектор.
Во тој контекст на шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес, како што рече Костадиновска -Стојчевска, Скопје мора да доживее т.н.„Ослободување“ од стиропорот и невкусот на Скопје 2014-та, затоа што Скопје е нашата престолнина која претендираме да стане Европска престолнина на културата за 2028-ма година.
„Впрочем, јас и на почетокот на мандатот, пред точно една година, реков дека мој врвен приоритет ќе биде живата култура. Јас верувам дека добитна комбинација е кога капиталните инвестиции и инвестирањето во сопствениот уметнички потенцијал одат со ист чекор. Зашто, инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора“ истакна Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска за време на дискусијата потенцираше дека оваа 2023 година е година кога се навршуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, но и година на бројни јубилеи.
„ 2023-та е Година посветена на исклучителниот Ацо Шопов, како и година во која одбележуваме 120 години од Илинденското востание. Во 2023-та се навршуваат 115 години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. 30 години од смртта на Блаже Конески. 120 години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски. 80 години од првиот час на македонски наставен јазик во училиштето во Подвис, кичевско. 80 години од Второто заседание на АВНОЈ и исто толку години од формирањето на Иницијативниот одбор за заседанието на АСНОМ и 30 години од нашиот прием, како самостојна држава, во Обединетите Нации. Ова се само дел, но верувам доволно за да потсетам дека меѓу кои кои не потсетуваат дека имаме минато со кое се гордееме, дека имаме длабоки корени кои само заедно можеме да ги сочуваме. Во мудроста е нашиот бедем, а во културата, нашата потпора“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Мојот последен здив“ на Буњуел во Кинотеката

Кинотеката на Македонија, в среда, 29 март, во 12 часот, во киносалата ќе го промовира своето најново печатено издание на автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, со наслов „Мојот последен здив“, со што ова значајно дело, конечно, ќе стане достапно на македонски јазик.
Издавањето на книгата е овозможено од страна на Шпанската агенција за меѓународна соработка и развој (AECID) и Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.
Се работи за книга на еден од најзначајните режисери во историјата на филмската уметност, напишана пред самиот крај на неговиот живот во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник, косценарист на сите филмови од последната француска етапа во кариерата. Автобиографијата, која е поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја одделени со наслови, првпат е објавена на француски јазик во Париз во 1982 година, нецела година пред смртта на Буњуел. Она што е специфика на оваа автобиографија е тоа што во неа Буњуел многу често употребува множина како да зборува во името на целата своја генерација, онаа генерација што студирала на универзитетот во Мадрид во 1927 година или генерацијата на надреалистите во Париз неколку години подоцна или генерацијата на републиканците во времето на Граѓанската војна. Се разбира, тоа не е случајно затоа што оваа книга, иако е лична исповед на еден исклучителен човек, на еден голем уметник, истовремено претставува и многу интересно документаристичко и историско сведоштво за цела една епоха, која се протега речиси преку целиот XX век. Во неа постојано се испреплетуваат исечоците од животот и сеќавањата на драматичните историски настани, со сеќавањата поврзани со творештвото, со филмовите – со еден збор, во неа, разбирливо, постојано се испреплетуваат животот и филмот, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на изданието.
Книгата ќе ја промовираат историчарот на уметност и заменик-амбасадор во шпанската амбасада во Скопје, Ернесто Eредеро дел Кампо, проф. д-р Иван Џепароски од Филозофскиот факултет при УКИМ и доц. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката и професор на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот „Европа Прима“, кој воедно е автор на предговорот.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, преводот од англиски јазик е на Марија Цветковска, лектурата на д-р Сузана В. Спасовска, а дизајнот на м-р Игор Сековски.
Инаку, ова е само едно во низата изданија што Кинотеката ги објави последниве месеци, меѓу кои се веќе промовираната филмолошко-наратолошката студија на Атанас Чупоски – „Иницијација и покајание. Доминантни топоси во наративниот дискурс на современиот руски филм“ и филмолошката студија на реномираната бугарско-британска историчарка на филмот Дина Јорданова – „Кинематографијата на другата Европа. Дејноста и уметноста на источноевропскиот и средноевропскиот филм“, која набргу ќе биде промовирана заедно со стручното списание за филм што Кинотеката редовно го објавува, „Кинопис“.
Култура
По повод Светскиот ден на театарот, 27 март, МНТ ги отвора вратите за сите граѓани

По повод Светскиот ден на театарот, 27 март, Македонскиот народен театар ги отвора вратите за сите граѓани.
Публиката ќе има можност бесплатно да ја гледа претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, во која играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Дејан Битровски.
Пред почетокот на изведбата ќе бидат прочитани светската порака од Самиха Ајуб, египетска актерка, и македонската порака од Теута Ајдини-Јегени, актерка.
Билетите се подигнуваат на денот на изведбата од 14:00 часот на билетарницата на МНТ.
Култура
Прво па женско 11 почнува со ПичПрич на тема „Бев Сама“

На 6 април во Кино Фросина (МКЦ – Скопје) во 20 часот, Тиииит!Инк. го најави единаесеттото издание на единствениот фестивал за промоција на феминистичката култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО со ПичПрич на тема „Бев Сама“.
ПичПрич ја промовира женската усна историја, нормализирајќи ги женските искуства и преземајќи го јавниот простор и е авторски концепт на Ана Василева и Румена Бужаровска.
Како и секоја година, ПичПрич се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот.
Токму затоа оваа година темата е „Бев сама“ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување.Освен тоа, модерната психологија тврди дека токму напуштеноста е оној сублиминален простор во кој се јавува траумата.
Истовремено, пошироко гледано темата претставува и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените во исполнувањето на многубројните улоги во општеството – од најтрадиционалните (работа во домот, одгледување на деца и негување на стари лица, лица со попреченост), па сѐ до оние кои се сметаат за нетипични (раководни и политички функции, спорт итн.).
Гледано од спротивната перспектива, бидувањето сама во смисла на сопствената соба на Вулф е оној простор на слобода неопходен за еманципација и ослободување на женската креативност. Повеќе за разновидните толкувања на оваа тема ќе слушнеме од нашите раскажувачки.
По настанот следи диџеј сет на Diah во бифето на Фросина.
Билетите за настанот се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн на https://bileti.mkc.mk/ во висина од 200 денари.
Настанот е реализиран со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna.