Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вчера попладне на Крит се обрати на свечената церемонија на Форумот на културните рути на Советот на Европа, која се одржа во Хања, на Крит.
Церемонијата ја отвори амбасадорот Патрик Енгелберг, претседавач на Статутарниот комитет на договорот за парцијално проширување на културните рути 2022, кој им го честита вклучувањето на новите членки, Северна Македонија, Либан и Албанија.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, поздравувајќи ги високите гости, изрази благодарност што Македонија станува дел од оваа уникатна иницијатива и додаде:„ На оваа програма гледаме како на заедничка придобивка – преку нашите национални културни вредности да ја збогатиме колоритноста на идентитетската карта на Европа и преку дијалог и меѓусебно почитување да создадеме заеднички културен простор“.
„Ние сме и сакаме да бидеме и чувари и градители на европските вредности. И преку овие културни рути ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја. Веќе наоѓаме станици во утврдените 48 културни рути – од патот на браќата Кирил и Методиј, жените писателки, до патот на приказните; од патот на керамиката до патот на виното и на маслинките, но имаме идеи и енергија за нови патешествија. Зошто да не и: културни рути на акведуктите, на европските езера, на европските планински врвови, патот на јагулата, до патиштата на вкусовите, кои се вкрстуваат и на трпезата нè поврзуваат“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Досега, преку неколку компании, Македонија беше дел од рутата на маслиновите дрва и винската рута, Итер Витис. Сега како рамноправна членка нашата држава има широка платформа за приклучување во европските мрежи за промоција и афирмација во сите полиња на општествениот и економскиот сектор.
Културните рути овозможуваат развој во полето на културата, но и на економијата и одржливиот туристички капацитет на секоја земја, унапредување на односите и комуникацијата во заштитата на културното и природното наследство, во архитектурата и секој вид посебност што културните патеки го нудат за поврзување низ времето и просторот на Европа користејќи ги придобивките од историјата, но и од актуелните достигнувања на секоја земја.
Советот на Европа преку културните рути ги унапредува и афирмира човековите права, културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебната размена преку границите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Дони Мекаслин и националниот џез-оркестар

На 14 јули 2025 година, со почеток во 21:00 часот, во Македонскиот народен театар, љубителите на џезот ќе имаат можност да присуствуваат на извонреден концерт, заеднички настап на еден од најсмелите и највпечатливи саксофонисти и композитори на современата џез сцена, Дони МекКаслин и Националниот џез оркестар. Диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
Името на Дони МекКаслин (САД) стои зад едно од најзначајните музички изданија на 21 век – Blackstar, последниот албум на Дејвид Боуви, на кој токму МекКаслин беше една од клучните креативни сили што го обликуваа неговиот експериментален звук. Од тој момент, МекКаслин продолжува да ги редефинира границите на џезот, создавајќи музика која живее на пресекот меѓу жанровите – каде електрониката, арт-рокот и импровизацијата се среќаваат со слободата на изразот. За тоа сведочат албумите Blow. (2018) и I Want More (2023) – хибриден звук кој не припаѓа на еден жанр, туку на уметноста како процес на преобразба.
New York Times за еден негов концерт напиша: „Сè започна со синтисајзер што пулсира во слободен ритам, за потоа да премине во тенор-соло што звучеше и како бура и како молитва.“
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс. На самиот ден на концертот билетите ќе бидат достапни и на билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ).
Култура
Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ во Градскиот музеј во Крива Паланка

Ретроспективната изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави – ансамблот „Мањифико“, кој во своето 31- годишно постоење остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, ќе биде отворена на 5 јули (сабота) 2025, со почеток во 20,30 часот, во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Изложбата е екслузивен и траен спомен и чествување на богатиот опус на „Мањифико“ со обемна збирка од над 240 селектирани експонати, фотографии, постери, документи, аудио-визуелни снимки и архивски материјали кои сведочат за извонредната уметничка активност и достигнувањата на овој реномиран состав. Меѓу нив е и монографијата „Ансамблот Мањифико мит-легенда или реалност“, чиј автор е еден од основачите и член на овој состав Пантелеј-Панче Кочовски.
Експонатите вклучуваат 32 големи постери и 15 оригинални плакати од концерти и настапи, над 60 паноа, над 200 селектирани уметнички фотографии, аудио и видео касети, ЦД и ДВД изданија, признанија, студиски снимки, концертни програми, сценографски документи и монографското издание.
Изложбата, со која се одбележуваат 65 години од основањето на славната група, пред се, е посветена на починатите членови на „Мањифико“, сите извонредни музички ументици, на чело со вокалниот солист и ѕвезда на ансамблот, Невенка Кочовска. Во чест на овој екслузивен настан, дел од репертоарот на легендарниот состав ќе отпеат Лидија и Тања Кочовски, наследничките на Панче и Невенка.
„Последно што посакав е да оставам траен спомен на ансамблот преку експонати, сведоштва и фактографија и да ја запознаам македонската јавност со нив“, вели Панче Кочовски автор на изложбата и на монографијата.
Ансамблот „Мањифико“ е основан во далечната 1959 година и во својата 31-годишна уметничка одисеја достигнува интернационална и интерконтинентална афирмација. На својот репертоар има над 320 композиции од Латинска Америка и Шпанија, од кои над 220 на носачи на звук, 80-тина нумери за 30-тина радио станици во поранешна Југославија и Европа, 28 мали музички плочи, 5 ЛП албуми, 4 аудиокасети, 2 ЦД и неколку ДВД изданија. Најголем дел од изданијата се продавани во златен и сребрен тираж.
Во своето над 30-децениско постоење, ансамблот „Мањифико“ има настапувано во над 42 земји ширум светот, вклучувајќи ги: Австрија, Италија, Русија, Турција, Индија, Египет, САД (Индијана, Калифорнија, Илиноис, Мичиген, Невада), Австралија, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Шведска, Германија, Бугарија, и многу други. Изведени се околу 4300 концерти, со вкупна публика од над 8.700.000 посетители. Ансамблот учествувал и во театарски продукции, снимал музика за телевизија и филм, а во 16 ТВ студија низ Европа и СССР се снимени над 140 телевизиски емисии и блокови, со учество на бројни познати вокални солисти. Има настапувано и за југословенскиот претседател Тито, пред мексиканскиот претседател Лопез Матеоз, како и о победникот на Сан Ремо Тони Далара. Иако главниот репертоар е составен од латиноамериканска музика, на интернационалните настапи „Мањифико“ изведува и македонски и југословенски хитови како музичка идентификација на ансамблот и регионот. Истовремено, како познати филантропи, имаат одржано и преку 600 хуманитарни коцерти, меѓу кои и за земјотресот и поплавата во Скопје.
Покрај Невенка и Панче, дел од „Мањифико“ биле и врвните музичари Крсто Таушанов, Петар Галев, Димитар Томов, Јане Коџабашија, Хозе Свиличиќ, Владимир Нигојевиќ, Миле Барбаровски, Коце Икономов, Миле Лукаров, Димитар Павловски и менаџерот Борис Низамовски.
Култура
Концерт „Соло песни од шпански и француски композитори“ на Скопско лето

Во рамки на 46-тото „Скопско лето“ вечерва, 2 јули, ќе се одржи концерт насловен „Соло песни од шпански и француски композитори“ со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност.
Концертот е во изведба на Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано.
Билетите по цена од 300 денари се во продажба на karti.com.mk, а и ќе се продаваат и на влезот на Салата на Музејот на македонската борба за самостојност пред почетокот на настанот.