Култура
Костадиновска-Стојчевска на Светскиот ден на детето: Наша обврска е секое дете да има исти можности

Одбележувајќи го Светскиот ден на детето, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со деца од социјално ранливи семејства беа денешна публика во Театарот за деца и младинци.
За најмладата и најискрена публика беше изведена претставата “Зрното грашок и принцезата” во режија на Срѓан Јанакијевиќ.
„Сите деца се подеднакво важни и имаат исти права, а наша обврска е да им ги обезбедиме. Да се биде дел од најискрената публика во театар, е уживање секогаш и секаде.
Животот не е како во бајките, но никој нема право да им ја одземе фантазијата децата. Негувањето на односот кон културата е важен пат во градење на нивниот позитивен поглед кон светот, зашто културата и уметноста се убавата страна на животот“, вели министерката за култура.
Таа истакна дека сѐ што правиме, правиме за децата, за нивната насмевка, радост и нивната иднина. “Приказните, темите, ликовите, пораките кои се испраќаат преку театарот се неисцрпна инспирација за децата, сцените и репликите остануваат долго во нивната меморија. Создаваме услови еднакви за сите деца и во соработка со Министерството за труд и социјална политика овозможуваме децата од социјално ранливите семејства да го уживаат театарот и културно да напредуваат со своите врсници.” – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Децата го посетија и Природнонаучниот музеј, кој што е најстарата биолошка установа кадешто се собира и чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на државата.
Министерката нагласи дека секое дете заслужува секојдневна грижа и внимание, зашто децата се столбот како на иднината, така и на културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Две промоции во Кинотека: „Пет македонски етнолошки филма“ и книга „Документарниот филм и идентитетот“

Во среда, на 6 декември, во 12 напладне во Кинотеката ќе бидат промовирани последните изданија на Кинотеката -книгата „Документарниот филм и идентитетот“ и блу-рејот „Пет македонски етнолошки филма“.
Промотори на изданието „Документарниот филм и идентитетот“ на Сунчица Симоновска Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката, ќе бидат проф. Драгица Поповска од Институтот за национална историја и вон. проф. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката.
Рецензенти на ова печатеното издание на истоимениот магистерски труд на Веселиновска се проф. д-р Антоанела Петковска и проф. д-р Тодор Чепреганов, кој за значењето на филмската документаристика ќе напише: „Снимањето на документарни филмови кои најчесто се насочени кон обработка на историски факти од минатото, потврдени со актуелните научни истражувања, директно влијаат врз колективната мемеорија – како клучен фактор во обликувањето на националните белези на македонскиот народ. Филмот воопшто, а посебно документарниот филм, има моќ постојано да нè враќа во минатото, поради што се наметнува потребата за зачувување на сите елементи кои заземаат значајно место во идентитетот на еден народ – каде филмот се појавува во улога на еден од чуварите и паметниците на идентитетот на тој народ“.
И за второто кинотечно издание кое ќе биде промовирано на 6. декември – блуреј изданието под наслов „Пет македонски ентолошки филма“ може да се каже дека е подеднакво значајно за идентитетот како дел од нашата колективна меморија, но пред сѐ како наше аудиовизуелно културно наследство. Станува збор, како што посочува насловот, за пет документарни филмови со етнолошка тематика, снимени во 1950-ите и 1960-ите години на минатиот век, во продукција на Етнолошкиот музеј – Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“. Документарните филови поместени на овој блуреј – ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ (1954, р. Ацо Петровски), ГАЛИЧКА СВАДБА (1955, р. Ацо Петровски), ДЕРВИШИ (1955, р. Ацо Петровски), МАРИОВСКА СВАДБА(1966, р. Вера Кличкова) и РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО (1957, р. Благоја Дрнков) – минатата година беа дигитално реставрирани со средства од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ на Аосцијацијата на европски кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes), кој пак е финансиски помогнат од програмата МЕДИА на Европската комисија. Дигитална реставрација на петте етнолошки филмови беше извршена од страна на проф. Владимир Павловски, а промотор на блуреј изданието ќе биде етнологот м-р Елизабета Конеска, виш кустос во Музејот на Македонија.
Култура
Самостојна изложба на Ешреф Ќахили во Чифте амам

Во првата половина на декември Чифте амам ќе стане музеј на детството. Станува збор за самостојна изложба на ликовниот уметник и професор Ешреф Ќахили од Приштина, Косово.
Изложбата ќе се отвори на 5 декември 2023 во 19 часот. На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова-Ќерими, и професорот Решат Амети, член на управниот одбор на Националната галерија.
Изложбата „Музеј на детството“ опфаќа триесетина дела во техника масло на платно и комбинирана техника и на уметничката сцена, за публиката ќе биде достапна до 18 декември 2023. Ќахили првпат изложува во Националната галерија, а овој проект е во рамките на билатералната културна размена меѓу Република Северна Македонија и Косово.
Низ триесетина дела групирани во циклуси авторот ги води посетителите низ секојдневните случки почнувајќи од најраното детство, преку младоста, па сè до зрелите години. Низ елементи на експлицитен израз на доживувањата тој раскажува за средбите со светските метрополи на уметноста и за седенките со уметниците од регионот, на кои разменувале многу творечки мисли и доживувања.
Делата на Ќахили се многу блиски до палеолитските, магдаленските слики, кои преку линијата и цртежот ни ги доловуваат експресиите од ловот, ни ги претставуваат животните, садовите, оружјето што го користеле тогашните луѓе. Во нив Ќахили преку минатото ја отсликува сегашноста, а нè води кон иднината преку својот креативен поглед низ уметничкиот изблик. Во делата преовладува геометризмот, шематизмот, а фигуративната претстава се претопува во симболи и разни знакови од религиските концепции.
Во изложените дела се издвојува фигурата како експресивен модел, вметната на чиста заднина, главно бела, но понекогаши колоритна. Фигурата и аморфното се среќаваат и на сина заднина, која постигнува ефект на уметнички баланс. Низ циклусот слики „Музеј на детството“, Ешреф Ќахили нè води низ фудбалските игралишта на играта, во која доминира линијата како премер и перфектен привид на селективниот организиран собир.
Во еден од претставените циклуси се прикажани моментите на берење плодови од природата, вклопени на платното во експресионистички манир. Можеби блискиот контакт со творештвото на албанските уметници и колеги Ибрахим Кодра и Омер Калеши на некој начин му дале позитивен импулс и му ја поттикнале креативноста цртајќи заедно на парче хартија со Кодра во Италија.
Своите платна Ќахили ги надополнува и со колажи, давајќи ѝ полет на имагинацијата. Така, во циклусот „Незаборавна слика“ ни претставува еден свет на пејзажи со повеќеслојни сегменти од растителниот свет, со вклучени делови од подводниот свет, каде што контурата е најважниот детал.
Во своето сликарство Ќахили настојува да ги претстави обичаите на секојдневието во светлината на избраните тонови. Преку прецизниот и јасен цртеж и драматичната тема го запознаваме времето во кое тој живее и начинот на кој го доживува. Пресекувањето на хоризонталата и вертикалата ја откриваат неговата индивидуалност, збогатена со рамноправно распоредените бои, кои им додаваат живост на претставените мотиви.
Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
Култура
Американска премиера на „М“ на Вардан Тозија во Њујорк

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија денес ја има својата премиера во САД на фестивалот DANCES WITH FILMS DANCES WITH FILMS во моментот е еден од најзначајните гласови на независната филмска индустрија надвор од Холивуд.
По 25 години одржување во легендарниот Chinese Theatre во Лос Ангелес, фестивалот се сели во срцето на Њујорк, повторно на култна локација – Regal Union Square Theatre на Менхетн. Според „Ју-ес-еј тудеј“, фестивалот се вбројува меѓу десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент, според Си-ен-ен, важи за лидер во позиционирање свежи и нови таленти на филмската индустрија“, а Indiewire го препознава како нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија… Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури барајќи ја својата самовила, токму на официјалната селекција на овој фестивал ќе ја претставува македонската кинематографија пред американската публика.
По премиерата, ќе се одржат дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм „М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media.