Култура
Костадиновска-Стојчевска: Јазикот е израз на нашиот идентитет

Во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје, денеска, се одржа јавна дебата за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, кој е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописите на Република Северна Македонија.
„Искрено верувам дека имаме квалитетен текст и очекувам денеска низ конструктивен дијалог да го дозаокружиме предлог-законот, што ќе ни овозможи натамошно процесирање и во форма на закон и негово конечно усвојување во Собранието“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека во изминатиот период се продолжи со усовршување на предлог-законот за употребата на македонскиот јазик откако процесот беше запрен во 2020 година по јавната дебата, на која пристигнаа голем број забелешки, кои темелно беа разгледани и вметнати во оваа верзија на предлог-законот.
„Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, чување на неговите посебности, е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека Законот за употребата на македонскиот јазик има квалитативно дополнување со моделот на заштита на јазикот, предвиден во Законот за заштита на културното наследство.
Нашата земја во функција на зголемување и подобрување на мерките за заштита на јазикот како дел од нематеријалното (духовното) културно наследство е потписничка и на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, донесена од УНЕСКО во Париз.
Во оваа насока, рече Костадиновска-Стојчевска, е и одлуката за прогласување за духовно културно наследство од особено значење од областа на јазикот на картотеките во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се регистрирани како културно наследство екс леге (ex lege), а кои оваа Влада со посебен проект ги дигитализира и трајно ги заштити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Агенцијата поднесе пријава до Обвинителството против продукцијата на Манчевски: „Направени се очигледни неправилности“

Агенцијата за филм тврди дека нема лаги и дезинформации во постапките поведени за продукцијата на режисерот Милчо Манчевски, „Банана филм“.
Од Агенцијата тврдат дека не се точни информациите оти инспекциските служби не пронашле нелогичности во работењето на оваа продукција, како што се тврди во написите испратени до медиумите преку „Банана филм“.
„Како што е јасно наведено во известувањето и записникот на инспекторатот на Министерството за култура, очигледни се нелогичности во работењето на оваа продуцентска куќа за филмот ‘Врба’. При надзорот констатирани се одредени нелогичности во однос на ангажирањето на ‘Милкман продукција’ поради што инспекторот не стекна разумно уверување за потребата од ангажирање на ‘Милкман продукција’ од Њујорк“, стои наведено во записникот од извршениот инспекциски надзор, велат од Агенцијата.
Додаваат дека со оглед на тоа што Министерството за култура не е истражен орган и нема надлежност да постапува, како што се наведува во известувањето, предметот го доставува до Управата за финансиска полиција како надлежна за натамошно постапување.
Агенцијата повторува дека продукцијата не поднела завршен финансиски извештај за средства во висина од 55.000.000 денари за филмот „Мајки“, како и низа други неправилности, и постапила според нивната законска обврска и извршила увид во документацијата по што е констатирано видно нарушување на процедурите: неподнесување завршен извештај и употреба на исправа – изјава со невистинита содржина, што според законите претставува кривично дело.
„Земајќи ги предвид овие констатации, во согласност со своите надлежности, Управниот одбор на Агенцијата за филм имаше обврска да поднесе соодветна пријава до надлежното Обвинителство и да соработува со Управата за финансиска полиција откога до оваа управа инспекторатот при Министерството за култура го доставил записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор“, се наведува во соопштението на Агенцијата и се додава дека сето тоа е поткрепено со соодветна писмена документација.
Што се однесува до извештајот на Државниот завод за ревизија, чиј текст беше изнесен во јавноста како тврдење за неправилно работење на Агенцијата за филм, потенцираат дека во него не постои констатација за материјално-финансиски недоследности. Се додава дека извештајот на ДЗРМ е во духот на вообичаената пракса при нивниот увид во државните институции, а сите препораки се однесуваат на подобрување на административниот дел од функционирањето на нашата институција, па како таков раководството и УО на Агенцијата позитивно го прифаќа како патоказ за подобрување и поефикасно постапување на институцијата во рамките на своите законски надлежности.
Култура
Кинотеката в среда го отвора летното кино со филмска вечер посветена на Желимир Жилник

Со проекција на култниот филм РАДИ РАДОВИ на Желимир Жилник на 31 мај (среда), со почеток од 21 часот, Кинотеката го отвора летното кино. Следната вечер, 1 јуни (четврток), во 21 часот ќе биде прикажан и документарецот ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК на Јанко Баљак, посветен на овој анфан терибл и еден од најангажираните творци на ексјугословенската кинематографија.
Жилник и Баљак ќе присуствуваат на проекцијата и публиката ќе има можност да разговара со нив.
РАНИ ТРУДОВИ е филм за една девојка и три момчиња обземени со прашањето дали е можно секој да стане господар на сопствената судбина? Во почетокот наидуваат на публика, луѓе што внимателно ги сослушуваат, но потоа ги отфрлаат нивните идеи бидејќи се премногу радикални. Сфаќајќи дека народот не ги прима нивните пораки, тие решаваат да страдаат заедно со него. Кога им досадува, момчињата ја спасуваат девојката од маките со тоа што ја полеваат со бензин и таа исчезнува во пламенот… а другите, најпосле среќни и исполнети, си продолжуваат да живеат.
Во 1969 година филмот ја добива „Златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал „…заради предизвикувачката конфронтација на идеологијата и реалноста, за случајната брилијантност со која ги хуманизира политичките апстракции и ја прави драмата модерна по својата форма и содржина…“. Филмот „Капитал“, базиран на истоименото дело на Маркс, е снимен во 1971 година како продолжение на „Рани трудови“, но никогаш не бил прикажуван.
Жилник е режисер, сценарист, филмски критичар, роден на 8 септември 1942 година во кампот на Црвениот крст во Ниш, каде што била затворена мајка му Милица, подоцна убиена во логорот организиран од злогласниот нацистички Гестапо; татко му Слободан бил убиен од четниците во 1944 година и Желимир пораснал во семејството на мајка си.
Жилник беше гостин на Кинотеката во 2008 година кога беше прикажан дел од неговиот исклучителен опус. Петнаесет години подоцна, еве го Жилник повторно како гостин во Кинотеката на отворање на летното кино.
Култура
„Поетроника“ в четврток на големата сцена на МНТ

Македонскиот народен театар ве кани на несекојдневно доживување со македонската поезија ставена во современ музички контекст.
В четврток, 8 јуни, со почеток во 21 часот, на големата сцена ќе се одржи „Поетроника“, проект кој претставува повеќе од едночасовен музичко-сценски електронски акт, односно перформанс во живо, а ќе биде изведен од страна на неговите творци, актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе како резултат на нивната посветеност и повеќемесечно експериментирање.
Покрај спецификата дека станува збор конкретно за македонско поетско творештво опфаќајќи ги хронолошки сите генерации поети, „Поетроника“ се разликува од сите досегашни слични обиди во самиот пристап кон наративот и се труди да ги избегне стереотипите за тоа како се интерпретира и каква музичка форма прилега на едно поетско изразување. Длабоко интимна и емотивна симбиоза од електроника, амбиент, џез-елементи и драмска нарација лишена од баналност и патетика.
Проектот е исто така некој вид сведоштво за континуитетот и конзистентноста на македонското поетско творештво, особено во време кога повторно јазикот, идентитетот и правото на културна самоидентификација се доведени во прашање.
Повеќе информации на следниот линк: https://mnt.mk/repertoar/eventdetail/1437/-/poetronika
Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, како и онлајн на веб-страницата www.mnt.mk.
ПР